!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

И „Шамарите во општина Центар“ одложено – единствениот систем за снимање зафатен за друго судење


Скопје, 18 декември, 2017 - 12:23 (META) 

Судењето за случајот со насилствата во Општина Центар во 2013 година, попознат како „Шамарите во Општина Центар“ денеска се одложи кратко по почетокот на денешното рочиште, бидејќи единствениот систем за снимање во Основен суд Скопје 1 бил резервиран уште пред еден месец за судењето за обидот за убиство на тогашниот министер за здравство, Никола Тодоров.

Судијката Софија Лаличиќ го резервирала системот за рочиштето против дедото на 9-годишната Тамара Димовска од Велес, кој пукаше во Тодоров пред церемонијата на предавањето на министерската функција на новиот министер Арбен Таравари.

Откако почна рочиштето за „Шамарите во Општина Центар“, адвокатот Дончо Наков даде приговор дека не се исполнети условите за одржување на рочиштето, бидејќи нема услови за снимање на рочиштето, а нема услови ниту за стенографско водење на записник.

Судијката Татјана Михајлова потоа го одложи судењето за 27 овој месец.

Во овој случај, обвинети се поранешниот премиер и претседател на ВМРО-ДПМНЕ во заминување, Никола Груевски, и поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, кои претходно во Кривичен суд присуствуваа на судењето за „Траекторија“, каде се исто така обвинети. Во случајот со насилствата во Општина Центар обвинета е и актуелната пратеничка и поранешна советничка во општина Центар, Даниела Рангелова.

Во првичното обвинение од СЈО беа опфатени вкупно 14 лица, по што Томислав Лазаревски и Јордан Ристевски, поранешни членови од ВМРО-ДПМНЕ во Советот на општина Центар, ја признаа вината и добија условни осуди од 6 месеци затвор.


По Груевски и Латас, и Талески бара снимање на судењето за „Транспортер“


Скопје, 13 декември, 2017 - 14:26 (META) 

Поранешниот градоначалник на Битола, Владимир Талески и останатите 20 обвинети во случајот „Транспортер“ на денешното рочиште побараа од Кривичниот суд во Скопје визуелно и тонско снимање на главната расправа за овој предмет.

Претходно, снимање на рочиштата побара и одбраната на поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, поранешниот вицепремиер за економски прашања, Владимир Пешевски и екс министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески за случајот „Траекторија“, како и уредникот во „Сител“, Драган Павловиќ – Латас за „Тотал“.

Адвокатите на Талески и останатите обвинети денеска побараа доказите на Специјалното јавно обвинителство да им бидат дадени во писмена форма, а го побараа и ЦД-то со прислушуваните разговори, без кое, како што рекоа, не можат да дадат одбрана.

Адвокатот Боро Тасевски рече дека ако судот не обезбеди услови за снимање, ќе дава приговор за секој записник од рочиштата.

Обвинителот на СЈО, Трајче Пеливанов, го оцени барањето за снимање на процесот како уште еден изговор на одбраната за одложување на судењето.

– Во досегашната пракса на овој суд јас со истите овие адвокати кои денес инсистираат да се снима судењето сум постапувал и во други предмети и никој не побарал такво нешто. За првпат ова инсистирање за снимање на судските постапки започна да се применува во предметите на СЈО – рече Пеливанов.

Во случајот „Транспортер“ Талески и уште 20 лица се обвинети од СЈО за злоупотреби со превозот на ученици во Битола, тешки околу 300.000 евра.


Груевски на судењето за „Шамари“ го снимаа две рачни камери без тон


Скопје, 7 декември, 2017 - 14:15 (META) 

Денешното рочиште за насилствата пред Општина Центар од јуни 2013, случај во јавноста познат како „Шамари“, во кој обвинети се Никола Груевски, Миле Јанакиески, Даниела Рангелова и уште десетина други лица, се снимаше со две рачни камери, откако вчера и денеска адвокатите на одбраната побараа и добија одложување на рочиштата за случаите „Траекторија“ и „Тотал“, бидејќи немаше услови за визуелно-тонско снимање на постапката.

