Груевски не е во „Процес“, „кафкијанските процеси“ беа симбол на неговото владеење


Скопје, 15 март, 2018 - 11:27 (META) 

Изразот „кафкијански процес“ во текот на изминативе десетина години честопати се користеше како метафора за де се опишат многубројните судски неправди со кои се соочуваа македонските граѓани. Токму оваа фраза стана симбол (или еден од симболите) на владеењето на Никола Груевски и на судството, кое во неговото време наместо правда делеше неправда. За разлика од главниот лик во романот на Кафка – Јозеф.К, кој нема да дознае зошто против него е покренат судки процес и за какво дело е обвинет, а на крајот и погубен, Груевски точно знае за какви дела е обвинет, само сега многу повеќе му одговара да се става во улога на жртва на „апсурден  судски процес“ и да нема верба во истиот суд и судии во чија правичност немаше ниту ронка сомнеж  додека беше премиер, пишува Оливера Војновска воВистиномер“.

Поранешниот премиер Никола Груевски  вчера (13.03.2018) по излегувањето од Кривичниот суд, каде поради болест на еден од обвинетите беше одложена главната расправа за предметот „Насилство во Општина Центар”,  ја  даде следната изјава во која ја изврте вистината:

Спин: Со секое доаѓање овдека во Судот, речиси секојдневно, еве сега од осум дена во шест дена треба да бидам на рочишта за три или четири различни процеси, секој ден се соочуваме со нови неправди  и сѐповеќе се чувствувам како во едно од врвните дела посветени на апсурдот „Процес“ од Кафка

[Извор: А1 ОН ( од 0 до 0, 22 минута од видеото), датум: 13.03.2018]

Kontraspin-foto-Vistinomer-1024x281-e1500652724996

Контраспин: Оваа изјава на експремиерот Никола Груевски кој беше во Судот како обвинет  во случајот  познат во јавноста по шамарите нарачани за поранешниот градоначалник на Општина Центар, Андреј Жерновски,  претставува чист политички спин.

Груевски пред медиумите се пожали дека секој ден се соочува со нови неправди и  сѐ повеќе се чувствува како во едно од врвните дела посветени на апсурдот,  „Процес“ од Кафка“. 

Несомнено дека Груевски не се чувствува пријатно речиси секојдневно да се појавува на рочишта во Кривичниот суд, но споредбата  на неговиот случај со оној од романот на чешкиот писател со еврејско потекло, по кој Орсон Велс во 1962 година го сними истоимениот филм, е несоодветна.

Дејствието во романот на Кафка се  случува на почетокот на 20 век во непознат германски град, а главниот лик Јозеф К е  скромен и совесен банкарски службеник кој никогаш немал проблеми со законот.

Бездруго некој го наклеветил Јозеф К., зашто, без да направи нешто лошо, едно утро го уапсија.

Ова  е првата  реченица од романот „Процес“ која  не воведува во приказната за мирниот дисциплиниран службеник, кој едно утро, на неговиот 30–ти роденден се буди во неговиот изнајмен стан,  во друштво на двајца полициски агенти кои ќе му соопштат дека против него е покрената кривична постапка, но не му кажуваат по која основа е тој обвинет. Единствено му напоменуваат дека ќе си продолжи со вообичаената дневна рутина, сè додека не пристигне ново известување за текот на неговиот процес…

Повеќе прочитајте на „Вистиномер.мк“.


Почнува судењето на Канческа – Милевска за случајот „Тендери“ на СЈО


Скопје, 21 февруари, 2018 - 10:01 (META) 

Денеска во Кривичниот суд во Скопје треба да почне судскиот процес против поранешната министерка за култура, Елизабета Канческа – Милевска, обвинета во случајот „Тендери“ на Специјалното јавно обвинителство.

Канческа-Милевска е обвинета во предметот „Тендери“ за злоупотреби со тендерот за извршување градежни работи во Музејот на ВМРО, од проектот „Скопје 2014“, со што буџетот, според СЈО, бил оштетен за речиси 54 милиони денари (околу 880.000 евра).

Апелацискиот суд Скопје ја прифати жалбата на Специјалното јавно обвинителство и одлучи прислушуваните разговори да се користат како доказ во судскиот процес против поранешната министерка за култура.

Денеска треба да продолжи и судењето за случајот „Транспортер“ на СЈО, во кој првообвинет е поранешниот градоначалник на Битола, Владимир Талески и уште давесетина лица. Тие се товарат за малверзации со превозот на ученици во Битола, тешки околу 300.000 евра.


