Уметничка акција за патогени бактерии во Градски парк и во ТЦ „Буњаковец“

За подобра заштита, според младиот уметник Озбек Ајваз, есенцијално е да се обезбедат пристојни јавни тоалети, особено на јавни места како паркови, улици и трговски центри

Фото: Озбек Ајваз

Младиот уметник Озбек Ајваз утрово во центарот на Скопје претстави уште две скулптури од неговиот проект за подигнување на свеста и информирање на граѓаните за секојдневната опасност од патогените бактерии кои се појавуваат на места каде што не постојат јавни тоалети и санитарни услови.

Во близина на трговскиот центар „Буњаковец“ е прикажана бактеријата Klebsiella, која има потенцијал да биде сериозна опасност за ширење на зараза. Станува збор за бактерија која може да предизвика различни видови на инфекции, вклучително уринарни инфекции, пневмонија и инфекции на крвотокот.

Фото: Озбек Ајваз

Втората скулптура, поставена во Градскиот парк кај фонтаната Лотус, ја претставува бактеријата Proteus mirabilis, која е лесно пренослива и исто така предизвикува разни инфекции.

„Недостигот од пристап на основни хигиенски услови ги изложува луѓето на ризик од контакт со различни патогени бактерии кои можат сериозно да му наштетат на човековото здравје. Недостигот на пристап до чиста вода, хигиенски средства и други санитарни хигиенски услови може да го зголеми ширењето на бактерии како клебсиела и протеус мирабилис да резултира со зголемен број на здравствени проблеми во заедницата“, вели уметникот Ајваз.

За подобра заштита, според него, есенцијално е да се обезбедат пристојни јавни тоалети, особено на јавни места како паркови, улици и трговски центри. Проширувањето на пристапот до хигиенски услови, не само што го подобрува здравствениот статус на заедницата, туку и спречува ширење на заболувања и компромитирање на квалитетот на јавното здравје.