Захарова: Заев без никакви докази шири антируска хистерија додека Западот се меша во Македонија


Москва, 19 јули, 2018 - 11:02 (META) 

Марија Захарова, портпаролка на руското Министерство за надворешни работи на брифингот со новинарите вчеравечер во Москва порача дека обвинувањата од македонскиот премиер Зоран Заев, кои тој ги искажа во интервју за „БазФид њуз“, а потоа и на почетокот на изградбата на фабриката на американската фабрика „Дура“, обвини дека „грчки бизнисмени” кои „се сочувствителни на руската кауза“ им платиле на Македонци суми во износ од 13.000 до 21.000 долари за „извршување акти на насилство”, се неосновани, антируски и обид на Заев да води внатрешно-политичка борба со други алатки, во време кога Западот отворено се меша во внатрешните работи на Македонија.

– Предизвикуваат вчудовидување изјавите на македонскиот премиер Зоран Заев дека некои бизнисмени што се симпатизери на Русија наводно го финансираат антивладиното протестно движење во Македонија против Преспанската спогодба постигната со Грција за преименување во „Република Северна Македонија“. Станува збор за уште едни неосновани обвинувања на адреса на Москва, коишто се во правецот на засилување на антируската хистерија. Очигледно дека нема да видиме никакви докази што би можеле да ги потврдат зборовите на Зоран Заев, оти да беше така, веќе ќе ни беа презентирани. Во меѓувреме, западните земји отворено се мешаат во внатрешните работи на Македонија и, како што гледаме, тоа од нивна гледна точка, е нормално – рече Захарова.

Според портпаролката на руското МНР, играјќи со „антируска карта“ Заев ги заплашува сопствените граѓани, во време кога Русија се залага единствено за взаемно прифатливо решение на спорот за името на Македонија со Грција, но без наметнати рокови.

– Наместо да ги почитува нормите на македонското законодавство и меѓународното право, владејачката коалиција во Скопје рутински игра со „антируската карта“ како метода за внатрешно политичка борба и, за жал, заплашување на сопствените граѓани. Руската Федерација секогаш беше определена за постигнување на взаемно прифатлива спогодба на Скопје и Атина за име на земјата без надворешни притисоци и наметнати вештачки рокови, спогодба што би ја рефлектирало волјата на народите на двете држави и би се темелела на широк општествен консензус и неоспорна уставна и правна основа. Но до тоа не дојде – порача Марија Захарова.

Според неа, со спогодбата на двете влади се создадени поделби во двете општества и таа не ги зацврстува мирот и безбедноста на Балканот, туку е само пат за втурнување на Македонија во НАТО.

Преспанската спогодба доведе до длабоки расцепи во општествата во Грција и во Република Македонија. Очигледно е дека таа спогодба е далеку од темелните интереси за зацврстување на мирот и безбедноста на Балканот и служи исклучително како алатка за побрзо внесување на Република Македонија во НАТО – порача портпаролката на Министерството за надворешни работи на Руската Федерација.


Руска амбасада: Заев и Шекеринска шират русофобија, очекуваме истрага за изјавите


Скопје, 17 јули, 2018 - 9:51 (META) 

Руската амбасада вчеравечер реагираше со соопштение за наводите од премиерот Зоран Заев дека бизнисмени од Русија финансирале антивладини протести. Заев тоа го кажа во интервју за „BuzzFeed News“ и потоа го повтори како одговор на новинарско прашање на почетокот на изградбата на фабриката на американската „Дура“ во Бунарџик.

Од амбасадата сметаат дека станува збор за паушални изјави, слични на тие на министерката за одбрана Радмила Шекеринска од неодамна, стои во соопштението.

„Сметаме дека ваквите паушални изјави, како и неодамнешните наводи од страна на министерот за одбрана, Радмила Шекеринска, имаат за цел ширење на русофобијата, која што преку западните партнери на Македонија сè почесто се прифаќа како алатка за постигнување сопствени внатрешни и надворешно политички цели. Во тој контекст се доведува во прашање искреноста на заложбите на Владата на Република Македонија за градење пријателски односи со Руската Федерација“, се вели во соопштението.

Дополнително, се повикува на истрага за наводите на владата.

