Загрозениот сведок во „Монструм“ лаже, тврдат адвокатите


       
Скопје, 24 август, 2018 - 13:50 (META) 

Тензична ситуација на моменти се случуваше во судницата 1 во Основниот суд Скопје 1 на сослушувањето на загрозениот сведок во случајот „Монструм“ на СЈО, бидејќи тој за првпат кажа дека видел четири тела критичната вечер на 12 април 2012 на Смиљковско Езеро, известува „СДК“

– На 19.04. 2012 пред истражен судија сте рекле дека сте дознале за настанот утредента од телевизија и од Интернет. Денеска рековте дека сте виделе 4 тела. Што е точно, која е вистината? – бурно реагираа обвинетите и одбраната.

– Реков дека на критичниот ден бев на лице место, видов 4 тела, а што точно се случило дознав утредента од медиумите – рече загрозениот сведок.

Во еден момент одбраната се посомнева дека сведокот од друга просторија ги чита одговорите, па обвинителката Фатиме Фетаи праша како тој знае дека „ние овде заедно со адвокатите и обвинетите ќе му ги поставиме сите овие прашања и тој во истата секунда ќе прочита готов одговор?“

Судењето продолжува на 31 август, кога судијата Огнен Ставрев ќе му поставува прашања на загрозениот сведок.