Мицкоски: Од денеска почнувам со посети на терен, да го чујам гласот на народот


Скопје, 13 март, 2018 - 13:51 (META) 

Македонија тоне, а македонскиот граѓанин едвај врзува крај со крај. Тоа мораме да го промениме. Од денеска ќе бидам на терен, во непосредна комуникација и разговори со граѓаните, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

– Во периодот кој следува, почнувајќи од денес, огромен дел од моето време ќе го посветам на теренските посети, во непосредна комуникација и разговори со граѓаните. Ќе бидам присутен во секој град, во селата, населбите, улиците, во општинските комитети на ВМРО-ДПМНЕ да го чујам гласот на народот, да разговараме за иднината на државата, затоа што Македонија заслужува и мора подобро. Салонската политика е едно, а вистинската слика лежи меѓу обичниот народ, помеѓу граѓаните – вели Мицкоски.

Според него, Македонија стагнира во сите области, нема проекти, нема нови идеи, нема работа, ниту пак реформи.

-Ништо не се работи, ниту создава. А не се работи затоа што имаме неспособност во секое поле. Неспособност да се зајакне економијата, неспособност да го унапредат земјоделието, да ги реформираат здравството и судството, да обезбедат поквалитетно образование, неспособност да ја придвижат Македонија кон Европската унија – вели лидерот на опозицијата.

Мицкоски потенцира дека на Македонија и треба нов, млад и способен кадар и додава дека ВМРО-ДПМНЕ има кадар и програма која се подготвува од домашни и странски експерти.


ДЗС: Се преземаат мерки за спречување поплави, неколку места се критични


Скопје, 2 декември, 2017 - 14:03 (META) 

На одредени места постои опасност од излевање на водата надвор од речните корита, предупредија од Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС). Од дирекцијата велат дека зголемување на нивото на водата е забележано на реките Треска, Радика, Сатеска, Кичевска, по горниот тек на Вардар во атарот на селото Раотинце, како и на нивните притоки.

„Подрачните одделенија за заштита и спасување, во соработка со единиците на локална самоуправа, извршија увид на критичните точки на водотеците. Се преземаат мерки за спречување поплави“, велат од ДЗС.

Од ДЗС додаваат дека будно ја следат состојбата на терен и дека силите за заштита и спасување се во состојба на зголемена мобилност, поради најавите за интензивирање на врнежите од дожд наредните денови.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, вели дека се во постојан контакт со Управата за хидрометеоролошки работи.

– Ја следиме состојбата и штом ќе добиеме соодветни сознанија, односно официјални потврди, ќе се спроведат сите процедури што се во наша надлежност – изјави Николовски по презентацијата на предлог-буџетот за земјоделство за 2018 година.


Николовски: Пожарите се гаснат со стара нефункционална механизација


Скопје, 5 август, 2017 - 17:27 (META) 

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, денеска беше на теренот кој беше опожарен во с. Моране, Скопско.

– Во овие моменти најважно е да се задржи присебноста и граѓаните да имаат доверба во институциите кои се на терен. Ангажирани се припадници на армијата, хеликоптерите на АРМ, дојдени се уште два хеликоптери на помош од Бугарија и од Турција. Имаме пожарникари на терен, вработени во државни институции и се работи да се локализираат сите пожари – изјави Николовски.

Тој додаде дека поради неодговорното работење на ВМРО- ДПМНЕ, денеска надлежните служби работат во нестандардни услови, со стара нефункционална механизација.

Николовски посочи дека во вакви тешки услови за работа, сите ангажирани лица даваат сè од себе за брзо и ефикасно гаснење на пожарите, за дел од кои постои сомнеж дека се намерно подметнати.

– Тоа што сигурно како Влада ќе го направиме, ќе биде реформа во системот за одговор на кризи. Овој хаос наследен од минатата Влада ќе биде доведен во ред, како и сè друго во нашава земја и веќе нема да се случува – додаде Николовски.

Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство (МЗШВ) исто така информираше дека од денеска важи забраната за целосно движење во шуми.

Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) денеска соопшти дека на територијата на Македонија има активни пожари. Сè уште е активен пожарот во атарот на селото Требовље, кој сега е префрлен во месноста Фојник и оди кон село Близанско.

Сува трева и нискостеблеста шума горат во Калуѓерец и Радуша. Во општина Чашка, на планински предел во селата Лисец и Јаболчиште активни се авионите на Дирекцијата за заштита и спасување.

На планинскиот предел во селото Дреново, активен е шумски пожар на непристапен терен за гасење.

Кај селото Копанце, Тетовско, гори сува трева по сртот на планината Жеден и не е зафатена шума. На терен се ангажирани лица од Територијалната противпожарна единица.