„Очекуваме дека македонската страна, во рамките на правното поле на својата држава и меѓународната практика, ќе спроведе детална и објективна истрага на наводите на кои алудираат посочените членови на Владата на Република Македонија, и ќе ѝ презентира на јавноста, како и на руската страна, реални факти, а не конструкции“, се вели во соопштението.

Од амбасадата на Руската Федерација велат дека станува збор за „контрапродуктивни и неодговорни обиди“ за заплашување на граѓаните „со измислена руска закана“.


Во Москва прославена 13-годишнината од Македонско-руската стопанска комора


Москва, 28 март, 2018 - 11:36 (META) 

Македонско-руската стопанска комора и нејзината активност во сите овие изминати години придонесе за пораст на економската соработка меѓу двете земји и за успешен влез на низа македонски производи на рускиот пазар, рече Димитри Бистров регионален директор на одделот за Меѓународна соработка на Стопанската комора на Руската федерација, со која Македонско-руската стопанска комора има партнерски однос.

На одбележување на 13-годишнината од основањето на Македонско-руската стопанска комора која се одржа во комлексот „Фуд сити“, присуствуваа претставници на бизнисот од Македонија и Русија, челните луѓе од низа трговски претставништва на земјите од Евроазиската унија, претставници на Евроазискиот деловен сојуз и на други деловни асоцијации.

Извршниот директор на Македонско-руската стопанска комора, Дејан Бешлиев, подвлече дека во вкупниот обем на размената пораснал во сите сегменти, но највисок раст забележал македонскиот извоз за 10,6 отсто. Размената лани достигнала 202 милиони долари со пораст од 5,6 отсто и годинава очекува таа да биде уште повисока.

– Ваквиот тренд на придвижување нагоре продолжува и на стартот од 2018 година. Вкупната размена во јануари скокнала за 14,2 отсто, македонскиот извоз се покачил за 6,7, а увозот за 15,3 проценти. Меѓутоа, во размената со Руската федерација земјава остварува значаен трговски дефицит, кој лани изнесуваше 94,3 милиони долари, кој се должи на македонскиот увоз на нафта и гас. За негово врамнотежување мора постојано да го зголемуваме нашиот извоз – додаде Бешлиев.

Проектот „Македонски дом“ формиран во партнерство на Македонско-руската стопанска комора и со поддршка на Стопанската комора на Москва, помогнал на рускиот пазар да се појават производи кои досега не се извезувале во оваа земја.

– Руските потрошувачи веќе може да се снабдуваат со кондиторски производи, вода, сирење, кроасани, ајвар, бурек од „Кадино“. За македонските компании, членки на „Македонски дом“, кои се веќе 18 на број, обезбедуваме комплетна услуга за настап на рускиот пазар од сертификација до продажба, како и целосна царинска и правна подршка. Во првата година постигнавме голем успех, бидејќи руските потрошувачи почнаа да ги препознаваат македонските производи – истакна Ина Владимирновна Жарова, генерален директор на „Македонски дом“.


Заев: Нашето интегрирање во НАТО не е насочено против Русија


Скопје, 20 март, 2018 - 15:54 (META) 

Македонскиот премиер Зоран Заев одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференцијата по тематската седница на Владата денеска порача дека тежнеењето на Македонија да се интегрира во НАТО не значи спротивставување на Русија и дека тоа членство е повеќедецениска аспирација на македонските граѓани.

Според Заев, зачленувањето во НАТО е важно за стабилноста и безбедноста на Македонија и на регионот.

Коментирајќи го соопштението на руското МНР за денешната средба на рускиот заменик-министер за надворешни работи Александар Грушко со македонскиот амбасадор во Москва, Гоце Карајанов, во кое е нагласено оти Грушко рекол дека „плановите за влез на Македонија во НАТО може да имаат негативни последици за регионалната безбедност и билатералните односи“, Заев порачува дека Македонија како своја стратешка цел го има и унапредувањето на соработката со Руската Федерација.

– Нашето интегрирање во НАТО не значи спротивставеност на унапредување на соработката со Руската Федерација, заради тоа што Македонија во своите стратешки цели има намера да ја унапреди соработката со РФ, пред се на економски, на културолошки, образовен, и на секаков друг план – рече македонскиот премиер.

Тој рече дека определбата кон НАТО е од пред 25 години.