Продолжуваат судењата за нападот врз Села на 27 април и на Кочан за „Труст“ на СЈО


Скопје, 20 февруари, 2018 - 10:26 (META) 

Во Кривичниот суд во Скопје денеска треба да продолжи судењето на десетмината обвинети за обид за убиство на лидерот на Алијанса за Албанците и пратеник Зијадин Села за време на насилствата во Собранието од 27 април, минатата година.

На денешното рочиште треба да бидат сослушани тројца вештаци. Инаку, вчера пред судот сведочеше Села, кој разкажа за нападот и дека од Собранието бил изнесен маскиран како полицаец.

Во овој случај обвинети се Кире и Цејо Ѓорѓиевски, Оливер Ошавковски, Саша Ценков, Николче Димитриевски, Александар Јаневски – Тошта, Андреј Мицов, Никола Војминовски, Коста Делов и Стојан Павловски – Кобра.

Во Кривичниот суд треба да се одржи и ново рочиште за предметот на СЈО „Труст“, во кој првообвинет е бизнисменот Сеад Кочан и уште две физички и три правни лица, меѓу кои и управителите на фирмите „Трансмет“, „Силекс“ и „Вато“ ДООЕЛ. Тие се товарат дека со лажна документација добиле тендер на „Електрани на Македонија“, вреден 17 милиони евра.


Почнува судењето на Талевска за „Тифани“, Села треба да сведочи за нападот од 27 април


Скопје, 19 февруари, 2018 - 10:20 (META) 

Во Кривичниот суд во Скопје за денеска се закажани три рочишта од судските процеси по обвиненија на Специјалното јавно обвинителство, а треба да продолжи и судењето на напаѓачите на пратеникот и лидер на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, за време на насилствата во Собранието од 27 април, минатата година.

На денешното рочиште против напаѓачите на Села, кои се товарат за обид за убиство, како што најавено, треба да сведочи лидерот на Алијансата за Албанците.

На претходното рочиште, адвокатот на Села, Абедин Абдули соопшти дека неговиот клиент бара отштета од 30 милиони денари или половина милион евра. На истата расправа, еден од сведоците на нападот на пратеникот, ја смени изјавата дадена во истрага.

Денеска во Кривичниот суд треба да се одржи и првото рочиште, односно да почне и судскиот процес против новинарката и уредничка во „Сител“, Ивона Талевска, која е обвинета дека, во периодот од 2008 до 2014, со намера таа и нејзини фирми да одбегнат плаќање даноци, давала лажни податоци до надлежните институции. Фирмите на Талевска, според СЈО, одбегнале да платат даночни обврски во износ од 37.634 евра, а таа одбегнала да плати данок во износ од 16.924 евра.

Во Кривичне треба да продолжи и судењето за набавката на 300 возила за МВР, случај кој во јавноста е познат како „Триста“, а во кој обвинет е поранешниот помошник-министер во МВР, Ѓоко Поповски. Инаку, судењето треба да продолжи со нов судија, на местото на Лидија Петровска, поради новиот распоред за работа кој го донесе претседателот на судот, Иван Џолев.

За денеска е закажано рочиште против Димче Крстев, кој е обвинет за насилствата пред општина Центар во јуни 2013 година. За него судот ја издвои постапката, и му се суди одделно од останатите обвинети, меѓу кои се и поранешниот премиер Никола Груевски, екс министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, пратеничката Даниела Рангелова и уште десетина лица.


Судењето на Канческа – Милевска за „Тендери“ закажано за 21 февруари


Скопје, 29 јануари, 2018 - 15:04 (META) 

Кривичниот суд за 21 февруари го закажа почетокот на судењето на поранешната министерка за култура и актуелна пратеничка во Собранието, Елизабета Канческа – Милевска за случајот „Тендери“ на Специјалното јавно обвинителство.

Два порано, односно на 19 февруари на обвинителна клупа во Кривичниот суд треба да седне новинарката и уредничка на „Сител“, Ивона Талеска, која се товари за затајување данок во случајот „Тифани“ на СЈО.

Канческа-Милевска е обвинета во предметот „Тендери“ за злоупотреби со тендерот за извршување градежни работи во Музејот на ВМРО, од проектот „Скопје 2014“, со што буџетот, според СЈО, бил оштетен за речиси 54 милиони денари (околу 880.000 евра).

Апелацискиот суд Скопје ја прифати жалбата на Специјалното јавно обвинителство и донесе одлука прислушуваните разговори да се користат како доказ во судскиот процес против поранешната министерка за култура.

