Николовски: Даночните постапки за земјоделците се поедноставуваат


Скопје, 11 јуни, 2018 - 16:45 (META) 

Со последните измените на Законот за персонален данок на доход, значително се поедноставуваат даночните постапки за земјоделците, порачаа на денешната заедничка прес-конференција министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски и директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска.

Со последните законски измени, се намали прагот за регистрација на овие даночни обврзници. Со измените на законот се зголеми прагот за остварени приходи од продажба на земјоделски производи од претходно 300.000 денари на 1.000.000 денари, за што земјоделците кои немаат дополнителни приходи во текот на годината, ќе имаат право на поврат на данокот на доход.

Николовски посочи дека на овој начин остануваат повеќе пари кај земјоделците, а дополнително ќе бидат ослободени од досегашните административни процедури.

„Кон крајот на годината УЈП ќе ги има сите пресметки за тоа колкава група на земјоделци ќе бидат опфатени и колку пари се враќаат кај земјоделците. Повратот ќе оди директно на земјоделците, а овој данок ќе се задржува од страна на откупувачите“, рече Николовски.

Тој додаде дека земјоделците нема да поднесуваат барање за регистрација како даночни обврзници, нешто што досега се вршеше, нема да плаќаат адмнистративни такси и нема да поднесуваат годишна даночна пријава.

Повратот на платениот данок ќе го врши Управата за јавни приходи и ќе се реализира по службена должност, по истекот на годината во која е остварен приходот, односно откако ќе завршат постапките за утврдување на годишните приходи и данокот за таа година.

Така, граѓаните ќе немаат обврска да доаѓаат во Управата и да поднесуваат барање за поврат и нема да плаќаат административни такси за барањето за поврат и за даночниот управен акт со кој се врши повратот, во вкупен износ од 300 денари.


Тевдовски: Зголемена е наплатата на даноците и забрзан е повратот на ДДВ


Скопје, 1 декември, 2017 - 14:12 (META) 

„Вкупните даночни приходи наплатени во 2017 година, заклучно со ноември, изнесуваат 95 милијарди денари и се за четири отсто повисоки споредено со истиот период од минатата година, што укажува на поволни движења во стопанството. Притоа, во периодот јануари-ноември се забележува повисока наплата на сите главни категории на даночни приходи, односно има годишен пораст кај персоналниот данок на доход од 7 отсто, кај данокот на добивка од 8,9 отсто, кај акцизите од 5,3 отсто и кај увозните давачки од 9,1 отсто“, соопшти министерот за финансии Драган Тевдовски.

„Приходите од ДДВ на бруто-основа во периодот јануари-ноември се повисоки за 6,6 отсто во однос на истиот период од претходната година. Притоа, наплатата на приходите од ДДВ е особено зголемена во периодот од септември до ноември 2017 година, кога бележи пораст од 9,7 отсто. Повратот на ДДВ во периодот јануари-ноември е за 3,3 милијарди денари, односно за 22,2 отсто повисок отколку истиот период во 2016 година. Соодветно, приходите од ДДВ на нето-основа во првите 11 месеци се за 1,3 отсто повисоки од соодветниот период претходната година“, се вели во соопштението од министерот Тевдовски.

Тој вели дека Управата за јавни приходи и Министерството за финансии во последните месеци реализираат побрз и повисок поврат на ДДВ во однос на минатата година. Поточно, во периодот септември-ноември 2017 година, повратот на ДДВ во стопанството изнесува 5,9 милијарди денари, односно е за 26 отсто повисок отколку истиот период претходната година.

Според соопштението, во последните неколку месеци значително е забрзана и динамиката на реализацијата на повратот на ДДВ во насока на редовно, неселективно и навремено враќање на ДДВ до фирмите во рамките на законскиот рок.


Тевдовски: Буџетот е тенок, но има пари за плати и за пензии


Скопје, 8 јуни, 2017 - 14:44 (META) 

На сметката на буџетот заклучно со 31 мај има 6,5 милиони евра, а на девизната сметка 209 милиони евра, пари од еврообврзницата, информираше денеска министерот за финансии, Драган Тевдовски.