– Сакам да напоменам дека уште во 1993 година со заедничката декларација во Парламентот, Македонија ги има утврдено своите стратешки приоритети, меѓу кои е НАТО интеграцијата. Впрочем, тоа е и израз на огромното мнозинство – преку 75 посто од граѓаните се за интегрирање во НАТО. Интегрирањето во НАТО е многу значајно и за стабилноста и безбедноста на Македонија, но и на целиот регион – рече Заев.


Мицкоски го информирал Шчербак за „реваншизмот“ на власта кон опозицијата


Скопје, 25 јануари, 2018 - 19:35 (META) 

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска имал средба со амбасадорот на Руската Федерација во земјава, Олег Шчербак, на која било разговарано за односите меѓу Македонија и Русија, како и за актуелната политичка и економска состојба во државата.

Мицкоски, како што соопштија од партијата, го информирал рускиот амбасадот за „реваншизмот кој власта го спроведува кон опозицијата, односно дека неоправдано во притвор од страна на актуелната власт се држат 6 пратеници од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ“

„Мицкоски со амбасадорот на Руската Федерација Олег Шчербак разговараше и за економските проблеми со кои се соочува Македонија по доаѓањето на новата власт, односно за економските показатели кои се во надолен тренд изминативе неколку месеци“, стои во соопштението.


Сугарески му ги презентираше на Шчербак инфраструктурните проекти во Македонија


Скопје, 15 јануари, 2018 - 12:45 (META) 

Министерот за транспрот и врски, Горан Сугарески денеска имал средба со амбасадорот на Руската Федерација во земјава, Олег Шчербак, на која го информирал амбасадорот за инфраструктурните проекти што се реализираат во Македонија.

Сугарески ги потенцирал проектите за изградба и реконструкција на патната мрежа во Република Македонија, особено доизградбата на железницата на Коридорот 8, односно проектот за изградба на пругата кон Албанија и дозиградбата на пругата кон Бугарија.

– Средбата што ја имав со рускиот амбасадор беше од исклучително значење бидејќи го информирав за проектите што ќе се реализираат во Република Македонија во следниот период. Ова е добра можност подетално да се информираат сите заинтересирани руски компании за учество во реализација на планираните проекти – изјави Сугарески.

Тој изрази благодарност за досегашната соработка со Руската Федерација и ја нагласи потребата од продлабочување на добрите односи и зајакнување на меѓусебната соработка меѓу двете земји.


Изложба на фотографии на тема „Победата над фашизмот“


Охрид, 8 мај, 2017 - 15:40 (META) 

Денеска во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид беше отворена изложбата „Победата над фашизмот“, по повод Денот на победата над фашизмот, 9 Мај.

– Преку 30 фотографии е претставен денот на ослободувањето на различни градови низ Европа, во кои учествувала и руската армија. Ова е еден наш придонес во севкупното одбележување и манифестаците кои се одвиваат во Македонија и во светот по повод овој значаен историски датум – рече на отворањето почесниот конзул на Руската Федерација, Велимир Стојковски.

Првиот секретар во Амбасадата на Руската Федерација во Македонија, Александар Алексеев, рече дека експонатите, фотографирани во време кога не постоела современа технологија, се реален израз на луѓето кои со голема радост ја дочекале слободата.

– А, за оние кои се подготвуваат или имаат намера да го реинкарнираат фашизмот, ова треба да биде знак и јасен сигнал каков крај ќе го дочека таквиот обид да се внесе хаос и немир во светот – подвлече Алексеев.

Организатори на изложбата се Амбасадата на Руската Федерација во Македонија, почесниот конзулат на Руската Федерација во Охрид и Општина Охрид.


Десет македонски компании ќе ги изложат производите во „Фуд сити“ во Москва


Скопје, 21 март, 2017 - 10:02 (META) 

Десет македонски компании од прехранбената индустрија ќе изложуваат во „Македонскиот изложбено-трговски дом“, кој на 23 март ќе биде отворен во Москва.

Вино, сирење и кашкавал, кондиторски производи, тестенини, конзервиран и сушен зеленчук и овошје, чаеви и други производи ќе бидат изложени во огромниот деловен центар кој е сопственост на најголемиот руски агрокластер „Фуд сити“ и на тој начин ќе им бидат на дофат на руските трговци и граѓани.