Талевска е обвинета дека од 2008 до 2014 како управителка на фирмите „Смарт ДООЕЛ“ и „Смарт груп ДООЕЛ Скопје“, во завршните сметки давала лажни податоци и одбегнала да плати данок од 37.634 евра за фирмите и 16.924 евра личен данок.


Кривичен добил 6.000 евра за нови камери, но не ги набавил поради тендерот


Скопје, 26 јануари, 2018 - 13:54 (META) 

Кривичниот суд во Скопје во декември, минатата година добил 350.000 денари (околу 6.000 евра) од Судскиот буџетски совет за да набави нови камери за снимање на судењата, но немал доволно време да ја спроведе тендерската постапка.

Поради ова Судскиот буџетски совет на 31 декември ги повлекол парите назад.

Ова денеска на бифинг со новинарите го соопшти претседателот на судот, Иван Џолев , кој рече дека сега судот повторно е во фаза на набавка на камери и дека наскоро ова треба да биде регулирано.

Токму недостатокот од опрема за тонско и визуелно тонско снимање беше причината за одложување на неколку рочишта за случаите на Специјалното јавно обвинителство бидејќи адвокатите на обвинетите бараа да биде исполнет овој услов, повикувајќи се на одредбите од Законот за кривична постапка.

Џолев вели дека судот засега има две камери, што, како што рече, претставува проблем, но оти смета дека тоа не е услов за одложување на рочиштата бидејќи во тој дел Законот за кривична постапка е јасен.

– Зошто претходно се одложувале рочиштата, не знам – рече Џолев.

Тој ја оцени како навреда за судот забелешката на адвокатот Димитар Дангов, дадена за време на рочиштето за случајот „ТНТ“, неделава, дека камерите на судот се „свадбарски“.

Како што беше соопштено на брифингот, во моментов во целата државата, единствено Основниот суд Скопје 2, Кривичниот суд во Скопје и амфитеатарот што го користи штипскиот суд, имаат можност за тонско и визуелн- тонско снимање на судењата.

Подобри просторни и технички услови терба да овозможи новата „барокна“ зграда, која според плановите Кривичниот суд треба да почне да ја користи од 31 март, оваа година со свечено отворање по повод Денот на правосудството.

Главно незавршени административни процедури се причината зошто Кривичниот суд досега не се преселил во новата зградата, која е веќе готова.

Како што соопшти Џолев, зградата се уште се води во сопственост на Министерството за правда, која треба во катастар да се префрли во сопственост на судот и да се добие употребна дозвола за да може судот да се пресели.

– Тоа се главните причини. Новата зграда има 25 судници, повеќе од објектот каде што сме сега. Условите ќе бидат подобри, и покрај сите маани во неа кои беа констатирани од стручни лица – рече Џолев.

Тој на денешниот брифинг најави поотворена комуникација со новинарите и медиумите, преку редовни брифинзи кои, како што беше заеднички договорено, ќе се одржуваат во вторник, секоја прва и трета недела во месецот. По потреба, ќе бидат договарани и дополнителни состаноци, доколку постои зголемен интерес од медиумите.


Судењето на Јанкулоска и Груевски за „Тенк“ на 30 јануари, на Мијалков за „Трезор“ на 5 февруари


Скопје, 29 декември, 2017 - 12:34 (META) 

Судечките совети кои постапуваат по случаите „Тенк“ и „Трезор“ на Специјалното јавно обвинителство ги одредија термините за главна расправа, соопшти денеска Кривичниот суд во Скопје.

Како што информираат оттаму, судењето за „Тенк“ е закажано за 30 јануари, а главната расправа за „Трезор“ за 5 февруари, следната година.

Инаку, првообвинета во случајот „Тенк“, кој се однесува на набавката на „мерцедесот“ од близу 600.000 евра е поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанулоска, а поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски се товари за кривичното дело примање награда за противзаконско влијание.

Во случајот „Трезор“ обвинети се поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков, поранешниот началник на петтата управа, Горан Грујевски, поранешниот шеф на кабинет на Мијалков, Тони Јакимовски, и поранешниот помошник-министер во МВР, Небојша Сајковиќ.

Според СЈО, тие преку фирмата „Финзи“, со која во еден период управувал сега починатиот Коста Крпач, набавувале опрема за УБК и го оштетиле буџетот за 862.045 евра.


Ноември ќе биде „најсудски“ месец во годината


Скопје, 27 октомври, 2016 - 15:37 (META) 

Следниот месец во Кривичниот суд во Скопје се закажани и треба да се одржат рочиштата од судските процеси што предзвикуваат најголем интерес во јавноста, меѓу кои судењето за „Пуч“, за настаните во Општина Центар од јуни 2013 година, за „Диво Насеље“ итн.

