Ултрамаратонецот Александар Симјановски од Тетово го освои првото место на ултрамаратонот на Фрушка Гора, Србија, кој се одржа изминатиов викенд.

Се работи за трка по планинска патека долга 107 километри, а вкупната денивелација на патеката изнесува околу 4.200 метри.

Симјановски ја истрчал патеката за 16 часа и 38 минути. На целта заедно со него пристигнал и Србинот Зоран Прегогачиќ, со кој го поделија првото место.

– Поголем дел од трката водев, потоа ми се приближи Зоран Прегогачиќ. Цело време трчавме заедно, бевме многу исцрпени, теренот беше лош и на 18 километри од целта се договоривме да не се натпреваруваме меѓусебно затоа што тоа премногу нè исцрпуваше. Падна договор заедно да влеземе на целта и до таму да трчаме со исто темпо, за да не се преоптоваруваме – рече Симјановски.

Ултрамаратонот на Фрушка Гора е традиционален и првпат почнал да се одржува во 1978 година.