Незаконскиот отстрел на дивеч, користењето на примки, мрежи и стапици за фаќање диви животни, труењето и незаконската трговија со диви видови се најчестите случаи на криминал врз дивиот свет во Македонија, е заклучокот од работилницата за борба против криминалот врз дивиот свет, што ја организирше Македонското еколошко друштво со поддршка од Здружението на јавните обвинители. Во август годинава Државниот инспекторат за животна средина донесе Стандардна оперативна процедура за постапување при ваквите случаи, но освен за овој документ, во моментот во државата не постојат јасни меѓуинституциски процедури за постапување кога се работи за криминални активности врз дивиот свет. Тоа резултира со многу малку обвиненија и уште помалку пресуди за ваков вид на дела.
Според учесниците од работилницата, потребно е формирање на Национален фонд за покривање на активности поврзани со сузбивање на еколошкиот криминал, како и редефинирање и усогласување на законските одредби од областа на животната средина.
„Потребни се повеќе обуки поврзани со кривичните дела против дивиот свет наменети за правосудните органи, инспекциските служби, но и за ловочуварските и ренџерските служби, а треба да се формира и посебна единица за сузбивање на еколошкиот криминал при Министерството за внатрешни работи, како и да се работи на подигнување на јавната свест за вакви видови кривични дела“, посочуваат од МЕД.
Од оваа организација уште еднаш ја истакнаа потребата и да се воспостават прифатилишта за повредени диви животни и животни запленети при незаконска трговија, бидејќи овие животни нема каде да се третираат, па за таа намена се користат капацитетите на скопската Зоолошка градина.
„Идејата да организираме ваква работилница произлезе од потребата да се отвори дискусија со правосудните органи за предизвиците и причините за неуспешниот исход на истрагите со криволов и имплементираните казни за истите дела. Мило ни е дека успеавме да оствариме соработка со Здружението и со Академијата за судии и јавни обвинители, како и да овозможиме простор за дискусии со цел да имаме конкретни предлози за понатамошно зајакнување на капацитети во сузбивање на криминалот врз дивиот свет“, вели Арта Старова, проектен координатор на БалканДетокс LIFE од МЕД.
Претседателот на Здружението на јавните обвинители, Елвин Вели, изјави дека задачата на правосудните органи е од суштинско значење во борбата против овие криминални активности.
„Нашата улога е не само да ги истражуваме и гониме сторителите, туку и да работиме на превенција и свесност. Мораме да соработуваме со различни институции, организации и локални заедници за да ги идентификуваме и спроведеме законите кои се однесуваат на заштита на животната средина и дивиот свет. Исто така заеднички може да иницираме предлог-измени на законски и подзаконски акти во насока на спречување и превенција на овој вид на криминал онаму каде што ќе биде потребно“, смета Вели.
Заменик директорот на Академијата за судии и јавни обвинители, Илир Исени, вели дека постои потреба од зголемена едукација и подигнување на свеста во правосудниот систем.
„Нашата држава воспоставила правни механизми кои нудат решенија за справување со овие кривични дела, но, невладините организации кои делуваат во оваа област откриваат многубројни слабости, посебно за административните капацитети на институциите и судовите. Воедно, како главни причини се посочуваат отсуството на соодветна координација на национално ниво и ресурси за спроведување на истраги“, вели Исени.