Коѕиас: Го решивме спорот со името со Северна Македонија


Москва, 13 јуни, 2018 - 16:39 (META) 

Надворешната политика на нашата влада е активна, демократска и повеќедимензионална. Во овие рамки, го решивме прашањето што официјално постои веќе 25 години, а вистински, најмалку 70 години, да се запре спорот за името со Северна Македонија.

Ова денеска го изјави шефот на грчката дипломатија, Никос Коѕиас, на прес-конференцијата за медиумите во Москва, по средбата со министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров.

„Постоеја и прашања со иредентизмот, кои со овој договор ги завршивме“, додаде Коѕиас.

Министерот за надворешни работи на Грција, одговарајќи на новинарско прашање за името го употреби новото договорено име Северна Македонија.


На граѓаните треба да им помогнеме, а не да им одмогнеме вели Заев за реакцијата на Иванов


Скопје, 12 јуни, 2018 - 11:42 (META) 

Граѓаните се тие кои ќе одлучат на референдум, а јас како премиер и господинот Ѓорге Иванов како претседател треба да им помогнеме на граѓаните, а не да им одмогнеме, одговори премиерот Зоран Заев на новинарско прашање во врска со соопштението од кабинетот на претседателот Ѓорге Иванов.

– Ние политичарите треба да им служиме на граѓаните и треба да градиме соработки, да ја унапредуваме Македонија во сите нејзини перспективи. Во таков случај, јас верувам дека ние ќе имаме состаноци, таму можеме да ги вадиме сите аргументи, секој да постапува согласно своите надлежности и да не заборавиме дека сме поставени од граѓаните. Тие не поставуваат, тие не менуваат и согласно за вака важно прашање одлучивме референдумското изјаснување да биде многу важно – рече Заев по отворањето на Бизнис форумот-инвестициски проекти и можности во секторите транспорт, енергетика и животна средина во Македонија.

Тој повтори кои се перспективите ако се реши проблемот, но и дека ќе направи се за да се склучи договор со Грција кој ќе биде достоинствен и ќе го сочувува нашиот идентитет и ќе ги чува интересите на граѓаните и обезбедувајќи им евроатлантска перспектива.

„Знаеме дека интеграциите ни се достапни, знаеме дека веднаш стануваме членка на НАТО, знаеме дека почнуваме преговори со ЕУ. Сето тоа ни е на повидок, наше е да одлучиме“, додаде Заев.

Апелираше до сите политички чинители да бидат внимателни и да им помогнат на граѓаните, а не да им одмогнат во демократското право на носење одлуки.


Иванов: Несериозно е прашањето за името да се решава преку телефон


Скопје, 12 јуни, 2018 - 10:23 (META) 

Кабинетот на претседателот, Ѓорге Иванов, оценува дека вчерашната изјава на премиерот Зоран Заев, дадена во емисијата „Топ тема“, дека евентуалното отфрлање на договорот со Грција ќе ги загрози перспективите на Македонија за влез во ЕУ и НАТО и ќе ги зголеми внатрешните опасности, претставува „очаен обид за манипулација на јавноста и наведување на македонските граѓани во пресрет на евентуално референдумско изјаснување“.

„Стратешките определби на Македонија за членство во Европската унија и во НАТО се јасно дефинирани и непроменети. Зачувувањето на уставното име и изнаоѓањето на решение кое нема да предизвика уставни промени, во никој случај не е насочено против интеграцијата на Македонија во Европската унија и НАТО. Склучувањето на меѓународен договор содржан во еден или повеќе поврзани меѓусебни документи треба да биде во согласност со Уставот на Република Македонија, а не да предвидува негова измена“, се вели во соопштението од кабинетот.

Во врска со повикот на премиерот Заев за поддршка на евентуалниот договор од страна на сите политички чинители, претседателот Иванов уште еднаш укажува дека е потребен широк национален консензус за изнаоѓање решение кое нема да го наруши достоинството на македонскиот народ и граѓаните.

„Претседателот Иванов смета дека е несериозно и неодговорно прашањето за името, кое е исклучително важно прашање за граѓаните на Македонија, и наметнати технички барања, да се решаваат телефонски и по пат на личен договор меѓу премиерите на двете држави“, се додава во соопштението.


Заев: Нацрт-спогодбата со Грција содржи само технички аспекти, за деталите ќе разговараме


Скопје, 20 март, 2018 - 16:21 (META) 

Премиерот Зоран Заев, за посетата на министерот за надворешни работи на Грција, Никос Коѕиас изјави дека ваквите билатерални средби може да бидат само од помош на преговарачкиот процес кој се води под водство на ОН со Метју Нимиц.

Тој додаде дека средбата е возвратна на посетата на нашиот министер Никола Димитров кој ја направи летово во Солун.

– Оваа средба е важна затоа што имаме слетување на нашиот аеродром од страна на министерот за надворешни работи на Грција. Тоа за мене е и мерка на градење на доверба. Тоа е исчекор за пријателството кое го создаваме. Знам дека ќе има и работна вечера заедно со министерот и тимовите на двете страни, ќе има билатерални состаноци и на работни групи во МНР, но ќе има состанок со мене и со други високи политички претставници во државата – одговори Заев на новинарско прашање.

