По успехот на Дрита Ислами, и атлетичарите Ивановски и Поп Арсова соборија два државни рекорди

Атлетичарот Дарио Ивановски; Извор на фотографија: Фејсбук страница на Атлетската федерација на Македонија

Два нови национални рекорди за Македонија се поставени на Европскиот Куп којшто викендов се одржа во Кипар. Атлетичарот Дарио Ивановски го оствари рекордот од 8:06.66 во дисциплината 3.000 метри. Тој заврши на третото место на натпреварот во неговата дисциплина. Атлетичарката Адријана Поп Арсова патеката долга 5.000 метри ја истрча за 17:42, поставувајќи го третиот по ред државен рекорд изминатиов викенд, информираат од Атлетската федерација на Македонија.

Извонредниот настап на македонските атлетичари и атлетичарки на Европското првенствено, во саботата го заокружи атлетичарката Дрита Ислами, која на 400 метри со пречки победи на трката и постави нов државен рекорд.

Добриот резултат на македонските атлетичари е уште позабележителен, со оглед на фактот што станува збор за екипен шампионат, во кој атлетичар(к)ите се борат за бодови за својата репрезентација, а не за личен пласман.