Хаосот со избирачкиот список мора да се расчисти докрај, а сите луѓе што се вмешани во изборени криминал ќе мора да одговараат, рече дополнителниот заменик-министер за земјоделство, Љупчо Николовски, на средба со грѓаните во Битола.
– Сведоци сме и на обидот на Уставниот суд да ги амнестира, односно да овозможи помилување на сите што учествувале во фалсификување на народната волја. Оваа власт на ВМРО-ДПМНЕ ги впрегна сите институции во функција да се одржи на власт на локално и на централно ниво. Само вчера објавивме еден огромен скандал со кој потврдивме дека и државните институции се злоупотребени, дека и парите на земјоделците не оделе кај вистинските земјоделци, туку завршуваат кај луѓе и фирми блиски до власта. Но, едно е јасно, институциите ќе се демократизираат, избирачкиот список мора да се прочисти докрај. Мора да се направи теренска проверка од страна на Државната изборна комисија – рече Николовски.
Николовски е сигурен дека граѓаните нема да дозволат Уставниот суд да ја исполни наредбата што е дадена на послушниците кои се судии во Уставниот суд, а што доаѓа од владејачката партија.
Тој смета дека граѓаните ќе го заштитат Уставот на Република Македонија, а дека сите што се вмешани во изборен криминал мора да одговараат.