„Супер Марио 64“ стана најскапата игра на светот

Супер Марио 64
„Супер Марио“ за конзолата Нинтендо 64, фото: Digital Game Museum / WiikimediaCommons

Запечатена копија на видео-играта „Супер Марио 64“ е продадена на аукција за над 1,5 милиони американски долари, рушејќи ги сите досегашни рекорди, пишува „Би-би-си“.

Оваа игра од 1996 година наменета за конзолата „Нинтендо 64“ е првата видео-игра која е продадена за повеќе од еден милион долари.

Касетата со играта „Супер Марио“ била оценета со рејтинг 9,8 А++, што значи дека била во речиси совршена состојба и дека нејзиниот печат е недопрен и „како нов“. Аукциската куќа „Херитиџ“, која стои позади продажбата, соопшти дека во светот има помалку од пет примероци кои се толку добро зачувани.

„Супер Марио“ беше најпродавана игра на системот „Нинтендо 64“ и на неа се гледа како на една од најважните игри во историјата на видео-игрите. Истовремено беше и првата игра на „Марио“ направена во 3Д.

Сепак, изненадување од рекордно високата сума искажала и самата аукциска куќа. Со оваа продажба „Херитиџ“ надмина уште еден свој рекорд кој го постави во петокот, откако оригиналната игра „Легендата од Зелда“ (The Legend of Zelda) од 1988 година беше продадена за 870.000 американски долари, што на кратко време ја направи најскапата игра во светот.

Нејзиното место само три дена подоцна го зазема „Супер Марио 64“.

Аукциите од изминатава недела забележале голем спектар на видео-игри продадени по високи цени. Така, копија на „Final Fantasy 3“ за „Супер Нинтендо“ била продадена за 96.000 долари, исто како и копија на „Зелда: Линк кон минатото“ (Zelda: A Link to the Past).