Нов рекорд во колекционерството на видео игри – копија на „Супер Марио Брос“ продадена за 2 милиони долари

Конзолата Нинтендо со играта „Супер Марио Брос“ | фото: Yagamichega / Wikimedia Commons

Платформата за колекционери „Рели“ во петокот соопшти дека анонимен купувач платил 2 милиони американски долари за неотворена копија на видео играта „Супер Марио Брос“ од 1985 година. Ова е највисоката сума платена досега за една видео игра, а продажбата го сруши досегашниот рекорд поставен пред помалку од еден месец, кога верзија на играта „Супер Марио 64“ беше продадена за 1,56 милиони долари. Овие две игри на „Супер Марио“ засега се единствени во гејминг индустријата од кои една копија е продадена за над еден милион долари.

Повеќето од најскапите игри се продадени на аукции, но копијата на „Супер Марио Брос“ вредна 2 милиони долари, оваа сума ја достигнала на поинаков начин.

Платформата „Рели“ функционира на тој начин што купува игри и други колекционерски предмети, како стрипови, кои потоа ги претвора во мали компании во кои луѓето ќе можат да инвестираат. Кога некое лице ќе се понуди да ја купи играта, сите инвеститори што имаат удел во неа гласаат дали да ја продадат.

„Рели“ ја купил неотворената копија на „Супер Марио Брос“ за 140.00 долари во април минатата година.

„Д Врџ“ (The Verge) пишува дека во текот на изминативе неколку месеци, рекордот за најскапи видео игри бил неколку пати надминат. Во април слична копија на „Супер Марио Брос“ беше продадена за 660.000 американски долари, по што следуваше нов рекорд кога копија на „Легендата од Зелда“ на аукција беше купена за 870.000 долари.

Инаку, во моментов во светот постојат повеќе од 40 милиони копии на играта „Супер Марио Брос“ наменета за системот „Нинтендо“.