Избран новиот владин кабинет, Мицкоски рече дека мора да ја користи „срамната придавка Северна“

Мицкоски во заклетвата го користеше уставното име Република Северна Македонија, претходно појаснувајќи дека придавката Северна за него е срамна, но во моментов е немоќен да смени било што

-

Собранието на Република Северна Македонија, со 77 гласа „за“ и 22 „против“, ја избра новата Влада, чиј состав го предложи новоизбраниот премиер Христијан Мицкоски. Против Владата гласаа пратениците од СДСМ и Левица, а Европскиoт фронт ја напушти седницата кратко пред нејзиното завршување.

Во владејачкото мнозинство учествуваат три политички субјекта, Коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, „Вреди“ и ЗНАМ, а согласно резултатите од 11. парламентарни избори, што се одржаа на 8 мај.

Христијан Мицкоски е 13-ти премиер, а ова е 20-та влада од осамостојувањето на Македонија.

Во Владата ќе има 23 министри, а од нив пет ќе бидат и вицепремиери. Мицкоски во заклетвата го користеше уставното име Република Северна Македонија, претходно појаснувајќи дека придавката Северна за него е срамна, но во моментов е немоќен да смени било што.

Фото: Влада на РСМ

„Ќе ја кажам срамната придавка пред заклетвата затоа што тоа мене лично ме потсетува на срамот што ѝ го нанесовте на мојата татковина, на моето семејство и моите неродени внуци и на тие по нив. И да, ќе правам се додека сум жив политички и како човек сè што е во моја моќ оваа неправда да ја исправам, за жал во овој момент сум немоќен и во овој момент и јас како човек ќе морам да капитулирам пред вас и да ја кажам таа срамна придавка затоа што таа за жал е дел од законот и Уставот што морам како претседател на владата да ги почитувам“, рече Мицкоски.

За предлог-програмата за работа на Владата и за нејзиниот состав се расправаше два дена. Во дискусијата на седмата седница на Собранието учествуваа пратеници од сите шест пратенички групи во овој собраниски состав.

По изборот, членовите на новиот владин кабинет дадоа свечена изјава.

Фото: Собрание на РСМ

За министер за одбрана е избран Владо Мисајловски, за внатрешни работи – Панче Тошковски, а за министер за правда Игор Филков. Со Министерството за односи меѓу заедниците ќе раководи Иван Стоиљковиќ, а со Министерството за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.

За министер за европски прашања е избран Орхан Муртезани, за финансии Гордана Димитриеска Кочоска, а за економија и труд Бесар Дурмиши. Со Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини ќе раководи Сања Божиновска, додека за министер за земјоделство, шумарство и водостпонаство е избран Цветан Трипуновски.

Арбен Таравари е избран за министер за здравство, Весна Јаневска за образование и наука, Фатмир Лимани за социјална политика, демографија и млади, а Златко Перински за локална самоуправа.

Собранието го избра и Зоран Љутков за министер за култура и туризам , Стефан Андоновски за дигитална трансформација, а Горан Минчев за јавна администрација. За министер за транспорт и врски е избран Александар Николоски, за животна средина и просторно планирање Изет Меџити , а за спорт Борко Ристовски. За министри без ресор се избрани Љупчо Димовски, Шабан Салиу и Арбен Фетаи.

Македонските стрип-автори меѓу најбројните на Меѓународниот салон во Белград

На 21. Меѓународен салон на стрип во Белград, кој од 26 до 29 септември се одржува во Студентскиот културен центар, македонските учесници традиционално се меѓу најбројните. На распишаниот стрип-конкурс...