Тимотеј: МПЦ-ОА побара признавање на автокефалноста, за името сега не се зборува


Скопје, 31 мај, 2018 - 11:00 (META) 

Македонската православна црква испрати барање до Вселенската патријаршија за признавање на автокефалноста, а какво име тие би прифатиле, ние не можеме сега да коментираме, не е сега време за тоа, изјави за „Мета“ владиката Тимотеј, портпарол на МПЦ-ОА.

Македонската црква барањето за признавање на автокефалност го испратила пред еден месец, а писмо испратил и македонскиот премиер Зоран Заев, кој во своето писмо побарал Вселенската Патријаршија да преземе иницијатива за враќање на црквата во канонски рамки под името Охридска архиепископија.

Во меѓувреме, од Истанбул стаса соопштение дека иницијативата е прифатена и барањето ќе се разгледаува.

„Беше разгледано барањето на расколничката црква во Скопје, барање поддржано и преку писмото на премиерот на ПЈРМ, господинот Зоран Заев, за преземање иницијатива од Вселенската Патријаршија за враќање на црквата во канонски рамки под името Охридска архиепископија и одлучи да се разгледа и да го стори тоа што треба врз основа на условите, што не можат да се прекршат, на историските и канонските надлежности и прерогативите на Вселенскиот патријарх“, се вели во соопштението на веб-страницата на Вселенската Патријаршија.


Контраспин: Ниту името, ниту „браникот на таковината“ зависат од Агатангел


Скопје, 15 февруари, 2018 - 8:24 (META) 

Две и пол деценискиот спор со Република Грција за името е политички, државен. Владиката Агатангел, се разбира дека може да има став, меѓутоа не може да настапува во име на Македонската православна црква (МПЦ –ОА), а особено не смее да повикува на одбрана на „татковината и на името“ (!), од проста причина што тоа не е црковно прашање. Зачудува и зошто токму сега на владиката му текна дека може да се искине „македонскиот ѓердан бисери“? Не слушнавме таква загриженост кога пред три години опозицијата ги објави прислушуваните разговори, во кои јасно се слуша како претходната власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ водела тајни преговори со Грција и дека за македонската страна било прифатливо сложено име при што се споменуваат референци: независна, суверена, демократска и географски одредници, пишува „Вистиномер.мк

Оливера Војновска

Митрополитот Повардарски Агатангел деновиве  (10.02.2018) најнапред преку напис во дневниот весник „Нова Македонија“, а потоа и во уште попрецизна изјава која ја пренесе прилепската регионална телевизија „Канал визија“, испрати спинерска порака во која го повика „македонскиот народ во одбрана на македонското име и на татковината“.

Спин: …Ние сме еден ѓердан македонски и сега некој сака само да земе жилет и да го сецне и бисерите да излетаат да ги снема, бисер да не остане. Но, нема, имаме ние комити тука наши Македонци, имаме браќа што цврсто ќе застанат на браникот на одбрана на нашата татковина Македонија и јас верувам дека тоа ќе се случи. И оние што сакаат туку-така лесно, на многу лесен начин да го дадат името и убедуваат, гледам, некои министри на документарни емисии политички, аналитичари што првпат ги гледаш кога станаа аналитичари не знам, претпоставуваат нешто…. Јас го молам  (народот ) и тоа ми е пораката во излагањето мое во „Нова Македонија“ од саботата и неделата, повик кон целиот македонски народ: Да земеме да си ја сочуваме нашата државата, да застанеме цврсто на браникот на одбраната на татковината, на нашето име, на нашиот македонски јазик, на нашата македонска Црква, на нашата култура, на нашата историја… Можете да замислите сега Бугарите бараат од нас да ја менуваме историјата… Страшно нешто… (од 1,41 до 3,14 минута од видеото)

Затоа, го молам целиот наш македонски народ цврсто да застане на браникот, политичарите да размислат добро што прават, они се пролазни, денеска се утре не се… Но, и вие новинарите, чувајте ја, бранете ја, сакајте ја од длабочината на вашето срце и верувајте ми ќе бидеме најбогат народ (од 5, 30 до 6,03 минута од видеото)

