Поради обилни врнежи од дожд проследени со град што ги зафатија скопскиот, тетовскиот и гостиварскиот регион на патниот правец Скопје – Тетово – Гостивар има одрони и помали свлечишта и тоа посебно од наплатна станица Глумово до Карпалак и Групчин.
„Апелираме до учесниците во сообраќајот крајно внимателно да управуваат со возилата како и да ја прилагодат брзината спрема условите на патот“, велат од ЦУК.
Најголеми се штетите од невремето во Скопје, Гостивар и во Тетово.
Од невремето во Скопје во оперативниот центар на ЦУК стигнале околу 70 пријави од 112 кои претежно се за паднати дрва во општините Аеродром, Гази Баба и Центар. Има и пријави за поплавени подруми и улици во Бутел и Ѓорче Петров.
„Сите пријави се пренесени на надлежни институции“, додаваат од ЦУК.
Во скопска Автокоманда дел од оградата заедно со рекламно пано од железничкиот мост во Автокоманда паднале врз две возила во движење. Нема имформации за повредени лица. Има бројни пријави за паднати дрвја, поклопени автомобили, одвеани покриви.
Од ЦУК информираат и дека во поплавена куќа во општина Јегуновце во с. Сиричино има заглавено семејство. Тетовската противпожарна служба работи на нивно извлекување.
Во Тетово, една од блокираните сообраќајници бил и подвозникот на влезот во градот Тетово и патот за Скопје, каде имало потреба од интервенција на противпожарната единица. Во иста состојба бил и подвозникот на улицата „Дарданија“, пренесува Порталб.мк.
Силниот ветер и градот направија штети на земјоделските култури и овошните насади.