Знамето на руското МНР. Илустрација: МНР на Руската федерација

Министерството за надворешни работи (МНР) на Руската Федерација денеска најави соодветни мерки по протерувањето од страна на Северна Македонија на еден руски дипломат, за кое што рече дека е „немотивирано“.

Во соопштението на сајтот на руското МНР се вели дека станува збор за непријателски чин, којшто е невозможно да не се одрази на како што велат „руско-северномакедонските“ односи.

„На 14 мај кон руското дипломатско претставништво во Северна Македонија беше направен непријателски чин. Еден од дипломатите од страна на локалните власти беше прогласен за „persona non grata“, се вели во соопштението од МНР на Руската Федерација објавено на нивниот сајт и пренесено на Фејсбук на нивната официјална страница.

Потоа се додава дека решително ги осудуваат ваквите „немотивирани дејства, коишто не може а да не се одразат на руско-северномакедонските односи“.

На крајот од краткото соопштене руските власти најавуваат дека „ќе следуваат соодветни мерки“.

Министерството за надворешни работи на Северна Македонија, според член 9 од Виенската конвенција за дипломатски односи, одлучи да прогласи еден дипломат на амбасадата на Руската Федерација за непожелна личност во Република Северна Македонија.

На 14 мај во МНР бил повикан Амбасадорот на Руската Федерација, при што била врачена нота со која се наложува на посочениот дипломат да ја напушти територијата на Северна Македонија во рок од седум дена.