[Извор: „Нова Македонија,  датум: 10.02.2018]

[Извор: „Канал визија“ ФБ страница, датум: 12.02.2018]

 

Контраспин: Ваквиот настап на владиката Агатангел, во кој ја обвинува власта дека има нечесни намери да го смени името на државата и го повикува македонскиот народ да „застане цврсто на браникот на одбрана на татковината“ , воопшто не приличи за едно свештено лице и претставува политички спин.

Kontraspin-foto-Vistinomer-1024x281-e1500652724996

Самиот настап  на митрополитот Повардарски е прилично проблематичен, со оглед на фактот што тој се стави во улога на политичар и се замеша во работи кои се надвор од ингеренциите на Црквата. Според Уставот, Македонија е секуларна држава и верските заедници не треба да се мешаат во нејзината работа. Уставот ја „гарантира слободата на вероисповеста“но истовремено во член 19, став 3 прецизно кажува дека:

Македонската православна црква, другите верски заедници и религиозни групи се одвоени од државата и се еднакви пред законот.

Две и пол деценискиот спор со Република Грција за името е политички, државен. Владиката Агатангел, се разбира, може да има став, меѓутоа не може да настапува во име на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ –ОА), а особено не смее да повикува на некаква одбрана на „татковината и на името“ (!), од проста причина што тоа не е црковно прашање.

Впрочем, тоа денеска го кажа и потпаролот на МПЦ-ОА, Тимотеј, кој во изјава  за „Макфакс“ вели дека секој има право на свое мислење, но потенцира доколку владиката Агатангел навистина изјавил такво нешто, тоа не е став на Синодот, ниту на Црквата.

Не го видов, не знам за што станува збор. На Црквата не ѝ е работа да се занимава со востанија. Таа треба да се грижи за духовниот живот на верниците, а не да се занимава со дневнополитички прашања и партиски престрелкивели Тимотеј за „Макфакс“.

Во однос на името, сигурно дека ниту еден Македонец не сака да му се менува името, но тоа не е наша работа. Ако тоа не задира во идентитетот и јазикот, тоа е оценка за оние што се платени за тоа. Впрочем, сите ќе може да се изјаснат, бидејќи тоа прашање ќе оди на референдум. Наше е да шириме мир, љубов и разбирање меѓу луѓето, а не да работиме на нивно разидување“, додава владиката Тимотеј.

Од друга страна, зачудува зошто токму сега на владиката Агатангел му текна дека „ние сме еден ѓердан македонски и сега некој сака само да земе  жилет и да го сецне и бисерите да излетаат да ги снема, бисер да не остане“, па го повикува народот да застане на браникот на татковината“ :

…Имаме ние  комити тука наши Македонци, имаме браќа што цврсто ќе застанат на браникот на одбрана на нашата татковина Македонија и јас верувам дека тоа ќе се случи.

Не слушнавме од Агатангел вакви патриотски повици кога пред три години (мај 2015) опозицијата ги објави прислушуваните разговори, во кои јасно се слуша како претходната власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ водела тајни преговори со Грција за спорот името, дека за македонската страна било прифатливо сложено име при што се споменуваат референци: независна, суверена демократска…, како и географски одредници.

