Дваесетгодишен охриѓанец го загубил животот во сообраќајна незгода што вчера попладне се случила на регионалниот пат Охрид – Свети Наум, кај населбата Лагадин.

Според полициските информации, сообраќајката се случила околу 15 часот, а во неа учествувале автомобил, марка „форд мондео“ со охридски регистарски ознаки, управуван од П.П. (30) од селото Косел и моторцикл „хонда“, што го управувал Б.С. (17), кому сопатник му бил починатиот Тони Т. (20).

По несреќата, возачот на моторот со тешки повреди бил пренесен во Клиничкиот центар во Скопје, а Тони Т., кој бил пренесен во болницата „Свети Еразмо“, околу 20.20 часот им подлегнал на повредите.

Јавен обвинител и полициска екипа извршиле увид на местото и работат на утврдување на причините и на околностите во кои се случила несреќата. По наредба на јавен обвинител, телото на починатиот било дадено за обдукција.