Како што појасни судијката Татјана Михајлова, судењето се снима со две рачни камери, но само визуелно, не и тонски.

На ова реагираше адвокатот на Груевски, Димитар Дангов, кој рече дека штом се снима, не треба да се води записник и побара да се одложи главната расправа бидејќи претходните записници не биле потпишани од странките во постапката и поради тоа немаат правно дејство.

Михајлова го одби барањето на адвокатот и рече дека снимањето е овозможено со новиот Закон за кривична постапка од 2013 година, но условите се такви, а записниците се водат во строга форма.

– Судот располага со ваков вид опрема. Доколку ги видите претходните записници, јас имам кажано дека немало можност да се снимаат рочиштата –рече Михајлова.

На денешното рочиште сведочеше поранешниот градоначалник на општина Центар, Андреј Жерновски, кој рече дека во судницата препознал двајца од насилниците.

Еден од нив, како што рече, бил Димче Крстев, кому ќе му се суди во одвоена постапка бидејќи немаше адвокат и беше болен.

Жерновски рече дека за време на насилните протести пред Општината, Крстев наместо антихрист, го нарекол антифашист, што тогашниот градоначалник не го сфатил како навреда.

Тој ги опиша случувањата пред општинската барака, каде насилници фрлале разни предмети, ги пцуеле советниците од редовите на СДСМ, додека Жерновски бил повикуван од Даниела Рангелова, како тогашна советничка од ВМРО-ДПМНЕ, да излезе и да се соочи со демонстрантите.

Жерновски раскажа и за однесувањето на полицијата, која, иако била присутна, воопшто не реагирала.

Поранешниот градоначалник на општина Центар денеска одговараше само на прашања на обвинителите на СЈО, Фатиме Фетаи и Гаврил Бубевски, по што рочиштето беше прекинато бидејќи обвинетата Рангелова имала обврски.

На следното рочиште, кое е закажано за 18 декември, Жерновски ќе одговара на прашања на адвокатите на одбраната.


Одложено судењето за „Тотал“, Латас побара да се снимаат рочиштата


Скопје, 7 декември, 2017 - 12:02 (META) 

Судењето за случајот „Тотал“ на СЈО е одложено откако адвокатите на Драган Павловиќ – Латас, обвинет во случајот, побараа судот да ги снима тонски и визуелно сите судски рочишта, за, како што посочија, да се отстрани каков било сомнеж.

Адвокатите рекоа дека имаат забелешки на записникот од првото рочиште, кое се одржа пред два дена, истакнувајќи дека во него нивните зборови не биле доследно интерпретирани.

Претходно судијката Софче Гаврилова-Ефремова по барање на адвокатите на Павловиќ одлучи да не дозволи новинарските екипи во судницата да направат инсерти од денешното рочиште. Дозволено беше снимање само на обвинителите на Специјалното јавно обвинителство.

Судијката Гаврилова-Ефремова укажа дека капацитетот и можностите на судницата се тие, дека таа суди во мала судница и дека единствено големата судница со број еден во Кривичниот суд е таа што може да обезбеди услови сите да може да седат и целиот судски процес да се снима.

Таа додаде дека откако ќе направи проверка за слободен термин, ќе го соопшти датумот за кога ќе биде закажано ново рочиште.

Драган Павловиќ-Латас се товари дека во периодот од 2008 до 2015 година заедно со правните лица „Тотал маркетинг“ ДООЕЛ Скопје, „Медиамакс“ и „Тотал медиа центар“ ДООЕЛ Скопје, со намера да одбегне плаќање даноци, во завршните сметки и во даночните пријави давал лажни податоци. Правните лица го оштетиле буџетот за 121.000 евра, а осомничениот за 63.000 евра.


Груевски ја бара единствената камера, досега зафатена со снимање на „Диво Насеље“


Скопје, 6 декември, 2017 - 13:30 (META) 

Најголемиот суд во државата, Основниот суд Скопје 1, каде дневно се одржуваат десетици судења, има само една камера и дополнителна опрема за визуелно-тонско снимање на рочиштата, како што пропишува Законот за кривична постапка (ЗКП).

