Судења денеска за „Титаник 3“ и „Насилство во Општина Центар“


Скопје, 22 јуни, 2018 - 9:36 (META) 

Во Кривичен суд Скопје за денеска закажани се рочишта за предметите на СЈО, „Титаник 3“ и „Насилство во општина Центар“.

Во предметот  „Титаник 3“  обвинети се Ејуп Аљими, координаторот на пратеничката група на ДУИ во Собранието, и Исмет Гури, затоа што како членови на Општинската изборна комисија во Чаир за локалните избори во 2013 година „уништувале изборен материјал“.

Минатото рочиште за „Титаник 3“ беше одложено поради задолжително присуство на пратеникот Ејуп Аљими на собраниската седница на која почна постапката за ратификација на Договорот со Грција.

Во Основен суд Скопје 1 денеска рочиште треба да се одржи и за случајот „Насилство во Општина Центар“. Обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ Даниела Рангелова и уште девет лица.

На претходните рочишта за овој предмет, вина признаа четвртообвинетиот Томислав Лазаров и петообвинетиот Јордан Ристевски и добија условни казни. За седмообвинетиот Димче Крстев, пак, се води одвоена постапка.


По речиси месец и половина, повторно рочиште за „Шамари во Општина Центар“


Скопје, 1 јуни, 2018 - 10:02 (META) 

Во Основен суд Скопје 1 денеска ќе се одржи рочиште од судскиот процес против експремиерот Никола Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, пратеничката Даниела Рангелова и уште девет лица, за организирање на насилните протести во Општина Центар пролетта 2013 година.

Претходното рочиште од овој процес во Кривичниот суд се одржа на 19 април. На денешното рочиште, како и на она што ќе се одржи в среда, ќе се сослушуваат сведоците на Специјалното јавно обвинителство (СЈО).

Обвинетите Груевски, Јанакиески, Рангелова и уште девет лица пред Судот се изјаснија дека не се чувствуваат виновни.

Претходно, вина признаа четвртообвинетиот Томислав Лазаров и петообвинетиот Јордан Ристевски и добија условни казни.


Врховен и Апелација одлучија да не се изземат судиите во „ТНТ“ и „Насилство“


Скопје, 27 април, 2018 - 13:09 (META) 

Врховниот суд постапувајќи по барање на одбраната во предметот на Специјалното јавно обвинителство „ТНТ“ за изземање на в.д. претседателот на Апелациски суд Скопје, Лидија Димчевска и нејзиниот заменик, на 16 овој месец донел решение со кое барањето за иземање се одбива како неосновано.

Решението преку Апелациски суд Скопје е доставено до Основниот суд Скопје 1.

Како што соопшти овој суд, врз основа на ова решение, а постапувајќи по барање на одбраната во предметот „ТНТ“ за изземање на претседателот на Основниот суд Скопје 1 Иван Џолев и неговиот заменик, Апелациски суд Скопје на 20 април 2018 година донел решение со кое барањето на одбраната се отфрла како недозволено. Решението е доставено до Основен суд Скопје 1.

По добиена надлежност за постапување, претседателот на овој суд, постапувајќи по барање на одбраната за изземање на судечкиот совет кој постапува во предметот „ТНТ“ на 23 овој месец донел со кое барањето за изземање се одбива како неосновано.

По барање на одбраната во предметот од обвинителството „Насилство општина Центар“ за изземање на претседателот на Основниот суд Скопје 1 Иван Џолев и неговиот заменик, како и в.д. претседателот на Апелацискиот суд и неговиот заменик, претседателот на судот донел решение со кое барањето се отфрла како недозволено.

За барањето на одбраната во истиот предмет за изземање на судијата поединец кој постапува по предметот, судот исто така донесе решение со кое барањето се одбива како неосновано.


Обвинет во „Шамарите“ имал фалц боледување, тврди Фетаи


Скопје, 3 април, 2018 - 11:49 (META) 

Обвинителката од СЈО Фатиме Фетаи, која го води предметот за насилството во Општина Центар, по пријава во Лекарската комора на Македонија, фати тројца лекари кои му давале фалц боледувања на обвинетиот Милан Андоновски, наменски само да се одолговлекува судењето и најави дека против лекарите ќе покренат соодветна постапка.

Специјалното јавно обвинителство (СЈО) на рочиштето посочи дека побарало Државниот санитарен и здравствен инспекторат да испрати инспекција со цел да се провери дали се оправдани боледувањата кои ги вадеше Андоновски поради што во три наврати беше одложувано судењето за насилството во Центар.