Тетовецот Симјановски го освои првото место на ултрамаратонот на Фрушка Гора


Тетово, 24 април, 2017 - 15:34 (META) 

Ултрамаратонецот Александар Симјановски од Тетово го освои првото место на ултрамаратонот на Фрушка Гора, Србија, кој се одржа изминатиов викенд.

Се работи за трка по планинска патека долга 107 километри, а вкупната денивелација на патеката изнесува околу 4.200 метри.

Симјановски ја истрчал патеката за 16 часа и 38 минути. На целта заедно со него пристигнал и Србинот Зоран Прегогачиќ, со кој го поделија првото место.

– Поголем дел од трката водев, потоа ми се приближи Зоран Прегогачиќ. Цело време трчавме заедно, бевме многу исцрпени, теренот беше лош и на 18 километри од целта се договоривме да не се натпреваруваме меѓусебно затоа што тоа премногу нè исцрпуваше. Падна договор заедно да влеземе на целта и до таму да трчаме со исто темпо, за да не се преоптоваруваме – рече Симјановски.

Ултрамаратонот на Фрушка Гора е традиционален и првпат почнал да се одржува во 1978 година.


„Балкан енерџи“: Работиме на дефектот, не се знае кога граѓаните ќе добијат парно


Скопје, 12 јануари, 2017 - 15:19 (META) 

Екипите на „Балкан енерџи“ веќе се на терен и интензиво работат на санација на дефектот заради редовна испорака на топлинска енергија до сите потрошувачи, информираат од компанијата.

– Поради големината на дефектот, во овој момент невозможно е да се даде прецизна проценка кога тој ќе биде отстранет, но се прават напори редовното снабдување со топлина до сите потрошувачи да биде воспоставено во најкраток можен временски рок – се вели во соопштението на „Балкан енерџи“.

За дополнителни информации потрошувачите можат да се обратат во Центарот за грижа на потрошувачи на телефон: (02) 3076 200.

Поради дефект (губење на вода) во дел од толинската мрежа, прекината е испораката на топлинска енергија за дел од потрошувачите во централното градско подрачје и во делови од општина Карпош.


Илија Димовски од Штип ја најави предизборната работа на терен


Штип, 18 октомври, 2016 - 13:02 (META) 

Веднаш по распушатањето на Собранието, довчерашниот координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, од Штип ја почна предизборната работа на терен. Тој најави дека ќе отидат во секое населено место, кај секој граѓанин, поради тоа што, како што рече, „овојпат во прашање е стабилноста на државата“.

Во однос на правењето на пратеничките листи, Димовски не соопшти имиња и се повика на постапката што тече во сите градови.

-Имаме огромен број квалитетни кадри, како во Штип така и во другите градови. Конкуренцијата, нормално, е присутна, но е и квалитет. Тоа значи добра понуда за граѓаните. Ќе се одржат работни состаноци на сите нивоа на партиските органи, а затоа конечно ќе одлучи централниот комитет на партијата, во рамките на роковите што се предвидени – рече Димовски.

Неофицијално, уште отсега се споменуваат неколку имиња од Штип кои би се нашле на пратеничката листа од изборната единица број три. Покрај пратеникот од трите собраниски состави, Трајче Димков, се споменуваат уште и актуелниот претседател на Советот на Општината Штип, Влатко Миташев, и проректорот на Универзитетот „Гоце Делчев“, Кирил Барбареев, како сосема ново име во овие комбинации.


Во поплавените подрачја ќе се врши вонредна дезинсекција


Скопје, 26 август, 2016 - 18:11 (META) 

Градот Скопје ќе ја изврши теренска дезинсекција во поплавените подрачја по барање од Министерството за здравство, а по претходно донесен заклучок од Владата.

Вонредната дезинсекција против комарци ќе се изврши утре од 23 до 2 часот по полноќ.


Струја добија сите во поплавените подрачја


Скопје, 16 август, 2016 - 16:51 (META) 

ЕВН Македонија ја заврши првата фаза од санацијата на дистрибутивната мрежа во скопскиот регион најпогоден од поплавите, информираат од компанијата.

– Сите трафостаници во населените места кои најмногу страдаа од големото невреме се под напон и сите корисници можат да се приклучат на дистрибутивната мрежа. И покрај можноста да бидат приклучени под напон уште десетици корисници чии домови се под вода и кал, остануваат без електрична енергија, бидејќи во моментов не е безбедно – велат од ЕВН Македонија.

