Јанева: Затоа што снимал, Панчевски треба да биде предмет на психијатриска опсервација


Скопје, 9 октомври, 2017 - 16:41 (META) 

Апсолутно не е одземен клуч од домот на Панчевски, а тоа што тој снимал нешто во својот стан, тоа веќе треба да биде предмет на друга психијатриска опсервација, изјави денеска специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева.

– Многупати во такви ситуации кога нè напаѓале, сме мислеле дека е поважно да ја вршиме нашата работа и да ги оставиме таквите маргинални работи сами по себе да се средат, бидејќи прво и основно е тоа што се знае зошто ние влеговме во неговиот стан, се знае и зошто отидовме и во судот, да видиме дали тој ја злоупотребува својата службена должност и овластување, односно дали оддава државна службена тајна. Тоа е важното прашање. А другото, не е воопшто важно –  вели Јанева, одговарајќи на новинарско прашање дали ќе поведе постапка против Панчевски бидејќи објавил снимка од предистражна постапка.

Јанева вели дека претресот во станот на поранешниот претседател на Кривичниот суд во Скопје, за цело време бил сниман и од криминалистичката полиција на МВР и уште еднаш нагласи дека не е одземен клучот од станот на Панчевски.

– Апсолутно не е одземен клучот. Можеби ви изгледа на камерата како да го одзема, но тоа не е така и тоа мислам дека во еден момент ќе биде објаснето – изјави Јанева.

Во врска со „еуфоријата што се навлече во јавноста во врска со претресот“, таа вели дека СЈО сакало колку што може да биде професионално и тајно во тој дел на предистражната постапка, а самото наметнување од страната на Панчевски за нивната работа, според Јанева, е резултат на неговата загриженост и незадоволство од тоа што СЈО професионално си ја врши работата.

Јанева изјави дека е извршен попис на сите предмети што се одземени од кај Панчевски и дека ќе се почне со нивна анализа од страна на стручни лица.


Јанева не може да потврди дали материјалите земени од Панчевски водат до Иванов


Скопје, 6 октомври, 2017 - 13:03 (META) 

Специјалното јавно обвинителство почнало со анализа на материјалите одземени при вчерашните претреси во канцелариите и во домовите на судијата Владимир Панчевски и на двајца информатичари вработени во судот, изјави денеска специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева.

Специјалната обвинителка рече дека запленетите материјали се предадени на вештачење во Министерството за внатрешни работи, но не открива повеќе детали за вчерашниот претрес во Основниот суд Скопје 1, бидејќи, како што додаде, податоците сè уште се анализираат.

– Вчера вечерта се состанаа нашите екипи и полицијата во врска со претресите. Синоќа и денеска се составуваат записници и сè што е земено ќе биде доставено до Обвинителството. Мислам дека тоа што го баравме и најдовме во домовите го зедовме. Дали е сè што е потребно, не можам да кажам – рече Јанева, која денеска присуствуваше на дебатата „Двојба во корист на обвинетиот – виновен надвор од разумно сомневање“, во организација на Здружението за кривично право и криминологија на Македонија и на Мисијата на ОБСЕ во Скопје.

Одговарајќи на новинарско прашање дали земените податоци од поранешниот претседател на Кривичниот суд во Скопје, Владимир Панчевски, упатуваат на тоа дека од судот биле изнесувани информации за претседателот на државата, Ѓорге Иванов, пред неговата одлука за аболиција лани во април, Јанева изјави дека не може да коментира, бидејќи податоците уште се анализираат.

– Не можам ништо да потврдам бидејќи во овој момент податоците што се одземени уште се анализираат. Откако ќе заврши анализата, ќе бидете известени. Ги видов написите на социјалните мрежи, тоа воопшто не можам да го потврдам, тоа се само шпекулации и претпоставки – рече Јанева.

СЈО, како што вчера соопшти Јанева, по судска наредба изврши личен претрес кај Владимир Панчевски и со друга наредба од судот ги одзеде сите податоци од компјутерскиот систем за распоредување предмети во Основниот суд Скопје 1.

Специјалното јавно обвинителство води предистражна постапка и го сомничи Панчевски дека местел кои судии да ги добиваат предметите на СЈО, а покрај тоа, постојат и сомнежи дека тој оддавал службени тајни на лица надвор од судот.


СЈО го сомничи Панчевски дека местел судски предмети и оддавал службени тајни


Скопје, 5 октомври, 2017 - 18:26 (META) 

Специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева, со истражители од МВР денеска изврши претрес во канцеларијата на судијата Владимир Панчевски, против кого, како што изјави Јанева, СЈО води предистражна постапка поради злоупотреби на системот за распределба на судски предмети и за оддавање службена тајна.

Претресот на СЈО во Кривичниот суд почна околу пладне и траеше пет часа, а покрај канцеларијата на Панчевски, претреси биле извршени и во канцелариите на двајца информатичари вработени во судот.

– Денеска по судска наредба, СЈО изврши личен претрес кај лицето Владимир Панчевски и со друга наредба од судот ги одзеде сите податоци од компјутерскиот систем за распоредување предмети во Основниот суд Скопје 1 – изјави Јанева пред судот, додавајќи оти се надева дека СЈО наскоро ќе почне со истрага.

Јанева се сомнева дека Панчевски местел кои судии да ги добиваат предметите на СЈО, а покрај тоа, постојат и сомнежи дека тој оддавал службени тајни на лица надвор од судот.

Инаку, Панчевски е поранешен претседател на Кривичниот суд во Скопје, а четиригодишниот мандат на оваа функција му истече на почетокот на декември минатата година.

Во Кривичниот суд денеска беше и комисијата на Министерството за правда, која треба да утврди дали има злоупотреби со автоматизираниот систем за распределба на предмети.

Претседателот на комисијата, Лазар Нанев, изјави дека комисијата ќе продолжи со контролата во судот, но не откри дали се утврдени некакви неправилности со автоматизираниот систем за управување со судските предмети (АКМИС).

Индиции за злоупотреби на АКМИС беа нотирани и во извештајот на експертската група на Европската комисија, предводена од Рајнхард Прибе.