Поради ова, за најголем дел од рочиштата нема видео-тонски запис, а денеска немањето услови за снимање во судницата беше причината поради која се одложи и првото рочиште за случајот „Траекторија“.

Одбраната на обвинетите, Никола Груевски, Владимир Пешевски, Миле Јанакиески, ексдиректорот на Агенцијата на државни патишта Љупчо Георгиевски, побара од судот да обезбеди услови за снимање на рочиштата, како што налага ЗКП, а судијата Горан Бошевски се согласи и рече дека тие ќе бидат обезбедени за следното рочиште.

„Тонскиот или визуелно-тонскиот запис од одржаната расправа е дел од судскиот предмет кој се води во автоматизираниот компјутерски систем за управување со судските предмети (АКМИС). Тонскиот или визуелно-тонскиот запис не смее да се објавува, емитува и користи за намени и за цели надвор од кривичната постапка. Странките и бранителот имаат право по одржувањето на главната расправа да добијат копија од тонската или визуелно-тонската снимка или во рок од три дена препис од стенографскиот записник, во печатена или електронска форма. Копија од снимката се доставува веднаш, а најдоцна во рок од 24 часа“, стои во членот 374 од ЗКП.

Немањето услови за тонско и визуелно-тонско снимање беше нотирано од судиите и на претходни рочишта од други судски процеси, меѓу кои и тие за случаите отворени од Специјалното јавно обвинителство.

Таков беше случајот со дел од рочиштата за случаите „Тврдина 2“ и за насилствата пред Општина Центар од мај 2013 година, познат во јавноста како „Шамари“, каде судијките Лидија Петровска и Татјана Михајлова нотираа дека расправите не се снимаат бидејќи единствената камера во судот е зафатена за снимање на судењето за случајот „Диво Насеље“. Но, тогаш ова не беше причина за одложување на рочиштата.

Инаку, ЗКП предвидува дека „кога не постојат технички услови за тонско или визуелно-тонско снимање на текот на главната расправа, претседателот на судечкиот советот може да нареди за текот на главната расправа да се води стенографски записник“.

Сепак, Кривичниот суд во Скопје, но и другите судови во земјава, немаат опрема за водење стенографски записник, туку во моментов тој се води дактилографски.

Неизбежен дел од текот на секое рочиште за случајот „Шамари“ е судијката Татјана Михајлова да бара од обвинителката на СЈО, Фатиме Фетаи, да не брза и да зборува полека за да може записничарот да го фати секој збор.

Снимањето на рочиштата беше воведено со донесувањето на новиот Закон за кривична простапка во 2010 година, а кој почна да се применува од јануари 2013 година.


ЗНМ го осуди приведувањето на двајца новинари и бара одговори од МВР и од ОЈО


Скопје, 3 ноември, 2017 - 14:28 (META) 

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) денеска го осуди приведувањето на снимателот на „ТВ 21“, Ибрахим Махмути, и на фоторепортерот од Косово, Бљерим Ука, за време на изрекувањето на пресудата за случајот „Диво Насеље“.

Оттаму наведуваат дека ваквиот однос на институциите е целосно неприфатлив и дека има цел да ги заплаши новинарите и да поттикне самоцензура кога известуваат за одредени судски постапки.

Махмути и Ука, како што стои во соопштението на ЗНМ, вчера шест часа биле задржани во полициска станица со образложение дека на судењето ги снимале судиите. По пуштањето од полициска станица, тие, во разговор со претставници на Здружението, кажале дека снимањето на судиите било само изговор за да бидат испрашанувани затоа што снимале припадници на полицијата пред судската зграда.

Од ЗНМ велат дека останува и дилемата дали полицијата имала налог за приведување на новинарите бидејќи, како што тврдат од Здружението, вчера од Основното јавно обвиниетлство им било кажано дека тоа не дало налог, а дека денеска од Обвинителството го тврделе спротивното.

„Прашуваме, што придонело да се смени ставот на јавното обинителство“, велат од ЗНМ.

