Министерството за внатрешни работи во изминатите 24 часа издало потврди за искажана намера за барање азил на вкупно 210 мигранти. Од нив, според државјанството, 158 биле со потекло од Сирија, додека другите 52 мигранти биле ирачки државјани.
Од почетокот на годината до вчера, според податоците на МВР, низ земјава поминале вкупно 87.840 мигранти, на кои им биле издадени потврди за искажана намера за барање азил.
Како што информираат од МВР, во текот на вчерашниот ден до Секторот за азил биле поднесени четири нови барања за признавање на правото на азил, со што вкупниот број на странски државјани што од 1 јануари досега побарале да останат во земјава изнесува 29 лица. Од нив 22 се сириски, а 7 се авганистански државјани.