Вечерва,од 20.30 часот, пред платото на Домот на поезијата во Струга, свечено ќе бидат отворени Струшките вечери на поезијата.
Покрај традиционалното читање на „Т`га за југ“, годинава поетско послание ќе има познатиот сириско-либански поет Адонис, кој ќе се обрати во име на сите поети учесници и лауреати на Златниот венец.
Веднаш по отворањето ќе се одржи меѓународното поетско читање „Поетски меридијани“, а по настапот на групата „Фолтин “ ќе има поетско читање на учесниците од поетската платформа „Версополис“.
Претпладнево во Паркот на поезијата ќе биде засадено дрво и ќе има поетско читање во чест на добитникот на „Златниот венец“.
Годинешен добитник на „Златниот венец“ на Струшките вечери на поезијата, е кинескиот поет Беи Дао. Tој и во 2003 година беше учесник на фестивалот.
– Дефинитивно наградата е многу важна за мене, но многу поважен е поетскиот фестивал кој продолжува да влијае и да ги оформува луѓето. Ова е еден од најстарите поетски фестивали во светот – изјави Беи Дао по пристигнувањето во Струга, изненаден дека, како што рече, толку мала држава може да има толку големо и длабоко влијание во светската поезија.
Градоначалникот на Струга, Зијадин Села најави дека и оваа година ќе ги бојкотира Струшките вечери на поезијата, а причината за тоа е дека фестивалот нема да биде отворен на албански јазик.