Инспекторатот испратил екипа во приватната медицинска ординација и специјалистичката државна клиника од каде на Андоновски му беше издадено боледување непосредно пред минатото рочиште во март.

Инспекцијата ги одзела медицинските документации за обвинетиот и ги предала до Лекарската комора и до Фондот за здравствено осигурување по што била формирана комисија која ги разгледала документите.

– Изготвен е извештај и било констатирано дека при издавање на специјалистичкиот извештај се направени пропусти во повеќе наврати. Лекарот и специјалистите кои го издавале боледувањето не ги исполниле потребните прописи, не се направени стандардни лабораториски анализи – рече обвинителката Фатиме Фетаи.

Таа и на денешното рочиште во Кривичниот суд повторно побара од судијата Душан Јосифов да ја преиспита својата одлука во врска со притворот за обвинетиот Андоновски.

Минатото рочиште беше одложено поради отсуство на Милан Андоновски, кој според боледувањето имал ларингит, а денеска тој беше присутен во судницата.

Денешното рочиште за предметот на СЈО „Насилство во општина Центар“, на кое поранешниот градоначалник на Центар Андреј Жерновски одговараше на прашање на одбраната заврши, а следното е закажано за 19 април, кога треба да бидат испрашани уште двајца сведоци.

Во овој случај на СЈО, обвинети се екс лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Даниела Рангелова и уште девет лица кои се изјаснија за невини.


СЈО дополнително ќе решава дали ќе се жали за пресудата на Талевска


Скопје, 20 февруари, 2018 - 11:44 (META) 

Специјалното јавно обвинителство дополнително ќе решава дали ќе се жали на пресудата на Кривичниот суд со која новинарката и уредничка на „Сител“, Ивона Талевска, вчера беше осудена на условна казна затвор од две години, доколку во следните четири години не стори друго кривично дело.

Талевска ја доби пресудата откако вчера призна вина на првото рочиште за случајот „Тифани“, во кој беше обвинета за даночно затајување. Покрај условната казна Талеска има обврска да ја врати целата сума, од околу 50 илјади евра, за која беше обвинета.

– Како што вчера кажа и самата обвинителка (Елизабета Јосифовска) задоволни сме од признанието на вина од страна на обвинетата. Во однос на пресудата ќе се произнесеме откако ќе ја добиеме на писмено – изјавија од СЈО за „Мета“.

Пресудата за Талевска предизвика бурни реакции во јавноста и на социјалните мрежи.

СЈО и одбраната на Талевска имаат право на жалба на пресудата во рок од 15 дена.

За случаите што ги отвори СЈО досега се изречени четири пресуди, во кои судот изрече девет условни затворски казни, вклучувајќи ја и последната на Талевска.

  • 8 ноември 2017 година – Кривичниот суд ја изрече првата пресуда по обвинение на СЈО за случајот „Тврдина 2“, за уништување на документи поврзани со опремата од незаконското прислушување. Поранешниот началник во УБК, Горан Грујевски за ова доби една и пол година затворска казна, додека другите шест обвинети, вработени во УБК, добија условни казни, пет од нив се осудени на условна казна од 9 месеци, а една од нив на 2 години. Обвинителката на СЈО, Ленче Ристоска тогаш изјави дека се задоволни од пресудата.
  • 24 ноември 2017 година – четвртообвинетиот за насилствата пред Општина Центар во 2013 година, Томислав Лазаров, откако призна вина доби шест месеци условна казна затвор, доколку во следните две години не изврши ново кривично дело.
  • 30 ноември 2017 година – на идентична казна од шест месеци условно беше осуден и петтообвинетиот за насилствата пред Општина Центар, Јордан Ристевски, кој како и Лазаров претходно призна вина пред судот.
  • 19 февруари 2018 година – Кривичниот суд во Скопје на новинарката и уредничка во „Сител“ и одреди условна казна затвор од две години, доколку во следните четири години не го повтори или стори друго кривично дело. Талевска, според пресудата, ќе треба да ја врати и целата сума за којa беше обвинета во случајот „Тифани“ на Специјалното јавно обвинителство.

Судот утре ќе донесе пресуда за Ристевски, кој ја призна вината во „Шамари“


Скопје, 29 ноември, 2017 - 14:11 (META) 

Судијката Татијана Михајлова за утре го закажа објавувањето на пресудата на Јордан Ристевски, кој на денешното рочиште се изјасни за виновен во случајот „Шамари“ на СЈО, за насилството во Општина Центар во јуни 2013 година.

