Тимот кој специјалната обвинителка, Катица Јанева, го избра да работи со неа на материјалите што произлегуваат од прислушуваните разговори, предизвика различни реакции кај адвокатите и кај поранешните обвинители.

Дел од нив се резервирани, а дел задоволни од изборот и очекуваат резултати.

– Одличен е тимот, тоа се луѓе кои работеле на помали случаи и поради (партиска) неисполнителност не им било дозволено да одат напред – вели познат скопски адвокат.

На прашањето што мисли за тоа што и Лиле Стефанова е во тимот на Јанева, тој вели дека иако е позната по политички монтирани случаи, сепак „мора да се шара малку“.

Според адвокатот Оливер Вуксановиќ, новите обвинители се врвни стручњаци.

– Сите колеги се одлични, големи стручњаци и верувам дека ќе направат одлична работа. Јас имам доверба во нив – вели Вуксановиќ.

Поранешниот судија во Уставниот суд, Трендафил Ивановски, за „24Вести“, пак, изјави дека нема големи очекувања.

Вели дека тимот на Јанева, прво, е многуброен и, второ и поважно, составен од обвинители што и досега имале можност да се докажат како борци против криминалот и корупцијата.

Со оцената на Јанева дека станува збор за истакнати професионалци кои уживаат доверба и висока репутација, се согласува Костадин Кизов, поранешен претседател на Советот на обвинители, пренесе „Дојче веле“.

– Сите се избрани во периодот меѓу 2010 и 2014 година, кога јас бев претседател на Советот на обвинители. Речиси сите се со завршена академија за судии и за обинители, сите поминале обука за новиот закон за кривична постапка, сите биле на соодветни стручни обуки во земји на ЕУ. Сите се релативно млади и верувам дека ќе одговорат на предизвикот. Со оглед дека обвинителката има обврска по шест месеци да достави извешај за нивната работа, точно ќе знаеме дали ја оправдале укажаната доверба. Инаку, досега сме немале претставки од граѓани за нивната работа во обвинителствата каде што биле избрани – вели Кизов.

Адвокатот од Битола, Васко Ѓеоргиев, вели дека не ги познава сите, но ако треба да го изгради првичниот впечаток според оние што ги познава, тогаш е оптимист.

– Дел од предложените обвинители добро ги познавам. На пример, Снежана Бундалевска е искусен обвинител и верувам дека ќе постапува строго професионално. Слично мислење имам и за Артан Ајран и Трајче Пеливанов и очекувам сериозно да одговорат на функцијата. Не треба да се шири некаков песимизам поради нечија младост или помало искуство. И не треба да се заборави дека најголем дел од работата ќе ја вршат истражителите. Тие ќе ги „хранат“ обвинителите со материјални докази, по кои обвинителите ќе бидат должни да постапат. Исто така, сметам дека ќе бидат целосно исклучени некакви изигрувања на законот, бидејќи нивната работа ќе биде под силен странски и домашен надзор – вели Ѓеоргиев.

За разлика од него, адвокатот Александар Тортевски не е оптимист во однос на предложениот тим, но ќе биде многу среќен ако го демантираат.

– Според предлогот, изгледа дека четирите партии еднакво партиципирале со свои кандидати. Кога јас би требало да избирам, од тој тим би избрал само тројца. Иако не сакам тоа да се случи, стравувам дека ќе има страшно протекување на информации, токму поради партиското „делегирање“ кадри. Се плашам дека некои од нив ќе бидат повеќе лојални на партијата отколку на институцијата. Генерално, тимот не ми влева надеж, но – да им дадеме шанса. Ќе бидам многу среќен ако ме демантираат и во таков случај подготвен сум јавно да им се извинам – вели Тортевски.