ДЗР контра Макрадули: Ревизорскиот наод дека индустријата загадува е точен


Скопје, 11 февруари, 2019 - 16:20 (META) 

Сите податоци кои се презентирани во Меѓународниот ревизорски извештај за квалитет на воздухот, кој неодамна беше објавен од страна на Државниот завод за ревизија се релевантни и се обезбедени од надлежни институции од страна на ревизорскиот тим, се вели во писмената реакција на Државниот завод за ревизија, откако „Мета“ побара коментар на изјавата на Јани Макрадули, заменик-министерот за животна средина дека во овој извештај податоците се само делумно точни.

„Заедничкиот извештајот е резултат на кооперативна ревизија во која учествуваа Европскиот суд на ревизори и Врховни ревизорски институции на 15 земји меѓу кои и Државниот завод за ревизија на Македонија. Координатори беа Врховните ревизороски институции на Холандија и Полска“, стои во писмената изјава од Мијалчо Дургутов, ревизор во Секторот за информациски системи и портпарол на Државниот завод за ревизија.

Дургутов, меѓу другото истакнува и дека за оваа ревизија, Државниот завод за ревизија изготвил и објавил и Национален извештај, кој е објавен на веб-страната на Државниот завод за ревизија во февруари 2018 година и кој беше доставен до надлежните институции. Во Извештајот се дадени и препораки до надлежните институции по кои истите треба да постапат.

Во емисијата „Само вистина“, емитувана на „Канал 5“ телевизија на 4 февруари, каде беше еден од гостите, на прашање како го оценува овој извештај, Макрадули изјави дека апсолутно е неточна констатацијата за индустријата, бидејќи таму е само лоцирана и земена РЕК Битола и влијанието на ЦО2 и СО2, како и дека „тој извештај датира од 2017 година и дека Меѓунардониот ревизорски извештај „лоцира некои точки кои делумно се точни, делумно не се точни“.

Макрадули притоа изјави дека она што најмногу не мачи нас во Скопје, во Тетово, Куманово и во Битола се ПМ- честичките и дека е научно докажано во цел свет, 90 проценти од ПМ-честичките се создаваат од загревањето на дрва.

Коментар на наодите на неодамна објавениот Заедничкиот ревизорски извештај за квалитет на воздухот на EUROSAI, во кој има доста забелешки на начинот на кој македонските надлежни институции се справуваат со загадувањето, „Мета“ побара и од портпаролката на надлежното Министерство за животна средина и просторно планирање, Беса Татеши, но таа до објавувањето на овој текст не одговори на барањето за изјава.


Негативни оценки во ревизијата на работењето на Агенцијата за странски инвестиции во 2017


Скопје, 18 јануари, 2019 - 13:16 (META) 

Многу проблеми со оценувањето на работата и резултатите на економските промотори во 2017 година констатирал Државниот завод за ревизија, кој ја објави ревизијата на регуларност на финансиските извештаи на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот за 2017, заедно со ревизија на усогласеност.

Оценката за работењето на државната агенција е негативно. Така, ревизорите дале неповолно мислење во поглед на  вистинито и објективно прикажување на финасиските трансакции, а истата оценка се дава и за усогласеноста на финансиските трансакции со законската регулатива, упатства и воспоставените политики.

Големи проблеми се констатирани и во поглед на економските промотори, односно отсуствувало целосно уредување и прецизирање на прашањата поврзани со нивната работа, а притоа не се почитувал ни правилникот за нивната работа во странство и за нивните плати и надоместоци, а исто така не се следела и оценувала нивната работа. Проблематично било и исплаќањето аванси за материјални трошоци на економските промотори.

Државните ревизори утврдиле дека во Агенцијата за странски инвестиции не е воспоставен систем за внатрешни контроли на безготовинското и готовинското плаќање. Исто така, утврдиле дека немало пристап во CRM-ASIPIRM системот кој се користел во претходните години за обезбедување податоци и информации за приливот на странски директни инвестиции. Како забелешка е и тоа што не се обезбедени целосни податоци за стратешко планирање и отчетност. Дополнително, бил избран заменик-претседател на Управен одбор и му се исплаќал надомест, иако таа функција не била предвидена во законската и подзаконската регулатива.

Ревизорите констатирале и дека новите членови на Управниот одбор се избирале недоследно.

Проблеми имало во поглед на исплатата на државната помош – не била обезбедена соодветна документација, не се ставале во архива актите со кои се исплаќала државната помош, а внатрешниот ревизор не бил вклучен во ова работење.

Исто така, во врска со државната помош имало неусогласеност на Правилникот за контрола со Статутот, а таа се издавала и на основа на непотпишани документи.


Брисел непотребно потрошил 5,5 милијарди евра, откриле ревизорите


Брисел, 13 октомври, 2016 - 12:58 (META) 

Европската Унија непотребно потрошила 5,5 милијарди евра, предупреди денеска Европскиот суд на ревизори, додавајќи дека Брисел мора да ја поврати довербата на европските граѓани кои беа погодени од Брексит и од други кризи.

Средствата непотребно биле потрошени на преплатени трошоци за службеници на ЕУ и за развој на компјутерски сервиси во облак.

Другиот пример се однесува на малите и на средни претпријатија во Чешка, Италија и во Полска. Имено, како што наведуваат европските резвизори, средства наменети за овие компании, завршиле на погрешни места.

Во извештајот за 2015 година, претседателот на Европскиот суд на ревизори, Клаус Хејнер Лене, изјави дека Европејците ја изгубиле довербата во институциите на ЕУ поради економските проблеми, мигрантската криза и Брексит.

Во извештајот се наведува дека т. н стапка на грешка паднала на 3,8 проценти од буџетот на ЕУ од 145,2 милијареди евра минатата година, но и понатаму го надминува прифатливото ниво од 2,2 проценти.

Сепак, извештајот забележува и подобрување во однос на 2014 година, кога овие расходи на Унијата изнесувале 6,3 милијарди евра.

Во извештајот се вели дека податоците не изразуваат мерки на неефикасност во трошењето или пак „фрлање“ пари, туку се проценка за тоа колку пари не требало да бидат исплатени поради неусогласеност со прописите на ЕУ.