Наместо да покажува лажна загриженост, ВМРО-ДПМНЕ треба да објасни зошто уште во 2013 година гласаше против предлогот на пратениците на СДСМ за трајно решавање на проблемот со струшката депонија, порача СДСМ во одговор на денешното соопштение на ВМРО-ДПМНЕ, во кое партијата на власт беше обвинета за незаинтересираност и за неспособност за решавање на проблемот на стружани.

„ВМРО-ДПМНЕ 11 години го игнорираше овој, како и многуте проблеми на граѓаните, а пред неколку години како парламентарно мнозниство, го одби предлогот на пратениците од СДСМ, во буџетот на Република Македонија за 2014 година да се издвојат 90 милиони денари за конзервирање на градската депонија во Струга. Проблемот со струшката депонија се решава интензивно со сета расположлива механизација. Пожарот веќe e изгаснат, а ќе следува затрупување на депонијата и нејзино целосно расчистување. Владата предводена од СДСМ ефикасно и трајно ќе го реши долгодишниот проблем со струшката депонија“, се вели во реакцијата од СДСМ.