Речиси сите судења се за случаи кои имаат директна или индиректна врска со прислушуваните разговори, протестите и со политичката криза во земјава. Меѓу обвинетите се лидерите на двете најголеми политички партии, а обвиненијата против нив ги застапува Специјалното јавно обвинителство, кое треба да го има своето деби во судницата.

  • 1 ноември – Треба да се одржи рочиштето за случајот „Пуч“, во кој меѓу обвинетите се поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Зоран Верушевски, и лидерот на СДСМ, Зоран Заев. Овој случај е во надлежност на Специјалното јавно обвинителство. Единствен сведок во „Пуч“ е лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и поранешен премиер, Никола Груевски. (Инаку, според договорот меѓу СЈО и судот, доколку рочиштето не се одржи на 1 ноември, следното ќе биде на 3 ноември, а во случај и тогаш да биде одложено, следниот термин е 7 ноември);
  • 3 ноември – Продолжува судењето за случајот „Диво Насеље“, односно за настаните од 9 и 10 мај минатата година;
  • 10 ноември – Закажано е судењето против новинарот и сопственик на порталот „Буревесник“, Зоран Божиновски. Тој се товари за злостроничко здружување, шпионажа и за уцена;
  • 14 ноември – Судење на активистот Павле Богоевски, кој е обвинет дека за време на протестите на „Шарената револуција“ го оштетил објектот каде е сместено Министерството за култура;
  • 21 ноември – Закажан е почетокот на судењето за случајот наречен „Шамарите во Општина Центар“. Првообвинети во слулајот се лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, и ексминистерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, кои се товарат за поттикнување и за организирање на насилствата пред Општина Центар од јуни 2013 година. „Шамарите во Општина Центар“ е едно од двете први обвиненија што ги поднесе СЈО;
  • 22 ноември – Треба да се одржи рочиштето од случајот „Поткуп“, во кој обвинет е лидерот на СДСМ, Зоран Заев, кој се товари за барање поткуп од 163.924 евра, од струмичкиот бизнисмен Иван Николов-Сачевалиев за приватизација на државно земјиште.

ОН бараат судења за воени злосторства пред да завршат судирите во Сирија


Њујорк, 15 март, 2016 - 14:23 (META) 

Известувачите за човековите права на ОН во Сирија денеска соопштија дека не треба да се чека завршувањето на судирите за да се почне со подготовките на судењата за воени злосторства.

– Не треба да се чека постигнување на конечен мировен договор за да се усвојат мерките за поставување на основата на одговорност – рече претседателот на Меѓународната комисија за истрага во Сирија, при Советот за човекови права на ОН, Паоло Пинхеиро.

Тој ги повика сириската влада и опозицијата на мировните преговори во Женева да се согласат на мерки за градење доверба, вклучувајќи и безусловно и итно ослободување на сите произволно притворени затвореници, како и воспоставување механизам за следење на исчезнатите лица.


Денеска во исто време треба да продолжат судењата за „Пуч“ и за „Диво Насеље“


Скопје, 2 март, 2016 - 9:20 (META) 

Денеска во Основниот суд Скопје 1, во исто време, во 10 часот, се закажани рочиштата од судењата за настаните во кумановско Диво Насеље од 9 и од 10 мај минатата година и за случајот „Пуч“, во кој еден од обвинетите е лидерот на СДСМ, Зоран Заев.

Специјалното јавно обвинителство, како што пренесоа дел од медиумите, најверојанто ќе бара одложување на главната расправа за „Пуч“ поради копиите од списи и електронските докази кои судот одбива да му ги достави на СЈО, со образложение дека станува збор за класифицирани информации, од кои надлежните органи сè уште не ја симнале оваа назнака.

Според обвинението за „Пуч“, Зоран Верушевски е првообвинет за неовластено прислушување и за тонско снимање, за шпионажа и за насилство кон претставници на највисоките државни органи. Второобвинет е Ѓорги Лазаревски, кој ќе одгoвара за неовластено прислушување и за шпионажа. Третообвинета е Соња Верушевска за кривичното дело шпионажа. Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, е четвртообвинет за делото насилство кон претставници на највисоките државни органи. Петообвинетиот е Бранко Палифров, кој ќе одговара за истото дело како и Заев.

На денешното продолжение на судењето за Диво Насеље, се очекува искази да дадат нови сведоци.

На минатото рочиште, како сведоци на обвинителството, пред судот сведочеа ќерката и сопругата на Фадиљ Фејзулаи, кој е еден од 29 обвинети на кои им се суди за тероризам и за терористичка организација.