!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Земјотресот во Иран усмрти 530 лица и уништи 30.000 домови


       
Техеран, 14 ноември, 2017 - 16:30 (META) 

Земјотресот кој завчера го погоди Иран усмрти 530 лица, соопштија денеска локалните власти, додавајќи дека поради малите шанси за пронаоѓање на преживеани се запираат спасувачките операции.

По ударот на земјотресот со јачина од 7,3 степени во областа кај иранско-ирачката граница, преживеаните, од кои многумина останале без покрив над глава, во текот на ноќта се бореле со ниските температури, а следниот ден повторно се соочиле со недостиг на храна и вода.

Иранската новинска агенција ИРНА наведува дека според бројот на загинатите ова е најсмртоносниот земјотрес во последните 10 години.

Повеќе од илјада лица се повредени, а 30.000 домови и две села се целосно уништени.

Претседателот Хасан Рохани соопшти дека неговата администрација ќе покрене истрага за големите штети на зградите изградени во рамки на државниот проект во пограничниот регион меѓу Иран и Ирак, кој е најсилно погоден од земјотресот. Тој најави дека повторно и во најкраток можен рок ќе го изгради регионот.