Државните ревизори откриваат хаос во работењето на општина Струга

Сметката на општина Струга е блокирана од август 2010 година по основ на судска пресуда од Основниот суд Струга по одобрен кредит од 2000 година на „Проаква Струга“ во вкупен иснос од 3,7 милиони евра, откриваат Државните ревизори во извештајот за работењето на општината во текот на 2018 година.

Бил предвидено кредитот да се отплати до јули 2015 година, а гаранти за исполнување на обврските биле општините Струга и Охрид.

„На крајот на 2018 година според извештајот на Министерството за финансии налози за извршување по основ на кредитот има уште 30 милиони денари неизмирени обврски, а вкупно неизмирени обврски по основ на налози за извршување се 312,7 милиони денари“, се вели во извештајот.

Во него се додава дека на крајот на 2018 година општина Струга има неизмирени обврски кон добавувачи во износ од 314,7 милиони денари, во кој се евидентирани и обврски по кои се поведени судски спорови и извршни судски решенија.

Ревизорите укажуваат дека сите градоначалници од 2011 година и покрај континуирана блокада не прогласиле финансиска нестабилност, туку напротив влегувале во нови проекти и јавни набавки со што финансиските обврски на општината дополнително се зголемувале.

„Како мерка за надминување на финансиската нестабилност Собранието во 2018 година донело Закон за финансиска поддршка на единиците на локалната самоуправа за финансирање доспеани, а неплатени обврски. Согласно законот, општина Струга заклучно со септември 2018 година има пријавено вкупно 262,2 милиони денари неизмирени обврски. Врз основа на овие податоци и Законот кој предвидува распределување финансиски средства во висина од 51 отсто од износите на пријавените неизмирени обврски во ноември, 2018 година на наменската сметка на општина Струга од Буџетот на државата се исплатени 133,7 милиони денари“.

Математиката покажува дека ниту со финансиска поддршка од државата општината не може да излезе од тешката финансиска состојба пред се поради тоа што не се води сметка за домаќинско работење. На тоа укажуваат и ревизорите кои меѓудругото утврдиле дека општина Струга не наплаќа данок на имот ефикасно, ниту пак е ажурна во наплатата на надоместокот за уредување земјиште и другите давачки.