Алиу: Социјалните мрежи треба да почнат да се регулираат

Министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу во моментов не може да заземе став за забрана на било која социјална платформа (Фејсбук, Инстаграм, Твитер, Тик Ток и сл.), но и како родител смета дека социјалните платформи како феномен на цивилизацијата на нашето време треба да почнат да се регулираат

Фото: The image was posted by Gerd Altmann on Pixabay

Министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу во моментов не може да заземе став за забрана на било која социјална платформа (Фејсбук, Инстаграм, Твитер, Тик Ток и сл.), но и како родител смета дека социјалните платформи како феномен на цивилизацијата на нашето време треба да почнат да се регулираат.

Во јавноста од неколку извори деновиве се споменува иницијативата за забрана на социјалната мрежа Тик Ток.

„Прво, цензурата е регулирана со Уставот на Република Македонија. Така што конечен став околу таква мерка може да следи само по координирана активност со правосудните институции и со останатите образовни и безбедносни институции во државата. Оттаму ја поддржуваме иницијативата на МОН за евалуација на ризиците од сите социјални платформи. МИОА има јасен став дека е против секој вид на говор на омраза или насилство, без исклучок, и поддржуваме санкционирање на секој извор на говор на омраза/насилство. Потребно е да направиме дистинкција помеѓу говор на омраза/насилство како и извори на говор на омраза/насилство од една страна и самите платформи за говор преку кои таков говор би се трансимитирал. Оттаму, Министерството ги зема во предвид сите социјални платформи без исклучок. Иако во моментов не заземаме став за забрана на било која социјална платформа, но и како родители, силно сметаме дека социјалните платформи како феномен на цивилизацијата на нашето време треба да почнат да се регулираат“, се вели во соопштението.

Од МИОА информираат дека веќе се преземаат подготвителни активности во тој правец за кои јавноста ќе биде информирана.

„Апелираме за зголемување на свесноста за социјалните платформи на наставно образовниот кадар и кај родителите, и огромно внимание. Дополнително, вклучително и до невладиниот сектор, како и останатите државни институции, телевизиски и радио концесионери, да продуцираат содржина со образовно воспитен карактер и да ги пополнуваат празнините на социјалните платформи со добри содржини“, велат од Министерството.