Тој додаде дека во буџетот има доволно пари за сервисирање на тековните трошоци и за исплата на плати и на пензии. Парите од еврообврзницата, пак, ќе се користат за враќање на долговите до крајот на годината.

Тевдовски информираше дека секторот за буџет во Министерство за финансии веќе работи на подготовка за ребаланс на буџетот, кој можеби ќе се случи и порано од септември.

„Со ребалансот на буџетот сакаме да ги исчистиме неефикасните трошења, да видиме колку простор останува за да воведеме некои од мерките што се предвидени со програмата на Владата, како што е зголемување на минималната плата. Во јули веќе ќе треба да се почне и со проекциите за буџетот во 2018 година, во кој ќе бидат имплементирани најголем дел од економските мерки“, изјави Тевдовски.

Во однос на долгот на државата кон буџетските корисници, јавните претпријатија, јавните здравствени установи, институции и општините, Тевдовски додаде дека до сите нив се испратени барања за да ги достават потребните податоци, за да се види колку точно изнесуваат доспеаните неплатени побарувања. Тој податок треба да се има на истекот од првите 100 дена од работењето на Владата.

Јавниот долг, според министерот за финансиии, изнесува повеќе од 50 проценти од домашниот бруто-производ (БДП).

Прва поголема сума за враќање на кредит има во јануари следната година (90 милиони евра), но според Тевдовски, покритични се 2020 и 2021 година, кога треба да се враќа повеќе од една милијарда евра.

– Во стопанството има вишок ликвидни средства од 250 милиони евра кои се замрзнати. Една од опциите е да ги користиме овие пари, бидејќи граѓаните би плаќале помала камата. На средбата со гувернерот Димитар Богов разговаравме и за оваа опција на користење на овие евтини пари, чијашто камата би била помала од процентот на пораст на економијата. Затоа, кога ќе носиме одлуки, треба да гледаме долгорочно и да мислиме на долгот што треба да го враќаме за две-три години – додаде Тевдовски.

Во однос на даноците, ќе има зголемување на персоналниот данок, додека трошоците за придонеси на фирмите нема да се зголемат, а нема да има зголемување ни на данокот на додадена вредност (ДДВ).

Тевдовски информираше дека за една недела исплатиле поврат на ДДВ од две милијарди денари, што е половина од сумата исплатена во првите четири месеци од годината. Според него, со редовното враќање на овие средства ќе се раздвижи економијата и компаниите ќе почнат да размислуваат за инвестиции.

Тевдовски не најави намалување на платата на административците туку, напротив, ниската плата ја посочи како проблем поради кој во некои важни сектори, како на пример во Министерство за финансии, недостигаат кадри, како квалитетни ИТ-инженери.

На прашањето кој ќе биде прв човек на Управата за јавни приходи, Тевдовски кажа дека тоа сè уште се дискутира помеѓу коалициските партнери.


СДСМ: За подобар живот на граѓаните потребен е пораст на БДП поголем од 5 проценти


Скопје, 9 септември, 2016 - 17:14 (META) 

„Мизерниот животен стандард на граѓаните го потврди и Државниот завод за статистика со само 2,2 проценти пораст на домашниот бруто-производ (БДП). Од 2007 година, поради недомаќинското водење на економијата од страна на неодговорната власт, просечниот пораст на БДП е заглавен на ниво од три проценти, што е премалку за подобрување на животниот стандард на граѓаните“, се вели во соопштението на СДСМ.

Во него, исто така, се додава дека како резултат на „промашените економски политики“, државата денеска се соочува со брзорастечки јавен долг, забавен економски пораст, домашна неликвидност и намален меѓународен рејтинг.

– На Македонија ѝ се потребни и економски промени преку просечни стапки на економски пораст поголем од 5 проценти, кои ќе ги постигнеме преку структурни реформи и промена на структурата на домашниот бруто-производ. Преку поврат на дел од данокот на додадена вредност (ДДВ) кон граѓаните, ќе воведеме сегментиран државен стимул кај граѓаните со понизок доход, со што вистински ќе се стимулира потрошувачката компонента на БДП – се вели во соопштението на СДСМ.

Од опозициската партија додаваат дека ќе работат на зголемување на инвестицискиот потенцијал во приватниот сектор, со што ќе ги зголемат бруто-инвестициите како важна компонента на БДП.