fbpx

Владика Тимотеј: Здружението „Богојавление” не ја афирмира црквата туку личните интереси

-

Охридскиот владика г. Тимотеј и оваа година нема да го фрла крстот за големиот верски празник Водици – Богојавление во водите на Охридско Езеро. Минатата година се шпекулираше дека владиката не се појави – официјално поради болест, неофицијално – поради присуството на премиерот Груевски, додека годинава открива други причини.

– Нема да бидам тука за Водици бидејќи ќе сум на службено патување во Австралија – вели митрополитот дебарско-кичевски и плаошки, владика г. Тимотеј, но додава дека на МПЦ-ОА не ѝ е потребно никакво здружение на граѓани, невладина организација или друга државна институција за да ја афирмира. Притоа мисли на Здружението „Богојављение“ кое ја организира манифестацијата.

– Тие од тоа здружението никогаш ниту барале согласност од нас ниту, пак, ја афирмираат црквата во реалност. Не би сакал да ја коментирам оваа програма бидејќи нема да бидам тука, но мислам дека се работи само за лични интереси, пред сè комерцијални – вели митрополитот Тимотеј за порталот „Охрид 1“.

Владиката Тимотеј додава дека фрлањето на крстот е дело на македонскиот народ.

– Прашајте ги кога е формирано тоа здружение и од кога се фрла крстот и ќе видите дали е тоа нивна активност или е активност на Црквата и на целиот македонски народ – ја пренесува порталот изјавата на митрополитот Тимотеј.
Владиката г. Тимотеј, комерцијализацијата на празникот ја оценува како антицрковна.

– Сето тоа што го прават со активности по кафеаните е антицрковно, само да се изнапијат, препијат, да се изнајадат и прејадат. Тоа ли е афримација на црква? Проверете колку од нив знаат да се прекрстат и од сето тоа ќе видите колку се верници и колку ја афирмираат црквата, поточно воопшто не ја афирмираат ни верата ни црквата, туку го прават обратното – додава владиката Тимотеј.

Здружението „Богојавление“, според неговата официјална веб-страница функционира од 2003 година кога „Љупчо Арнаудов и Митко Пендов ја покренале иницијативата за формирање на градски одбор кој врз себе ќе ја преземе целокупната организација на манифестацијата. Одборот, со погоре споменатите членови, почна да функционира во 2003 година, кога претседателот на одборот Љупчо Арнаудов беше и првиот кум“.

Локалната власт во Охрид години наназад отворено го подржува здружението, а двајцата последни градоначалници прифатија да бидат и кумови. Актуелниот, Бакрачески, на последната прес-конференција отиде чекор понатаму и лично ја соопшти речиси целата програма за оваа година. Кумови за празникот Водици во Охрид оваа година се скопскиот стопанственик Зоран Милевски и српскиот пејач Жељко Јоксимовиќ.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Петровска го доби Ковачки на суд и се откажа од 10.000 евра што требаше тој да ѝ ги плати за клевета

Основниот граѓански суд - Скопје утврдил граѓанска одговорност за клевета врз министерката Славјанка Петровска од Драган Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ. Петровска на својот профил на Фејсбук ја објави пресудата. „Како што...