Учениците од гимназијата „Никола Карев“ победија на европското средношколско првенство во кошарка

„Од квалификациите до денеска, екипата на „Никола Карев“ имаше четири победи. На денешното финале, Каревци ги победија нивните врсници од Чешка со резултат 99:95, во жестока и неизвесна игра до самиот крај“, информира за Мета директорот Андреј Манолев

Фото: Федерација на училишен спорт на Македонија

Во неизвесна игра до самиот крај, со само четири бода разлика, учениците-кошаркари од скопската гимназија „Никола Карев“, денеска во финалето на Европското првенство за средношколци ја победија екипата на Чешка, од училиштето „Бохумил Храбал“. Под покровителство на Федерација на училишен спорт на РСМ, за прв пат во историјата на државата беше одржано Европско првенство во кошарка за средношколци (машки и женски екипи).

На првенството кое се одржа во спортската сала во училиштето „Невена Ѓеоргиева Дуња“ во населбата 11 Октомври, Кисела Вода, учествуваа средношколски екипи од седум држави – Франција, Чешка, Црна Гора, Република Српска (БиХ), Србија, Црна Гора и Македонија.

„Од квалификациите до денеска, екипата на „Никола Карев“ имаше четири победи. На денешното финале, Каревци ги победија нивните врсници од Чешка со резултат 99:95, во жестока и неизвесна игра до самиот крај“, информира за Мета директорот на гимназијата Андреј Манолев.

Во женска категорија, победата на шампионатот ја однесе екипата што ја претставуваше Чешка.

Поддршка за организацијата на ова прво Европско првенство за средношколци има од Кошаркарската федерација на Македонија, Агенцијата за млади и спорт, како и од Град Скопје.