Премиерот додаде дека формулациите за името, употребата, широчината, идентитетските прашања, кодовите се уште се на маса за преговори и тие се оставени како празни полиња, како што се оставени и од грчка страна.

– Деталите нема да ги кажам заради тоа што, деталите се од технички аспект на организирање на структура на меѓународен договор. Знаете дека нема ништо ново од последната средба од Виена, односно нема помрднување во позициите, а согласно тоа, не може да биде ништо ставено во какви било документи кои се на маса за разгледување – додаде Заев.

Тој објасни дека во однос на името „Горна Македонија“ со Грција немаат зборувано за која точно географска одредница се работи.

– Немаме разговарано за конкретно име ниту од наша ниту од нивна страна – додаде Заев.


Руско МНР: Балканските држави не треба да се тераат да брзаат кон ЕУ


Москва, 15 февруари, 2018 - 17:02 (META) 

Принципиелен став на Русија е дека најкомлицираните проблеми во регионот мора да ги решат самите балкански држави независно, без да се тераат да брзаат и да се ограничуваат само на формалните критеруми, или со други зборови – без никакво надворешно мешање.

„Ова се однесува на прашањата за границите, темата со именувањето на Македонија, и особено ситуацијата со Косово“, изјави портпаролката на Министерството за надворешни работи на Русија, Марија Захарова на денешната редовна прес-конференција, зборувајќи за Стратегијата на ЕК за Западен Балкан.

Захарова истакна дека Стартегијата на ЕК за Западен Балкан ја потврдува геополитичката цел на Унијата за понатамошно проширување и зајакување на нејзината улога во овој важен европски регион.

– Ние повеќе пати истакнавме дека Русија не се спротивставува на европската интеграција на Балканот, сè додека потенцијалните членки на ЕУ не мора да избираат помеѓу ЕУ и Русија – рече Захарова.


Каменос не верува дека проблемот со името ќе се реши до Самитот на НАТО


Атина, 29 јануари, 2018 - 19:06 (META) 

Лидерот на Независни Грци и актуелен министер за одбрана, Панос Каменос не верува дека до Самитот на НАТО ќе се исполнат сите предуслови за решение на проблемот со името, јавува Македонската информативна агенција (МИА).

Според него, преговорите ќе траат долго и потребно е да се направат уставни промени поради „иредентистичките позиции“. Неговата партија не отстапува од позицијата, во името да не биде вклучен терминот Македонија.

– Не верувам дека до Самитот на НАТО ќе биде направен толку голем напредок во преговорите, дека ќе биде завршена уставната промена, како дел од предусловите што ги поставува грчката влада за поранешната југословенска република. Сметам дека ако скопјаните навистина сакаат решение, ќе треба да го направат она што го направи Англија за нејзиниот влез во Европската унија. Ќе ве потсетам дека за Англија да влезе во ЕЕЗ, го смени името по барање на Де Гол, од Велика Британија во Обединето Кралство – рече Каменос.

Тој ги отфрлил сценаријата за напуштање на владината коалиција и истакна дека со СИРИЗА ќе го завршат четиригодишниот мандат даден од граѓаните.


Османи: Постои консензус терминот Македонија да се најде во можното решение за спорот за името


Скопје, 10 јануари, 2018 - 22:40 (META) 

Постои консензус, терминот Македонија да го има во која било варијанта во решавање на спорот за името, Грција го прифаќа тоа, но се уште не треба да влегуваме во таа расправа, рече вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи во вечерашното гостување на телевизија „24“, по неговото враќање од Атина и средбите со шефот на грчката дипломатија, Никос Коѕиас и со заменик-министерот за надворешни работи задолжен за европски прашања и меѓународни економски односи на Грција, Јоргос Катругалос.

Тој додаде дека се разговарало за можни варијанти за името, но како што кажа „нема да се помогне на процесот, ако јавно се лицитира со нив, бидејќи се уште не се созреани“.

– Некои од предлозите треба да бидат доволно созреани, за да можат да го издржат притисокот на јавноста. Не можам да навлегувам во детали, бидејќи нема да помогнам на процесот. Се обидуваме да најдеме прифатливо решение кое не мора да удира на најчувствителните вредности на двете држави – изјави Османи.

Тој додаде дека решавањето на проблемот е комплексен процес, но ја гледа волјата на двете влади да ги надминат притисоците на дневна политичка основа и да најдат решение.

– Се обидуваме да ги разглобиме сите аспекти на прашањето. Ова прашање има рационално јадро, но врз него се наталожени многу емоционални слоеви со текот на годините, кои треба да се тргнат – додаде Османи.

Според него, многу е важно да се искористи моментот за решавање на овој спор, за државата да влезе во НАТО, бидејќи како што кажа, е важно поради безбедносни причини.


Османи – Коѕиас: Имаме историска шанса да го решиме спорот за името, да не ја пропуштиме


Атина, 9 јануари, 2018 - 14:53 (META) 

Оваа, 2018 година, претставува историска шанса за надминување на недоразбирањето околу употребата на иметот на нашата земја, истакнал вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи на денешните средби со шефот на грчката дипломатија, Никос Коѕиас и со заменик-министерот за надворешни работи задолжен за европски прашања и меѓународни економски односи на Грција, Јоргос Катругалос во Атина.

