По повод големиот христијански празник Успение на Пресвета Богородица, премиерот Никола Груевски им го честита празникот на сите верници од православна вероисповест и испрати честитка до поглаварот на Македонската православна црква-Охридска Архиепископија, г.г Стефан.
„Дозволете ми Вам лично, на членовите на Синодот и на сите православни верници, од мое лично име и од име на Владата на Република Македонија, да Ви го честитам големиот христијански празник Успение на Пресвета Богородица и да ја изразам мојата желба за многу среќа, радост и мир во душите на сите христијански верници“, стои во честитката.
Празнувањето на овој ден, како што се наведува, е славење на светлината на Дева Марија, која преку својот безгрешен, достоинствен и богоугоден живот е благословена со раѓањето на нашиот спасител Исус Христос.
„Чистината на нејзината душа ја прави оваа жена достојна за најголемиот христијански чин, а со тоа и вечен пример за сите нас кои со восхит и почит гледаат на нејзиното дело. Добрината и искреноста, чесноста, грижливоста и чистината на душата се принципите и патоказот по кој и мајката божја, и целото христијанство не учи и упатува, оттука е и големината на денешниот празник и неговото значење“, се вели во честитката.
Посветеноста на мајчинството и љубовта кои, како што се наведува, се белег на нејзиниот земен живот секогаш ќе не потсетуваат на бесценетоста на семејството.
„Поддршката и потпората добиени од домот даваат сила да се издржат најголемите предизвици и искушенија. Затоа на овој ден посебно, но и на секој друг, да се потсетиме на значењето на семејството како суштински елемент за одгледување и животен развој на децата кои се богатството и иднината на секоја земја. Во духот на христијанството да ја пренесеме добрината со која сме благословени, на знајните и на незнајните луѓе со кои во секојдневието ни се вкрстуваат патиштата. Правејќи добри дела, создаваме трајни вредности и секој на тој начин придонесува со свој личен пример за иднината на нашата земја, нејзината изградба и развој“ стои во честитката од премиерот Груевски.