fbpx

ДЗР: За две години, граѓаните во приватното здравство прелеале 18,6 милиони евра за ковид тестови

-

Сметано по најниската наплатена цена од 1.400 денари по тест и направени 819.240 тестови за две години, од граѓаните во приватното здравство се прелеани повеќе од 18,6 милиони евра, покажа ревизијата на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на Фондот за здравствено осигурување на за 2020 година. Како што стои во објавата на ревизорите, изразено е мислење со резерва во однос на вистинитоста и објективноста на финансиските извештаи и за усогласеноста на финансиските трансакции со релевантната законска регулатива за 2020 година.

„Во услови на пандемија, поради необезбедување на повеќе термини во јавните здравствени установи (ЈЗУ) и несклучени договори со приватните здравствени установи (ПЗУ) за дијагностицирање на ковид-19, не се обезбедени доволно здравствени услуги за осигурениците на товар на Фондот. Од почетокот на пандемијата на ниво на РСМ извршени се вкупно 1.962.489 тестови во 33 лаборатории ПЗУ и ЈЗУ, од кои 1.337.238 се PCR тестови, а остатокот се брзи антигенски тестови“, информираат оттаму.

Бројот на направените тестови и висината на цената на овие услуги во приватните лаборатории во различни периоди укажува на одлив на финансиски средства на граѓаните во приватното здравство.

„Сметано по најниската наплатена цена, според јавно достапни информации, од 1.400 денари и 819.240 тестови направени во ПЗУ за две години, станува збор за износ не помал од 18,6 милиони евра, не земајќи ги предвид и брзите антигенски тестови и повисоко наплатените цени кои се движеа и до 5.500 денари по тест“, потенцираат ревизорите.

Тие констатирале дека постои нерамномерен сооднос при вршењето на кардиоваскуларно – хируршки здравствени услуги во 2019 и 2020 година меѓу ЈЗУ и ПЗУ.

„Имено, Фондот има склучено договори со три ЈЗУ и две ПЗУ за што се исплатени 1.254.330 илјади денари од кои 95 отсто од услугите се вршат во ПЗУ. Најголем дел од услугите во ЈЗУ се извршени од ЈЗУ УК за државна кардиохирургија која иако располага со квалификуван кадар, ги нема потребните просторни услови, што неповолно влијае на обемот на вршењето на здравствената дејност“, се додава во соопштението на ревизорите.

Тие нагласуваат дека е неопходно Министерството за здравство да преземе активности за обезбедување на потребните услови во ЈЗУ, како би се постигнала поголема конкурентност на јавното здравство во областа на вршење на кардиоваскуларно-хируршки здравствени услуги.

„Особено што обемот на извршени услуги во ЈЗУ е значително помал од договорениот надоместок што им го исплатува Фондот, па зголемувањето на обемот на здравствени услуги нема да предизвика дополнително одлевање на значајни финансиски средства кон ЈЗУ, а ќе влијае на намалување на одливот на финансиски средства кон ПЗУ„, велат тие.

Исто така, во ревизорскиот извештај се наведени состојби на утврдени неправилности и непочитување на роковите при вршењето на контролите и изрекувањето на договорните казни, што пак влијаело да не се санкционираат здравствените установи кои не постапуваат согласно склучените договори со Фондот. Во извештајот стои дека во постапките за упатување за лекување во странство на осигурените лица не е обезбедена соодветна правна заштита и контрола, ниту пак систем на следење и анализи на успешноста на лекувањето. Ревизорите утврдиле дека Фондот има евидентирано аванси за лекување во странство дадени на странски здравствени установи во износ од 209.772 илјади денари, за кои нема точни информации за статусот на лекувањата поради необезбедена документација.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Промоција на винил компилација „Поп култура“, во чест на Мирко Попов

Вечерва ќе се одржи промоција на винил компилацијата „Поп култура“ во едукативниот културен центар „Лабораториум“, во рамките на платформата „Силата ЕУ Младите“. Изданието содржи песни од млади современи македонски поп...