– Како политичари кои ја добиле довербата да ги предводат своите граѓани, имаме обврска да покажеме зрелост и сериозност и да не ја пропуштиме оваа шанса – истакнал Османи, стои во соопштението за средбите од неговиот кабинет.

Тој додал дека во Македонија постои „јасно изразен оптимизам за затворање на ова прашања“ и изразил надеж дека заедно со „позитивните сигнали кои доаѓаат и од страна на Грција, ова прашање конечно ќе биде надминато“.

На средбите биле отворени и темите за меѓусебната соработка, унапредување на комуникацијата, како и останатите мерки за градење доверба меѓу двете земји.

– Имаме исклучителен напредок во комуникацијата меѓу двете земји, што води кон очигледно зголемување на довербата меѓу државите, но и севкупно, зголемување на довербата меѓу двете општества – истакнал Османи, додавајќи дека само преку создавањето искрена атмосфера на доверба може да се надминат отворени прашања.

Вицепремиерот за европски прашања, во тој контекст посочил дека во наредниот период очекува засилување на мерките за градење доверба во сите области, односно во економијата, културата, образованието, екологијата, меѓуграничната соработка, енергетиката, транспортот со што граѓаните ќе можат и директно да ги почувствуваат бенефитите од оваа соработка.


Заев не размислува за предвремени избори, туку за реформите и за спорот за името


Скопје, 17 октомври, 2017 - 13:06 (META) 

Не размислувам за предвремени парламентарни избори бидејќи сè уште се во тек локалните, а наш приоритет е тие да завршат комплетно регуларно и веродостојно, како и во првиот круг оти само тогаш Македонија победува, изјави премиерот Зоран Заев на денешната заедничка прес-конференција со претседавачот на Советот на министри на Босна и Херцеговина, Денис Звиздиќ.

Заев рече дека на резултатите од изборите гледа како на поддршка за работа, а не за повторни избори.

– Резултатите од локалните избори ми даваат дополнителна храброст за носење одлуки, вклучувајќи го и решавањето на спорот за името. Македонија има сериозни одлуки пред себе и треба да ги носи на еден транспарентен и инклузивен начин, меѓу другото и одлуките за проблемот што Грција ги има со нашето уставно име – рече Заев.

Во врска со спорот за името, тој потсети дека го повикал посредникот во разговорите, Метју Нимиц, уште во ноември, по изборите, да излезе со нови предлози, идеи и со можни решенија.

– Би ја повикал опозицијата да учествува во ова прашање, но во функција на наоѓање решение, а не на негово одложување, затоа што навистина сакаме Македонија да стане 30. членка на НАТО и затоа што е значајно за одлуките што ЕУ ќе ги носи напролет. Сите знаеме дека мораме да направиме нешто со овој сензитивен проблем наметнат од грчка страна – рече Заев.

Тој, во овој контекст, додаде дека е охрабрен од подобрувањето на односите со Атина во периодот по формирањето на Владата.

– Градењето на пријателството со Грција што го имавме сите овие месеци наназад дополнително мене лично и другите министри во Владата нè охрабрува за решавање на овој проблем, притоа внимавајќи на нашата поставеност во поглед на наоѓањето решение. Сигурен сум дека по изборите ќе има попрецизни и поконкретни стратегии и правци, но сигурен сум и дека ќе се разговара за решавање на овој проблем – подвлече Заев.


МПЦ-ОА: Договорот со Бугарија може да помогне во решавањето на црковните прашања


Скопје, 25 септември, 2017 - 17:36 (META) 

Договорот за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија, покрај регулирањето на општествената сфера, можат да помогнат и во решавањето на отворените црковни прашања, се вели во соопштението на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) по денешната седница на Светиот архиерејски синод.

„Во оваа јубилејна година за МПЦ – ОА, владите на Република Македонија и на Република Бугарија објавија акт за пријателство, добрососедство и за соработка, чин во кој може да се препознае модел за решавање на отворените прашања од минатото за да се гради иднината меѓу братските соседни народи во рамките на евро-интеграциските процеси. Ваквите договори, покрај регулирањето во општествената сфера, можат да помогнат и во решавањето на отворените црковни прашања и да остварат своја конструктивна рефлексија во градењето на релациите меѓу црковните структури во регионот“, стои во соопштенито на МПЦ.

По полувековен опстој на автокефалниот статус на МПЦ-ОА, се додава во соопштението, Синодот ја изразува својата надеж дека „се ближи времето кога Сеправославната црковна полнота ќе ја препознае и прифати македонската црковна реалност, олицетворена во автокефалната МПЦ – ОА“.

Инаку, на 30 септември и на 1 октомври, на денот на празникот Собор на сите македонски светители, во Охрид ќе се одржи централната прослава на 50 години од возобновувањето на автокефалноста на МПЦ – ОА. Синодот, во соопштението, ги повикува народот, свештенството и монаштвото да земат учество во прославата.