Исто така, несфатливо е како може еден великодостојник, од кој се очекува да проповеда милост, почит и љубов меѓу верниците, да си дозволи да говори со гнев , па дури и со омраза, како што тоа го прави Агатангел (во текстот објавен во „Нова Македонија“) кон актуелните политички личности кои ги водат преговорите. Иако тој не споменува конкретни имиња, сепак, може да се препознае на кого милси Агатангел кога вели „нечестивиот“ и кои лица имаат „нечесни намери“, па поради тоа ќе „завршат на ѓубриштето на историјата“:

Пред нас е исправен нечестивиот со неговите поделби и немири. Без наше учество во неговото недело, неговите намери се безвредни, а неговата сила е бессилна и хаотична. Неговата намера е јасна, а неговите постапки се очигледни. Ни се предлага безумство и нечуена лудост. Не само што сме присилени да се самоукинеме како македонски народ, туку треба и да им бидеме благодарни за тоа на новите кумови… 

Имаме шанса, драги мои, да ги посрамиме сите оние што имаат задни и нечесни намери. Нашето одлучно „не!“ на нивните предлози се нивниот најголем пораз. Нашата решителност и одважност за националните прашања силно ќе одекнат во светот. Преку нив ќе си го зачуваме образот и ќе го надградиме нашиот углед. Не постои власт во светот што може да оди против својот народ. Оној што се обидел да оди спротивно од народните потреби и интереси неславно и во срам завршува на ѓубриштето на историјата

И, за жал, токму пелинот што извира од тонот, со кој на ваков начин Агатангел се обраќа до неговите „драги Македонци“, се заканува да ги искине бисерите од македонскиот ѓердан, за кој, наводно, толку многу е загрижен.


Попоски утре на манифестацијата „Македонија за св.Кирил“


Рим, 23 мај, 2017 - 13:47 (META) 

Министерот за надворешни работи во заминување, Никола Попоски утре ќе ја предводи државно црковната делегација на гробот на Свети Кирил во базиликата „Сан Клементе“ во Рим со кој ќе чиноначалствуваат митрополитот дебарско – кичевски Тимотеј и митрополитот европски Пимен, при што ќе положи цвеќе на гробот на светителот.

Попоски заедно со претседателот Ѓорге Иванов на 26 мај, како дел од државно – црковната делегација, ќе присуствуваат на аудиенцијата кај Папата Франциск, а веднаш потоа ќе имаат средба со Државниот секретар на Светата Столица, кардиналот Пиетро Паролин, во Апостолската Палата.

Традиционалната манифестација „Македонија во чест на Св. Кирил“ на 25 мај годинава ќе биде збогатена со настап на музичката група „Баклава“, која во Рим ќе ја претстави македонската изворна музичка традиција.

Попоски утре ќе присуствува и на неформалниот состанок на министрите за надворешни работи од земјите од Западен Балкан на покана од италијанскиот министер за надворешни работи, Анџелино Алфано.


Владика Тимотеј: Во овој момент не гледам маж во Македонија кој ќе урива црковни објекти!


Охрид, 10 април, 2015 - 14:34 (META) 

„Ние ќе продолжиме да градиме, а ако некој сака да дојде и да урива, нека повели, нека се најде маж што ќе урива манастирски имот. Јас сум сигурен дека барем сега, во овој момент, во Македонија нема таков!“
Ова, во интервју за порталот „Охрид 1“ го нагласи митрополитот дебарско-кичевски и плаошки, владиката Тимотеј, зборувајќи за проблемите кои МПЦ – ОА ги има со земјиштето во Свети Наум, каде државата оформи туристичко-развојна зона.

Градбите кои црквата ги прави се во интерес на народот и ќе продолжиме да градиме и да го штитиме имотот на црквата, вели владиката Тимотеј, ставајќи ги во ист контекст и градбите во Заум, кај Трпејца.

Во интервјуто, владика Тимотеј зборува за повеќе отворени прашања кои беа актуелни во јавноста, но и за тоа колку народот во епархијата е близок до верата. За организацијата на верскиот празник Богојавление Водици во Охрид, вели дека црквата е способна ако треба и сама да го организира. Сите конструктивни предлози од народот треба да се земат предвид бидејќи, како што вели, луѓето кои сега се презентираат како организатори на овој празник, со своето на моменти недолично однесување, сериозно се придвижиле да влезат во отворен конфликт со МПЦ – ОА.

