Министерот за транспрот и врски, Горан Сугарески денеска имал средба со амбасадорот на Руската Федерација во земјава, Олег Шчербак, на која го информирал амбасадорот за инфраструктурните проекти што се реализираат во Македонија.
Сугарески ги потенцирал проектите за изградба и реконструкција на патната мрежа во Република Македонија, особено доизградбата на железницата на Коридорот 8, односно проектот за изградба на пругата кон Албанија и дозиградбата на пругата кон Бугарија.
– Средбата што ја имав со рускиот амбасадор беше од исклучително значење бидејќи го информирав за проектите што ќе се реализираат во Република Македонија во следниот период. Ова е добра можност подетално да се информираат сите заинтересирани руски компании за учество во реализација на планираните проекти – изјави Сугарески.
Тој изрази благодарност за досегашната соработка со Руската Федерација и ја нагласи потребата од продлабочување на добрите односи и зајакнување на меѓусебната соработка меѓу двете земји.