Почна снимањето на новиот филм „Кајмак“ на Милчо Манчевски [фото]

Фото: Маја Аргакијева

Денеска во Скопје почна да се снима „Кајмак“, седмиот филм на македонскиот режисер Милчо Манчевски. Филмот е предвидено да се снима во наредните пет недели на локации низ Скопје, информираат од тимот за односи со јавност на „Кајмак“.

„Станува збор за црна комедија (или среќна трагедија) која што дава безмилосна критика на лицемерието и малограѓанштината“, се вели во соопштението до медиумите.

Новиот филм „Кајмак“ е европска копродукција во која поголем дел од финансиите доаѓаат од странство – 52 проценти се од филмските фондови на Данска, Холандија, Хрватска и Бугарија, а 48 проценти од Македонија (од Агенцијата за филм на Северна Македонија). Македонската Радио Телевизија е копродуцент. Кајмак добил поддршка и од европскиот фонд Еуримаж, информираат од ПР тимот на „Кајмак“.

Во филмската екипа се вклучени и филмски работници од Англија, Италија и Србија. Во текот на снимањето се очекува во Скопје да пристигнат и копродуцентите на филмот од Данска, Холандија, Хрватска и Бугарија.

„Лето е преубава работа. Жешко лето е уште поубава. Жешко лето кога се снима најубава. Со ваков супериорен актерски тим и топ екипа му нема крај на меракот“, изјави режисерот Милчо Манчевски.

По сценарио и режија на Милчо Манчевски, во филмот играат: Камка Тоциновски, Сара Климоска, Александар Микиќ, Ана Стојановска, Симона Спировска, Петар Мирчевски, Филип Трајковиќ, Сашка Димитровска, Лазе Манасковски, Јасмина Василева, Дејан Лилиќ, Елена Кузманов, Крсте Роџевски, Ана Димитрова, Никола Ристески, Ангела Димитрова, Соња Михајлова, Александра Пешевска, Ѓорѓи Јолевски, Љиљана Богојевиќ, Сара Станиќ и други.

Дански копродуцент на „Кајмак“ е Мета Луис Фолдагер Соренсен, продуцентка на филмовите „Антихрист“ и „Меланхолија“ на Ларс Фон Трир, како и на данскиот кандидат за Оскар „Кралската афера“ и на „Сопругата“ со Глен Клоуз. Холандски копродуценти се Изабела Депевег и Елс Вандерворст, која важи за една од најискусните холандски продуценти, со култни филмови како „Мандерлеј“, „Догвил“ и „Танчер во мракот“ на Ларс Фон Трир и „Сè е тоа за љубов “ на Томас Винтерберг. Хрватски копродуцент е Синиша Јуричиќ, а бугарски Иван Дојков. Извршен продуцент е Иан Прајор од британската Скала Продакшнс.

Македонски продуцент на филмот е Банана филм. Продуцира Јане Ќортошев. Продукциски дизајнер е Дејвид Манс од Англија, директор на фотографија данецот Улрик Боел Бенцен, кастинг директор Милка Анчевска, костимограф Жаклина Крстевска, а дизајнер на шминка Марио Микисанти.