На одвоеното судење, тој рече дека доброволно ја признава вината и дека никој не му вршел притисок ниту му се заканувал за да го признае делото, за кое рече дека се кае.

Обвинителката на СЈО, Фатиме Фетаи, рече дека околностите за Ристески се идентични како тие за Томислав Лазаров, кој минатата недела ја призна вината и беше правосилно осуден на шестмесечна условна затворска казна.

Според Фетаи, признанието на вината на Ристески ќе има позитивно влијание на понатамошниот тек на постапката, но и за него во однос на одмерувањето на висината на казната.

Како олеснителна околност, во тој контекст, таа наведе дека Ристевски досега не е осудуван, високообразован е, вработен и релативно млад човек, кој допрва треба да оформи семејство.

Како единствена отежителна околност Фетаи го наведе тоа што тој со учествата во насилствата испратил порака дека со насилство може да се спречи демократското функционирање на институциите, што имало свои последици и во настаните од 27 април годинава во Собранието.


Уште еден обвинет од „Шамари“ ја призна вината, Фетаи го искара Груевски


Скопје, 29 ноември, 2017 - 12:10 (META) 

На денешното судењето за случајот на СЈО за насилствата пред Општина Центар во јуни 2013 година, во јавноста познат како „Шамари“, Јордан Ристевски, еден од обвинетите, ја призна вината за случувањата.

Тој рече дека размислувајќи за тоа за што е обвинет, сфатил дека се чувствувал виновен и дека се кае.

Неговиот адвокат Боро Тасевски му го откажа полномошното бидејќи, како што рече, не може да застапува повеќе обвинети со различни интереси.

Обвинителката на СЈО, Фатиме Фетаи, побара раздвојување на постапката за Ристевски, кој беше советник на ВМРО-ДПМНЕ во Општина Центар, и побара процесот за него да продолжи денеска. Судијката Татјана Михајлова донесе одлука да се издвои процесот за Ристевски, а главната расправа ја одложи за 7 декември, затоа што не беше присутен Дончо Наков, адвокатот на обвинетиот Даниел Трифуновски.

Со тоа се согласи и обвинителката Фетаи, која рече дека има разбирање бидејќи Наков уште претходно го најавил патувањето во Кина.

Фетаи рече дека ова е последен пат да се сложи да биде одложено рочиште на барање на бранителите. Таа реагираше и на доцнењето на обвинетите Трифуновски и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

– Денешното доцнење од 17 минути на Даниел Трифуновски и доцнењето од 19 минути и 35 секунди на обвинетиот Никола Груевски укажуваат дека немаат елементарна почит кон судот, обвинителството и кон другите учесници во постапката. Ако ова се повтори на следното рочиште, барам од судот да бидат преземени сите процесни мерки за спроведување на обвинетите – рече Фетаи.


Лазаров доби 6 месеци условна затворска казна за случајот „Шамари“


Скопје, 24 ноември, 2017 - 13:04 (META) 

Шест месеци условна затворска казна доби Томислав Лазаров од судијката Татјана Михајлова во скопскиот Кривичен суд за случајот со насилствата пред Општина Центар во 2013 година, што во јавноста е познат како „Шамари“.

Казната нема да се изврши доколку осудениот во следните две години не изврши ново кривично дело.

Михајлова го прогласи Лазаров за виновен за насилство и му одреди алтернативна казна – условна осуда.

Пред судот, Лазаров рече дека се откажува од правото на жалба пред повисок суд, а од жалба на пресудата се откажа и Специјалното јавно обвинителство.

Судијката Михајлова во образложението на пресудата рече дека при нејзиното донесување биле земени предвид отежнителните и олеснителните околности. Како отежнителна околност Михајлова го наведе самото кривично дело, а олеснителни околности, според судијката, се тоа што Лазаров го признал делото, рекол дека се кае, како и тоа дека станува збор за семеен човек.

Во изјава за медиумите, по завршувањето на рочиштето, Лазаров изјави дека се кае за стореното и дека нема да го повтори делото.

Обвинителката на СЈО, пак, Фатиме Фетаи, пред новинарите рече дека обвинителството е задоволно со пресудата затоа што Лазаров во оваа фаза од постапката го признал делото.

– За кривичното дело насилство, Кривичниот законик предвидува затворска казна повеќе од пет години, но ние сме задоволни што обвинетиот во оваа фаза од постапката, односно на самиот почеток, го призна делото. Другите обвинети во случајот нема да имаат шанса за пресуда каква што беше донесена денеска, односно за условна затворска казна – изјави Фетаи.

