Продолжуваат судењата за нападот врз Села на 27 април и на Кочан за „Труст“ на СЈО

Во Кривичниот суд во Скопје денеска треба да продолжи судењето на десетмината обвинети за обид за убиство на лидерот на Алијанса за Албанците и пратеник Зијадин Села за време на насилствата во Собранието од 27 април, минатата година.

На денешното рочиште треба да бидат сослушани тројца вештаци. Инаку, вчера пред судот сведочеше Села, кој разкажа за нападот и дека од Собранието бил изнесен маскиран како полицаец.

Во овој случај обвинети се Кире и Цејо Ѓорѓиевски, Оливер Ошавковски, Саша Ценков, Николче Димитриевски, Александар Јаневски – Тошта, Андреј Мицов, Никола Војминовски, Коста Делов и Стојан Павловски – Кобра.

Во Кривичниот суд треба да се одржи и ново рочиште за предметот на СЈО „Труст“, во кој првообвинет е бизнисменот Сеад Кочан и уште две физички и три правни лица, меѓу кои и управителите на фирмите „Трансмет“, „Силекс“ и „Вато“ ДООЕЛ. Тие се товарат дека со лажна документација добиле тендер на „Електрани на Македонија“, вреден 17 милиони евра.