Здружението најави дека ќе поднесе претставка до МВР за, како што велат, неоправданото шестчасовно задржување на колегите во полициска станица без да им се даде можност да ги известат редакцијата и нивните семејства дека се приведени и дека очекуваат полицијата сериозно да го истражи овој инцидент и да изрече соодветни санкции.

Во информацијата за настанот, во денешниот билтен на МВР се наведува дека двајцата новинари биле приведени во полициската станица Кисела Вода поради неовластено снимање пред објектот на судот.

„На 2 ноември 2017 година, во 14 часот, во полициската станица Кисела Вода, поради неовластено снимање пред објектот на Судот, биле приведени М.И. (29) од Скопје – снимател од една македонска телевизија и Б.У. (35) од Косово – снимател на телевизија од Косово. Во координација и по насоки на јавен обвинител, по извршениот разговор, лицата се пуштени. Од страна на СВР Скопје ќе биде доставено известување до Основното јавно обвинителство за досега преземените мерки“, стои во информацијата за настанот од МВР.


МЗШВ изврши авионско снимање на целата територија


Скопје, 22 август, 2017 - 14:01 (META) 

Mинистерството за земјоделство, шумарство и водостопанство од јуни до средината на август изврши авионско снимање на целата територија на Македонија, по втор пат после 2009 година, информираат оттаму.

Согласно европските регулативи и препораки, авионските снимки се основа за функционирање на Системот за идентификација на земјишни парцели (СИЗП).

„Со просторната идентификација на земјишните парцели се определуваат границите и големината на обработливата површина за која земјоделците аплицираат за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој. На овој начин, ќе се овозможат прецизни контроли од страна на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, во однос на површините кои земјоделците ги пријавуваат за субвенции и фактичката состојба на терен“, информираат од МЗШВ.

Во рамките на процесот ќе бидат направени „ортофото“ карти, дигитален модел на теренот на целата држава и ќе биде направена иницијална дигитализација на земјоделските површини според употребата на земјиштето.

Новите просторни податоци ќе овозможат ажурирање на промените настанати на земјишните парцели во периодот помеѓу двете снимања.

Активностите на изработка на авионските снимки, „ортофото“ картите, дигиталниот модел на теренот, како и дигитализацијата на земјоделското земјиште финансиски е помогнато од страна на Европската Унија преку ИПА-фондовите.


Нухиу: Системот за снимање на командите во МВР не функционирал од 2014 година


Скопје, 11 мај, 2017 - 22:50 (META) 

Министерот за внатрешни работи, Агим Нухиу, во интервју во емисијата „Патот кон…“ на „Алсат М“,  открива дека во МВР , уште пред три години, не функционирал системот за снимање на командите.

– Побарав да се направи увид и проценка дали се снимени сите команди што се издадени преку тетра-системот. Повикав експерт од Германија и тој процени дека два сервера не биле вклучени во апаратот за снимање и дека истиот не работи уште од 2014 година – вели Нухиу.

Тој во интервјуто потврдува дека имало обид од вработени во МВР да се избришат снимките од безбедносните камери во Собранието од насилствата на 27 април.

– Двајца вработени добиле наредба од еден висок началник во УБК да влезат во Собранието и да ги земаат хард-дисковите, по што ги земале, но, за среќа, имало резервни хард-дискови и ние сепак успеавме да ги земеме снимките – вели министерот за внатрешни работи.

Според него, на 27 април настаните се случувале според однапред смислено сценарио кое требало да послужи како повод за прогласување воена состојба од страна на претседателот на државата, Ѓорге Иванов.

– Сценариото кое, според моето мислење, постоеше е да се удри по Собранието, а има и гласини кои не сум ги потврдил, дека полицајците се повлекле од вршење на законските должности, бидејќи слушнале дека треба да чекаат уште некое време, за претседателот да ја извади армијата и да прогласи вонредна состојба – вели Нухиу.


„Тврдина 2“ не се снимаше бидејќи единствената камера била на „Диво Насеље“


Скопје, 5 мај, 2017 - 14:46 (META) 

Денешното рочиште од судскиот процес за случајот „Тврдина 2“ не се снимаше, како што налага членот 374 од Законот за кривична постапка, бидејќи, како што објасни судијката Лидија Петровска, камерата била зафатена за снимање на судењето за случајот „Диво Насеље“, кое во исто време се одржуваше во големата сала на Врховниот суд.

