АНАЛИЗА: ЈСП вози сè помалку патници, а има енормно зголемени расходи [инфографик]

Фото: Мета.мк

Протестот на вработените од ЈСП-Скопје и вчерашниот сообраќаен хаос во главниот град е уште еден индикатор за алармантната состојба во која се наоѓа скопскиот јавен превоз. Енергетската криза со енормното зголемување на цените на нафтата и метанот, заедно со силното намалување на бројот на превезени патници со ковид-19 пандемијата, доведува до уште поитна потреба од капитални инвестиции во јавниот превоз што се ветуваат веќе четири децении наназад.

Мета.мк ги анализираше податоците од Полугодишните извештаи за работењето на ЈСП-Скопје, за периодот јануари-јуни 2019 година пред почетокот на ковид-19 пандемијата, наспроти јануари-јуни 2022 година како период на постоење на енергетската криза. Бројот на патници во скопскиот јавен превоз во првото полугодие од 2022 година е намален за над 9 милиони во споредба со три години претходно, пред појавата на ковид-19 пандемијата.

Во јануари-јуни 2022 година, со скопскиот јавен превоз биле превезени околу 13,3 милиони патници, додека пред три години, градско-приградскиот транспорт во главниот град го користеле 22.3 патници. Податоците за годинава во однос на 2021 и 2020 година се неспоредливи, бидејќи за време на ковид кризата имаше полициски часови и ограничување на движењето на граѓаните во Скопје, а со тоа и јавниот превоз во овие периоди не функционираше.

Официјалните податоци од ЈСП-Скопје покажуваат дека бројот на изминати километри на автобусите постепено се враќа во нормала како во периодите пред ковид-19 пандемијата. Па така, во првото полугодие од годинава биле поминати над 8,3 милиони километри, додека во јануари-јуни 2019 година автобусите извозеле 8,8 милиони километри по скопските улици. Иако во првите шест месеци од годинава на линиите имало поминати половина милион помалку километри, сепак бројот на превезени патници е подрастично намален, односно има помалку граѓани кои користат јавен превоз денес наспроти 2019 година.

Покрај намалениот интерес за користење на јавниот превоз, по расходната страна на Јавното сообраќајно претпријатие силен „удар“ зададе и енергетската криза, односно зголемените цени на енергенсите.

Скопскиот јавен превоз со преполовен број патници, да се мисли како да се врати довербата по ковид-19 [инфографик]

Споредбата на податоците за првото полугодие од 2019 наспроти 2022 година покажува дека ЈСП-Скопје остварило речиси идентични приходи, односно е забележан благ раст од 10 милиони денари годинава. Имено, во првите шест месеци од 2019 година биле остварени приходи од над 842,4 милиони денари, а истиот период од годинава приходите изнесуваат над 852,8 милиони денари.

Но, ако се погледне расходната страна, може да се забележи зголемување на трошењата од речиси 200 милиони денари во првите шест месеци од 2022 година, наспроти идентичниот период од пред три години. Расходите во ЈСП годинава изнесувале над 1 милијарда денари, а во јануари-јуни 2019 година биле околу 828 милиони денари.

ЈСП-Скопје годинава работи со финансиска загуба и покрај субвенциите што ги добива од Градот Скопје за потешкотии во работењето.

Полугодишниот извештај од работењето на ЈСП-Скопје за јануари-јуни 2022 година покажува дека има зголемување на трошоците за нафта од над 214 милиони денари, наспроти 93 милиони денари што биле потрошени лани. Трошоците за набавка на метан за автобусите од производителот МАН скокнале од 10,8 милиони лани на 38,1 милиони денари годинава. Зголемени се и сметките за електрична енергија, но и за природен гас.

Сепак, зголемувањето на расходната страна кај ЈСП-Скопје е резултат и на порастот на бруто платите за вработените што бил направен годинава. Па така, бруто платите во ЈСП пораснале за 6,6 отсто, односно издвоени се дополнителни 19 милиони денари за оваа намена од годинешниот буџет на претпријатието, покажува Полугодишниот извештај.

Мета.мк неодамна го контактираше Никола Крстаноски, професор по јавен градски превоз од Техничкиот факултет во Битола, којшто повторно укажа на потребата од инвестирање во алтернативен јавен превоз во Скопје. Тој во научен труд за списанието „Пресинг“ од мај годинава посочува дека Скопје има два клучни проблеми во сообраќајот: 1. конфликт помеѓу урбаното планирање во градот со високи густини на домување во делови од градот, заедно со доминацијата на употребата на автомобилот; 2. постојниот систем на јавен градски превоз не ги задоволува потребите на граѓаните.

Возењето без пари по автобуси и возови звучи идеално, но може да направи и проблеми

„Скопје со овој број на жители и оваа просторна распространетост треба да го направи следниот чекор, а тоа е да воведе висококапацитетен, брз вид на јавен градски превоз на главните коридори на патувања, со соодветно редефинирање на мрежата на линии на класичниот автобус заради изградба на оптимален единствен систем на јавен градски превоз“, наведува професорот Никола Крстаноски.

Инаку, откога дојде на власт скопската градоначалничка Данела Арсовска, една од првите работи што ги направи, е стопирањето со реализација на меѓународниот тендер за изградба на првата линија од брзиот автобуски систем во Скопје меѓу Ѓорче Петров и Ново Лисиче, за што од Владата беше обезбеден кредит од 70 милиони евра. Тендерската постапка за изведба на овој проект беше објавена од претходниот градоначалник Петре Шилегов.

Град Скопје: Тендерот за изградба на првата БРТ-линија е стопиран, нема понуди од компании