Уставните измени стапија на сила, од вчера сме Република Северна Македонија


Скопје, 13 февруари, 2019 - 9:17 (META) 

Преспанскиот договор од вчера и официјално е на сила и почнува остварувањето на неговите одредби, со што и Македонија го смени своето име во Северна Македонија. Владата исто така го промени нејзиното име во Влада на Република Северна Македонија.

Како што објасни Владата, вчера во „Службен весник“ е објавен Преспанскиот договор, а на сила се и уставните амандмани, од 33. до 36. како и Уставниот закон за нивното спроведувaње. Уставните амандмани беa изгласани пред повеќе од еден месец, на 11 јануари.

Една од првите работи што ќе се направат е поставување табла со името „Република Северна Македонија“ на граничниот премин „Богородица“. Церемонијата ќе почне во 14 часот.


Москва: Уставните измени не се по волја на народот, Советот за безбедност на ОН да расправа за името


Москва, 14 јануари, 2019 - 17:19 (META) 

Одделот за информирање и печат на руското Министерство за надворешни работи (МНР) изгласувањето на новите амандмани на македонскиот Устав за промена на името на земјава го нарече „вештачка промена на името на државата со цел форсирано внесување на Скопје во НАТО“ и порача дека проблемот со преименувањето на земјава да се разгледува од Советот за безбедност на Обединетите нации во согласност со членот 3 од Резолуцијата 845 на Советот.

„Станува збор за продолжување на процесот на вештачко менување на името на државата под странски притисок со цел насилно внесување на Скопје во НАТО. Тоа е прекршување на македонските закони. Ставот на шефот на државата и ставот на мнозинството од населението кои го отфрлаат Преспанскиот договор се игнорираат. Постојаните протести во Скопје и другите македонски градови покажуваат длабока поларизација на општеството. Очигледно е дека ваков начин на решавање на прашањата од национално значење за иднината на земјата не е одраз на волјата на нејзиното население и не може да служи како алатка за долготрајно решение за проблемот со имемто на земјата“, се вели во соопштението.

Од руското МНР велат дека и развојот на настаните во Грција, односно оставката на Панос Каменос, досегашниот министер за одбрана и претседател на Независни Грци, коалицискиот владин партнер на СИРИЗА, зборува за „експлозивноста на ситуацијата“. Дополнително, се обвинува и дека во Грција се спроведува истата формула како во Македонија – притисок за усвојување на Преспанскиот договор преку газење на волјата на грчкиот народ.

„Ставот на Руската федерација за проблемот со името на македонската држава останува неизменет: мора да се најде одржливо решение без надворешни притисоци, наметнати решенија и услови од надвор, кое ќе се заснова на широка јавна поддршка – и во Република Македонија и во Грција – и единствено во рамките на правото. Сметаме дека ова прашање мора да се разгледува од од Советот за безбедност на Обединетите нации во согласност со членот 3 од Резолуцијата 845 на Советот за безбедност.


Поминаа 2/3 од патот за промени во Уставот


Скопје, 4 декември, 2018 - 13:22 (META) 

Владејачкото мнозинство до сега успеа да заврши две третини од фазите кои се потребни за да се постигне промената на Уставот со уставни амандмани согласно Договорот од Преспа помеѓу Македонија и Грција. Од вкупно 15 чекори, преостанаа уште 5. Во целокупниот процес, на предлагачот на измените, во овој случај на Владата, во два наврати и е потребно двотретинско мнозинство. Еднаш за да го отвори и еднаш за да го затвори Уставот, процедура која трае неколку месеци.

Пратениците на 19 октомври со двотретинско мнозинство од 80 пратеници донесоа одлука за пристапување кон измена на Уставот односно го отворија Уставот. Изминатите три дена Собранието со мнозинство гласови ги усвои нацрт-амандманите за измената на Уставот и од денеска тие се ставени на јавна дискусија која ја организира предлагчот – во случајов Владата.

Потоа ќе се поднесуваат амандмани на нацрт-амандманите за кои ќе се води претрес во две комисии – Законодавно правната и Комисијата за уставни прашања. Откако Собранието со апсолутно мнозинство од 61 пратеник ќе се изјасни за секој од амандманите на уставните амандмани, се закажува седница за измена на Уставот за која е потребно двотретинско мнозинство која е крајната фаза за изменет Устав.

Одлуката за измена на Уставот, односно за затворање на Уставот, треба да ја донесе Собранието со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Измената на Уставот ја прогласува Собранието. Ова се очекува да се случи до средината на јануари.


Мицотакис: Уставните измени се полоши од самиот Договор од Преспа


Атина, 6 ноември, 2018 - 16:16 (META) 

Претседателот грчката опозициска партија Нова демократија, Кирјакос Мицотакис, говорот пред неговата пратеничка група на денешниот состанок, го почна со прашањето за името и Договорот од Преспа, упатувајќи критики до актуелната грчка влада.

Мицотакис рече дека уставните измени кај нас се уште полоши од самиот договор, но и повтори дека неговата партија нема да гласа за ратификација на решението меѓу двете земји.

– Договорот од Преспа континуирано го зголемува бројот на веќе завршените негативни факти, како што се чини од процесот на уставни измени во соседната земја. Оние работи што се носат за промени во новиот Устав на Скопје се уште полоши од самиот Договор од Преспа. Односно да го кажам ова поедноставно: со нејзините одлуки, владата му дозволи на Скопје веќе да се подбива со Грција – рече Мицотакис.

Лидерот на најголемата грчка опозициска партија уште еднаш порача дека тие нема да гласаат за Договорот од Преспа и истакна дека Ципрас „се обврзал ратификацијата во Парламентот да биде пред изборите, стремејќи се кон некоја трампа”.

– Уште еднаш ќе кажам, Нова демократија нема да гласа за Договорот од Преспа, ниту сега, ниту по изборите. А единствен начин, со сигурност, да не се ратификува овој договор е да се одржат национални избори пред да дојде во Парламентот. Но, очигледно е дека господинот Ципрас се обврзал скопското прашање да го помине во Парламентот, пред земјата да оди на избори и дека се стреми кон некаков вид на трампи. Едно е сигурно, не станува збор за трампи што ќе бидат во корист на земјата, туку за некои привремени политички бенефиции за кои господинот Ципрас има илузија дека ќе му служат нему и на неговата партија – вели Мицотакис.