– За какви можности за македонските компании се работи, најдобро зборуваат податоците дека во московскиот „Фуд сити“ годишно се прави обрт од 1,8 милиони тони прехранбени производи или 5.000 тони дневно. Трговскиот комплекс се простира на 345.000 квадратни метри. Значајно е што македонските компании ќе имаат можност да пронајдат и купувачи од земјите од Евроазиската Унија, односно од Белорусија, Ерменија, Киргистан и од Казахстан – изјави извршниот директор на Македонска-рускато стопанска комора, Дејан Бешлиев.

Македонската бизнис-делегација при престојот во Руската Федерација ќе има прием и во Московската стопанска комора и ќе присуствува на потпишување на Меморандумот за соработка меѓу Македонско-руската стопанска комора и деловната асоцијација од Москва, која има 3.500 членки.

Македонија и Руската Федерација лани оствариле меѓусебна трговска размена од 191,9 милиони долари.


Македонски компании ќе учествуваат на Саемот за храна во Москва


Скопје, 9 септември, 2016 - 13:27 (META) 

Седумнаесет македонски компании ќе учествуваат на големата саемска манифестација „Мир питание 2016“ (World food 2016) во Москва, од 12 до 15 септември 2016 година.

Македонските производители и преработувачи на свежо овошје и зеленчук ќе имаат национален штанд кој ќе се простира на површина од 110 квадратни метри.

– Се зголемува побарувачката за македонските земјоделски производи од страна на руските компании. Во изминатиот период зголемен е и бројот на пратките и количествата што се пласирани на овој голем пазар – истакна директорот на Македонско-руската стопанска комора, Дејан Бешлиев.

Во првите седум месеци од годинава, Македонија и Руската Федерација оствариле меѓусебна трговска размена од 92,9 милиони долари, што во споредба со минатогодишните 127,2 милиони долари во истиот период е опаѓање за дури 27 отсто.

Но, структурата на размената во овој период покажува позитивни тенденции за македонското стопанство. До крајот на јули годинава, Македонија го зголемила извозот во Руската Федерација за 48,9 отсто, а увозот го намалила за 39,1 отсто во споредба со истиот период од 2015 година.

На рускиот пазар во овој период се пласирани стоки во вредност од 26 милиони долари (лани 17,5 милиони долари), а од таму се увезени производи за 66,8 милиони долари (лани 109,7 милиони долари).

Ваквиот обем на тргување со големиот руски пазар придонел трговскиот дефицит на Македонија со Руската Федерација да биде повеќе од преполовен и до крајот на јули да достигне 40,7 милиони долари. Лани во овој период Македонија имала негатива во размената со Руската Федерација од 91,4 милиони долари.

Покрај тоа што учеството на саемот компаниите ќе го искористат за интензивни контакти со руските партнери, се очекуваат и бројни деловни средби со претставници на руската комора и со официјалните лица на руската администрација.


Осветен крст во Лешочкиот манастир во чест на руски монаси


Тетово, 27 мај, 2016 - 15:27 (META) 

Архиепископот на Македонската православна црква г.г. Стефан денeска го освети мермерниот крст во Лешочкиот манастир, во чест на 35 руски монаси од Валамскиот манастир, кои по Октомвриската револуција, пребегале во овој манастирот во Лешок, каде престојувале две години.

– Крстот нека биде надеж за ова место, кое со векови било угнетувано и страдало. Ние христијаните, нема со што да се фалиме освен со светиот крст – изјави архиепископот на Македонската православан црква.

Рускиот амбасадор во Македонија Олег Николаевич Шчербак, изјави дека крстот е симбол и порака за добрите односи и пријателства меѓу македонскиот и рускиот народ.

– Од Лешочкиот манастир руските монаси започнале да одат по другите манастири во Македонија од каде проповедале христијанство и живееле богоугоден живот. Овој крст нека биде симбол за поклонување и ќе ја покажува нераскинливата духовна врска меѓу двата народа – изјави рускиот амбасадор.

Пред чинот на осветувањето на крстот, архиепископот Стефан со свештенослужители од Македонската православна црква, отслужија божествена литургија во манастирската црква „Св. Атанасиј“.