Снимка на екранот од избришаниот твит на академик Катица Ќулавкова, членка на МАНУ.

Академик Катица Ќулавкова, членка на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) предизвика огорченост на социјалните мрежи откако објави твит со кој изнесува ставови кои беа оценети како националистички и шовинистички.

Ќулавкова на 6 јуни 2020 г. на својот твитер профил објави твит со текст „Цената на соживотот ја плаќаме со животот“, на иста линија со наративите кои ги шират националистичките и шовинистички кругови во Северна Македонија, според кои за ширењето на болеста ковид-19 се виновни етничките заедници кои не се етнички Македонци и христијани.

Снимка на екранот од избришаниот твит на академик Катица Ќулавкова, членка на МАНУ

Под „соживот“ генерално се подразбира практиката на вековно заедничко живеење и толеранција меѓу различните етнички и верски заедници од Република Северна Македонија, која е спротивност на практиката на етничко чистење и геноцид која поради напливот на национализам ја искусија неколку други балкански земји во војните при распадот на бивша Југославија.

Твитот на Ќулавкова бил споделен 53 пати, претежно од анонимни твитер профили кои се дел од „армијата на тролови“ што редовно дава поддршка на десничарската популистичка партија ВМРО-ДПМНЕ.

Оваа „фарма“ е дел од пропагандната машинерија, чиј дел се и низа влијателни медиуми со делумна унгарска сопственост, која деновиве засилено ги обвинува муслиманите, особено етничките Албанци и Роми, како главни преносители на новиот корона вирус и виновници за засилувањето на епидемијата.

Многумина реагираа исклучително негативно на ваквиот потпалувачки твит. Така, реномираната писателка Румена Бужаровска изјави преку својот профил Фејсбук:

„Би било прекрасно еднаш и засекогаш академската заедница а и останатите да престанат да ја сметаат оваа личност за некаква интелектуалка и да ѝ даваат легитимитет и понатаму да шири националистичка омраза и паника“

Посетата на твитер-профилот на Катица Ќулавкова околу три и пол часа по објавата покажа дека таа си го избришала потпалувачкиот твит. Веднаш потоа таа објавила нов твит со текст: „Твитот е личен и нема никаква врска со меѓуетничката македонска ситуација.“

До сега ниту една од државните академските институции, меѓу кои и МАНУ и државните универзитети, се немаат произнесено со став или покренување дисциплински постапки во конкретни случаи кога одредени нивни членови односно професори ширеле говор на омраза или дезинформации.