Од таму исто така додаваат дека и во населбата Илинден, трафостаниците кои беа под вода се веќе исчистени и ставени под напон. Следната фаза која ЕВН Македонија ја почнува во овој регион е чистење на мерните ормари од кал и нивно сушење од влага, како и замена на оштетените броила, столбови и друга енергетска опрема.

– Ќе се заменат сите оштетени енергетски објекти и ќе се реконструира во целост дистрибутивната мрежа на трошок на компанијата – информираат од таму.

ЕВН апелира корисниците во регионот каде се санира мрежата ништо да не преземаат на своја рака и за се што е потребно околу инсталациите и енергетската опрема да се во координација со нивните екипи.


Гласачите што не биле дома повторно се проверуваат во базата на податоци на ДИК


Скопје, 12 април, 2016 - 11:25 (META) 

ИТ-тимовите на Државната изборна комисија (ДИК) сè уште административно (со вкрстени проверки) ги проверуваат повеќе од 41.435 лица што не биле пронајдени дома при теренската проверка. По проверката, членовите на ДИК треба да го разгледаат извештајот на јавна седница, која ќе се одржи попладневно.

Како што вчера соопшти ДИК, анкетарите при теренската проверка се сретнале со 35.481 гласач, со 41.435 не се сретнале, а за 10.436 не е даден одговор на прашањето дали се сретнале или не.

Од проверените гласачи, 8.878 се на привремена работа во странство, ама живеат на наведената адреса, 5.093 живееле на таа адреса, па се иселиле, 523 живееле, но починале, а 2.495 гласачи живеат во земјава, ама на друга адреса.

Од теренската анкета потврдено е дека 7.216 гласачи живееле на адресата што била проверувана, ама се иселиле, 1.303 живееле, ама во моментов не се знае каде се, додека 26 лица се запишани на адреси на јавни институции. Проверките покажале дека во 15 случаи објектот не постои, а во исто толку случаи објектот бил руиниран.

Претставниците на СДСМ вчера не гласаа за извештајот од теренските проверки и тој беше усвоен со седум гласа „за“.

Претходно, презентирањето на извештајот од теренската проверка на спорните гласачи во ДИК, помина во бурна расправа меѓу членовите на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ.

Тие поинаку ги толкуваат бројките од пополнетите и внесени прашалници од теренската проверка на 87.352 гласачи.

Според Игор Милев, член на СДСМ во ДИК, многу од прашањата во анкетните листови се неодговорени и за нив треба да се направат дополнителни вкрстени проверки.

– Лицата што беа анкетари се несоодветни за таа работа, а досега немаме извештај и за тоа кој сè ги внесувал податоците во системот на Државната изборна комисија. Биле ангажирани лица од различни институции, кои немаат потпишано документ за неиздавање тајни податоци – рече Милев.

На неговото изложување, реплицираше Силвана Бонева, член на ДИК од ВМРО-ДПМНЕ, која рече дека генералниот секретар бил задолжен за лицата што ги внесувале податоците.

– Сите знаете дека беа склучени договори со вработени во Министерството за информатичко општество и администрација, кои ги внесуваа податоците. Ако се сомневате дека генералниот секретар не ја завршил работата како што треба, требаше на работен состанок уште еднаш да ги провериме тие лица – изјави Бонева.

Членовите на ДИК од СДСМ оспоруваат и повеќе од 15.000 прашалници кои, според нив, се спорни врз основа на тоа дека повеќе од 20 гласачи живеат во иста куќа и други повеќе од 17.000 прашалници на гласачи кои ги има само во една база што беше проверувана од ДИК.


Новиот снег на Попова Шапка ги врати скијачите на ски-патеките


Тетово, 19 март, 2016 - 11:40 (META) 

Мартовскиот снег од половина метар, кој изминатава недела падна на Попова Шапка, ги врати скијачите на патеките. Сите ски-лифтови и жичарници работат.

– Снегот е прекрасен, како што го немаше изминатиов месец и половина, одлично ни дојде. Патеките за скијање се убаво подготвени – вели еден посетител.

Од раководството на „Попова Шапка“ информираат дека новиот снег ги натерал туристичките агенции викендов да организираат тури во центарот.

Дел од посетителите се разочарани што сопственикот на претпријатието „Попова Шапка“, државната компанија ЕЛЕМ, многу малку инвестира во центарот.

– Пред сè, треба да се инвестира во инфраструктурата, во нови хотели, ски-лифтови, а голем проблем е и тоа што нема слободни места за паркирање – ни изјави еден турист.

И годинава на скијачкиот центар нема ништо реализирано од најавениот план на централната власт. Планот предвидува изградба на големо паркиралиште, модерна шестоседна жичарница, нов хотел со бањски центар и сноуборд-парк.