– Радува тоа што младите генерации се враќаат во вистинското православие и на вистински начин ја практикуваат православната вера, притоа без да потпаѓаат под влијанија на некој пагански обичаи и адети, туку се водат директно по православните обреди и верата ја прифаќаат како филозофија на живеење, која дава духовни одговори и издигање над материјалниот свет – вели митрополитот Тимотеј.

Владиката Тимотеј зборува и за црковните прашања во Австралија, но и за тоа колку нашата дијаспора е блиска до црквата. Тој вели дека илјадници луѓе од други вери станале поданици на МПЦ – ОА, склучувајќи бракови со Македонки и венчајќи се во нашите цркви.

– Австралија е мултиетничка земја и е свет на жените. Радува тоа што постојано забележуваме тренд македонските жени, кога склопуваат бракови со луѓе од други вери, да се венчаат и во нашите православни цркви. Тие на тој начин ја шират нашата вера и тоа е честа појава, Македонките да покрстуваат луѓе од другите нации и вери и да ги внесуваат во нашата света Македонска православна црква – вели во интервјуто за „Охрид 1“, владиката Тимотеј, надлежен архиоереј на Дебарско-кичевската епархија.

 


Владика Тимотеј: Здружението „Богојавление” не ја афирмира црквата туку личните интереси


Охрид, 11 јануари, 2015 - 13:28 (META) 

Охридскиот владика г. Тимотеј и оваа година нема да го фрла крстот за големиот верски празник Водици – Богојавление во водите на Охридско Езеро. Минатата година се шпекулираше дека владиката не се појави – официјално поради болест, неофицијално – поради присуството на премиерот Груевски, додека годинава открива други причини.

– Нема да бидам тука за Водици бидејќи ќе сум на службено патување во Австралија – вели митрополитот дебарско-кичевски и плаошки, владика г. Тимотеј, но додава дека на МПЦ-ОА не ѝ е потребно никакво здружение на граѓани, невладина организација или друга државна институција за да ја афирмира. Притоа мисли на Здружението „Богојављение“ кое ја организира манифестацијата.

– Тие од тоа здружението никогаш ниту барале согласност од нас ниту, пак, ја афирмираат црквата во реалност. Не би сакал да ја коментирам оваа програма бидејќи нема да бидам тука, но мислам дека се работи само за лични интереси, пред сè комерцијални – вели митрополитот Тимотеј за порталот „Охрид 1“.

Владиката Тимотеј додава дека фрлањето на крстот е дело на македонскиот народ.

– Прашајте ги кога е формирано тоа здружение и од кога се фрла крстот и ќе видите дали е тоа нивна активност или е активност на Црквата и на целиот македонски народ – ја пренесува порталот изјавата на митрополитот Тимотеј.
Владиката г. Тимотеј, комерцијализацијата на празникот ја оценува како антицрковна.

– Сето тоа што го прават со активности по кафеаните е антицрковно, само да се изнапијат, препијат, да се изнајадат и прејадат. Тоа ли е афримација на црква? Проверете колку од нив знаат да се прекрстат и од сето тоа ќе видите колку се верници и колку ја афирмираат црквата, поточно воопшто не ја афирмираат ни верата ни црквата, туку го прават обратното – додава владиката Тимотеј.

Здружението „Богојавление“, според неговата официјална веб-страница функционира од 2003 година кога „Љупчо Арнаудов и Митко Пендов ја покренале иницијативата за формирање на градски одбор кој врз себе ќе ја преземе целокупната организација на манифестацијата. Одборот, со погоре споменатите членови, почна да функционира во 2003 година, кога претседателот на одборот Љупчо Арнаудов беше и првиот кум“.

Локалната власт во Охрид години наназад отворено го подржува здружението, а двајцата последни градоначалници прифатија да бидат и кумови. Актуелниот, Бакрачески, на последната прес-конференција отиде чекор понатаму и лично ја соопшти речиси целата програма за оваа година. Кумови за празникот Водици во Охрид оваа година се скопскиот стопанственик Зоран Милевски и српскиот пејач Жељко Јоксимовиќ.