Во предметот „Шамари“ обвинети се лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и поранешен премиер, Никола Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, пратеничката Даниелa Рангелова и уште 11 други лица.


Лазаров: Вината ја признав доброволно, без никој да ми врши притисок


Скопје, 20 ноември, 2017 - 15:59 (META) 

Томислав Лазаров, во постапката што беше одвоена откако тој ја призна вината за неговото учество во насилствата пред Општина Центар во јуни 2013 година, пред Судот рече дека вината ја признал доброволно и свесно и без некој да му врши притисок, било од полицијата било од СЈО или некој друг.

Обвинителката од СЈО, Фатиме Фетаи, во завршните зборови рече дека е позитивно изненадена од признанието на вината на Лазаров поради тоа што ова ќе биде од значење за целокупната постапка.

Таа побара од Судот при одлучувањето за казната, како олеснителни околности да ги земе тоа што Лазаров што ја признал вината, е високообразован, семеен човек, не бил казнуван пред и по настаните во Центар и дека станува збор за „партиски кадар спрегнат во функција на највисокото раководство на ВМРО-ДПМНЕ“.

Како отежителна околност, Фетаи побара да се земе пораката што Лазаров ја испратил со учеството во настаните пред Општина Центар.

– Пораката што беше пратена преку овој настан, беше дека со насилство може да се спречи нормално функционирање на демократски избраните органи, што имаше далекусежни последици и на настаните од 27 април оваа година – рече Фетаи.

Во своите завршни зборови Лазаров и неговиот адвокат Димитар Дангов кратко побараа од Судот да ги земе предвид сите олеснителни околности при одредувањето на казната, а кои беа наведени и од обвинителката на СЈО, Фатиме Фетаи.

Лазаров на излегување од судот не сакаше да даде изјава и рече дека во Судот рекол се што имал да каже.

Фетаи рече дека признавањето на вината ќе има влијание на понатамошната постапка во процесот што се води против Груевски, Јанакиески, Рангелова и другите десет обвинети.

Пресудата Михајлова ќе ја соопшти на рочиште закажано за петок, во 12.30 часот.


Груевски не го коментира признавањето на вина на Лазаров за „Шамари“


Скопје, 20 ноември, 2017 - 15:03 (META) 

Судијката Татијана Михајлова на предлог на обвинителката од СЈО, Фатиме Фетаи, ја раздвои постапката за Томислав Лазаров откако тој ја призна вината во случајот „Шамари“ за насилствата пред Општина Центар во јуни 2013 година и сега судот треба да оформи нов предмет за него.

За другите обвинети, кои се изјаснија како невини (Груевски, Јанакиески и Рангелова), Михајлова ги одреди датумите 29 ноември, 7 декември и 18 декември за продолженијата на судењето против нив.

Обвинетите си заминаа од судот, а Михајлова даде половина час пауза по која треба да продолжи постапката за Лазаров.

Груевски не сакаше да го коментира признавањето на вина од страна на неговиот сопартиец, Томислав Лазаров, и рече дека тој можеби си има негови лични причини зошто го сторил тоа.

Груевски нагласи дека се изјаснил како невин и оти очекува што побргу да заврши судскиот процес и да се разјасни целата ситуација.

Денешното рочиште почна со правно надмудрување меѓу адвокатите на обвинетите, кои сакаа одложување, и Фетаи која инсистираше да почне главната расправа.

Судот ја раздвои постапката и за обвинетиот Димче Крстев, бидејќи поради нарушена здравствена состојба не е во состојба да присуствува на судењето.

Адвокатите приговараа во врска со раздвојувањето на постапката и бараа судијката првин да се произнесе по нивните барања во врска со доказите. Михајлова ги одби ваквите наводи и одлучи денеска да почне главната расправа.

Фетаи во образложението наведе дека на барање на Груевски, Јанакиески преку Рангелова, Лазаров и Ристески ги организирал протестите пред Општина Центар за да бидат спречени измени на деталните урбанистички планови, меѓу кои и за Мал ринг, со што, како што рече Фетаи, најмногу биле засегнати бизнис-интересите на ВМРО-ДПМНЕ и на партиските бизнис-партнери.

Фетаи пред судот експлицитно ги наведе заканите и навредите што демонстрантите пред Општина Центар ги упатувале кон тогашниот градоначалник, Андреј Жерновски, и кон советниците од коалицијата предводена од СДСМ.