Фото: Архива на Мета

Кредитната агенција „Стандард и Пурс“ го потврди кредитниот рејтинг на земјава, ББ- со стабилен изглед, информираат од Министерството за финансии.

Стабилниот изглед како што се нотира во извештајот кој го објавува кредитната агенција за Република Северна Македонија, ги рефлектира очекувањата дека проектираното економско задравување на нашата држава ќе помогне во лимитирање на фискалниот и надворешниот дефицит во следната година.

Агенцијата нотира дека рејтингот може да се зголеми доколку континуираните структурни реформи ги зајакнат институционалните капацитети истовремено зачувувајќи ги одржливите фискални политики.

Аспирациите за пристапување на нашата држава кон ЕУ може да бидат сидро за таквите институционални подобрувања и напредок на структурните реформи, се истакнува во извештајот.

„Економијата на Република Северна Македонија се опоравува од последиците од пандемијата. И покрај котракцијата во првото тримесечје, очекуваме дека економијата ќе оствари раст од 3,7 проценти. Растот е придвижен од здравото закрепнување на странската побарувачка, којашто ги рефлектира спецификите на интеграцијата на Република Северна Македонија во меѓународните синџири на добавувачи, како и приватната потрошувачка, како резултат на придобивките од заздравувањето на приватните трансфери и од владините мерки за поддршка на стопанството коишто го ублажија расположливиот доход“ се вели во извештајот.

Потенцијалното влошување на состојбата со пандемијата и придружните ограничувања остануваат ризик за економското закрепнување, но како што забележува кредитната агенција „извозот на земјата се покажа отпорен на наметнатите ограничувања“.

Во однос на државниот долг агенцијата очекува истиот да достигне 58 проценти од БДП до 2024 година.

Истовремено Законот за буџети, којшто е во процедура на носење, може да помогне во зацврснување на прудентните фискални политики и зајакнување на фискалната рамка.

Надворешната отпорност на Република Северна Македонија се огледува во способноста во привлекување странски инвестиции особено во областа на извозниот сектор, што може да се види и во состојбата на дефицитот на тековната сметка. Се очекува овој позитивен тренд да продолжи и во периодот од 2021 – 2024, се нотира во извештајот на кредитната агенција.