Амбасадорот на Русија и градоначалникот на Центар положија цвеќе пред споменикот „9 Мај“

Фото: Општина Центар

Делегација на Амбасадата на Руската Федерација во Република Северна Македонија, предводена од рускиот амбасадор, Сергеј Баздникин, и градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ денеска положија свежо цвеќе пред спомен-обележјето на улицата „9 Мај“ во Општина Центар, по повод одбележување на 9 Мај – Денот на победата над фашизмот.

„Ја наведнуваме главата пред сеќавањето на паднатите и заминатите. Голем поклон и бескрајна благодарност до живите херои!“, рече амбасадорот на Руската Федерација, Сергеј Баздникин.

Фото: Мета.мк

На денешната свечена церемонија, која се одржа во чест на 76-годишнината од Големата победа и завршувањето на Втората светска војна, присуствуваа и амбасадорот на Народна Република Кина, Џанг Ѕуо, амбасадорот на Сојузна Република Германија, Анке Холштајн, амбасадорот на Босна и Херцеговина, Драган Јаќимовиќ, претставник од Амбасадата на Република Србија, заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски, градоначалникот на Општина Кисела Вода, Филип Темелковски, делегации од Град Скопје и Советот на Општина Центар, почесните конзули на Руската Федерација во Охрид и Битола, Сергеј Самсоненко и Велимир Стојковски, како и претставници од Македонско-руската стопанска комора, компанијата Лукоил и Рускиот Центар при УКИМ во Република Северна Македонија.

Фото: Мета.мк

Спомен-обележјето на улицата „9 Мај“ во Општина Центар е донација од Амбасадата на Руската Федерација во Република Северна Македонија, кое минатата година е подигнато во сеќавање на милионите војници кои ги положија своите животи во име на мирот и слободата.

Фото: Мета.мк

Подигнувањето на спомен-обележјето, по повод 75-годишнината од Големата победа е дел од заедничките заложби на двете земји, за продолжување на пријателството и унапредување на партнерските односи помеѓу Руската Федерација и Република Северна Македонија.