Во двомесечниот период од нејзиното основање на 26 декември 2019 година, Агенцијата за слободен пристап до информации од јавен карактер приоритет во работењето стави на решавањето на заостанатите предмети од 2018 и 2019 година. Станува збор за поплаки кои стоеле во фиоки, како резултат на нефункционирањето на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер, која поради неекипираност не можела полноправно да одлучува.

„Постапено е и одлучено по повеќе од 750 жалби, а од одделни баратели односно иматели на информации, (жалители), Агенцијата повратно е известена дека е постапено по решенијата и бараните информации се доставени до барателот“, се вели во соопштението на Агенцијата за слободен пристап до информации од јавен карактер.

До крајот на март, Агенцијата до Собранието ќе го достави збирниот извештај за имплементацијата на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер за минатата година. Паралелно на ова, тие ги евидентираат и обработуваат пристигнатите годишни извештаи за 2019 година, кои имателите на информации имаа обврска да ги достават до Агенцијата до крајот на јануари годинава.

Агенцијата за слободен пристап до информации од јавен карактер работи и на ажурирање на листата на иматели на информации, кои во согласност со новиот Закон се иматели на информации и како такви се должни да определат службено лице и да достават адресни, контактни и други потребни податоци. Во подготовка се и подзаконските акти кои Агенцијата мора да ги донесе во согласност со Законот и тука првенствено се работи Упатството за начинот на спроведување на Законот.

Комисијата за заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер не функционираше во периодот од мај 2018 до декември 2019 година. Тогашниот претседател Ѓорѓи Сламков си даде оставка, а на дел од членовите им заврши мандатот. По неколку месечната блокада, македонското собрание кон крајот на декември 2019 година ја избра Пламенка Бојчева за директорка на Агенцијата за слободен пристап до информации од јавен карактер, по што истата профункционира како правен следбеник на дотогашната Комисија.

foom-logo-disklejmer

Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.

Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.