Преку активностите на своите министри во најважните владини ресори и институции, сè поочигледно е дека СДСМ го подготвува теренот за престојните предвремени парламентарни избори, за кои лидерот на партијата, Зоран Заев, во секоја пригода истакнува дека мора да бидат кристално чисти.
Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, во декември ги разреши началниците на секторите за внатрешни работи во Скопје, Битола, Куманово, Охрид и Велес и на нивно место постави нови, а истовремено почна и истрага за незаконско издавање на лични карти на жители на Пустец, во времето на поранешната министерка, Гордана Јанкулоска.
Во понеделникот оваа недела и неговата колешка во Министерството за труд и социјална политика, Фросина Ременски, разреши 15 директори на центри за социјални работи, меѓу кои и директорката на Домот за доенчиња и деца без родители во Битола.
Ременски на прес-конференција, одговарајќи на новинарско прашање дали разрешувањето на директорите може да се разбере како некој вид чистење на Министерството и подготовка на теренот за избори, рече дека не сака да навлегува во партиската припадност на граѓаните и на разрешените директори, но дека постои сомневање дека сето тоа било партиски искоординорано.
Освен во Скопје, истраги за незаконско издавање на лични карти на лица од Пустец се водат и во секторите на МВР во Битола, Велес, Охрид и во Куманово, кои имаат нови началници, откако предходните беа сменети кон крајот на декември минатата година од министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, дознава „Мета“.
Според наши извори, една од причините за смената на началниците, поставени кога на чело на Министерството за внатрешни беа кадри на ВМРО-ДПМНЕ, било подготвување на теренот за издавањето на лични карти за време на изборите во 2013 и во 2014 година.
Министерот Спасовски во изјава за „Мета“ не ги потврдува ниту, пак, ги демантира овие информации и вели дека во врска со истрагата за незаконското издавање лични карти веќе информирал на прес-конфереција.
– Јас, во врска со ова, веќе ја информирав јавноста на прес-конференција. Кога ќе има нешто ново, ќе бидете известени – ни рече Спасовски во телефонски разговор.
Неофицијално, истрагата за незаконското издавање лични карти во СВР Битола и во службите за издавање лични документи во градот е во тек и дел од вработените веќе дале писмени изјави во кои навеле кој им наредил да ги издаваат личните карти без покритие.
Ресорите во кои се ангажираат министрите на СДСМ во голема мера се совпаѓаат со наводите за изборните манипулации што опозицијата ги објави со прислушуваните разговори од седмата „бомба“.
Ова, меѓу редови, го потврди и самиот Заев, кој во интервју за „Канал 5“ изјави дека влегувањето на министрите од СДСМ во техичката влада значи „да имаат доволно ресурси за да можат заедно со власта да бидат гарантори на регуларноста на изборите“.
– Тие промени се доволно големи колку да можат Оливер Спасовски или Фросина Ременски да управуваат со тие институции за да може заедно опозицијата, преку овие две министерства, да биде гарантор на регуларноста на изборите – изјави Заев во интервјуто за „Канал 5“.
– Ќе обелодениме докази за сè што правеле: од криминалите со издавања фалсификат лични документи на лица инструирани да гласаат за ВМРО-ДПМНЕ, преку казни во илјадници евра на фирми, такси-компании; најбезобразни притисоци врз земјоделците, администрацијата, наставниците, врз најранливата категорија граѓани – социјално загрозените. Како ги злоупотребувале пензионерите, како од позиција на власт масовно ги злоупотребувале институциите, што во текот на изборните процеси и за време на денот на избори работеле како изборни штабови на ВМРО-ДПМНЕ – рече Заев во највата за седмата „бомба“ на 6 март 2015 година.
Министерот за внатрешни работи, Спасовски, на 30 декември минатата година на прес-конференција презентираше докази, според кои, МВР, во времето на поранешната министерка Гордана Јанкулоска, на 424 лица од Пустец незаконски им издало лични карти, без решенија за живеалиште, за да можат да се најдат во избирачкиот список и да гласаат на избори.