– Видео-тонско снимање нема да се врши бидејќи камерата, која е една, се користи во предметот на организиран криминал во јавноста познат како „Диво Насеље“ – рече Петровска.

Инаку, во средата оваа недела, на рочиштето за насилствата пред Општина Центар од јуни 2013 година, односно т.н. случај „Шамари“, обвинителот на СЈО, Гаврил Бубевски, уште еднаш побара од судот на СЈО да му биде доставена аудио-визуелната снимка од првото рочиште. На ова судијката Татјана Михајлова рече дека судот нема опрема за аудио-визуелно снимање на рочиштата, а снимањето што сега судот го врши е за негови потреби.

Бубевски во врска со ова пред новинарите изјави дека снимањето во судот не е „домашно видео“ и дека законот за кривична постапка јасно пропишува кои рочишта треба да се снимаат.

„Тонскиот или визуелно-тонскиот запис од одржаната расправа е дел од судскиот предмет кој се води во автоматизираниот компјутерски систем за управување со судските предмети (АКМИС). Тонскиот или визуелно-тонскиот запис не смее да се објавува, емитува и користи за намени и за цели надвор од кривичната постапка. Странките и бранителот имаат право по одржувањето на главната расправа да добијат копија од тонската или визуелно-тонската снимка или во рок од три дена препис од стенографскиот записник, во печатена или електронска форма. Копија од снимката се доставува веднаш, а најдоцна во рок од 24 часа“, стои во членот 374 од ЗКП.

Кон средината на декември минатата година, на социјалните мрежи протече фотографија од подготвителното рочиште за судењето за „Тврдина 2“. Фотографијата се претпоставуваше дека е направена од аголот во судницата каде се наоѓа судската камера со која се снимаат рочиштата.

Сепак, и покрај интресот на медиумите и на јавноста, остана енигма кога, како и од кого протекла фотографијата.


Режисерот Илија Пиперкоски во Охрид го почна снимањето на својот прв игран филм


Охрид, 22 април, 2017 - 10:51 (META) 

Македонскиот режисер, по потекло од Охрид, Илија Пиперкоски, кој живее и создава во Романија, во Охрид го почна снимањето на неговиот прв игран филм, „Дедо и внук“.

Пиперкоски, истовремено, е и сценарист на филмот. Тој, досега има режирано голем број кратки и документарни филмови. Продуцент на филмот е Огнен Антов, директор на фотографија е Романецот Патру Паунеску, сценографијата е на Владимир Зафироски, додека костимограф е Жаклина Крстевска.

Главните улоги ги толкуваат Дејан Лилиќ и Салаетин Билал, а во актерската екипа се уште и Даниела Ивановска, Горан Стојаноски и други.

Планирано е филмот премиерно да биде прикажан во февруари наредната година, во Охрид.

Според најавите од продуцентот Огнен Антов, филмот ќе се снима до 15 мај.

– Куриозитет е што првпат имаме охридски автор, тоа никогаш не се случило во поновата македонска историја. Првпат имаме филм којшто комплетно се работи во Охрид, од почеток до крај – вели Антов.

Филмот „Дедо и внук“ се снима во истата куќа во стариот дел на Охрид, каде во далечната 1961 година се снимаше филмот „Мирно лето“.

Режисерот Пиперкоски го нагласува своето задоволство што ќе снима во својот роден град.

– Уште откако се запишав на филмска академија, го чекав да дојде овој ден, не дека претходно не сум правел кратки филмови, но, знаете, кога снимате игран филм, чувството е друго, многу поинаку може да се изразите и во поинаков формат може да ја пренесете приказната – вели Пиперкоски.

Филмот „Дедо и внук“ е копродукција помеѓу Македонија и Романија. Агенцијата за филм на Република Македонија со 16 милиони денари, финансиски го поддржа филмот. Вкупниот буџет е во висина од околу 400.000 евра, со поддршка на „Илијан филм“ од Романија.