Буш повика да се гласа „за“ на референдумот


Вашингтон, 19 септември, 2018 - 10:10 (META) 

Договорот од Преспа е храбар и фер компромис што ќе ја стави Македонија на патот кон ЕУ и НАТО и ќе и осигура светла иднина. Ги повикувам сите граѓани на Македонија да гласаат на референдумот и да учествуваат во носењето на оваа историска одлука, им порача на граѓаните на Македонија, Џорџ Буш помладиот, поранешен претседател на САД.

Во писмо до македонскиот народ, што го објави Атлантскиот совет во Вашингтон, Буш пишува дека уште од првиот ден на македонската независност Соединетите Американски Држави се постојан пријател на земјата и граѓаните.

– Американскиот народ се восхитуваше на вашето мирољубиво издигнувње од пепелта на Југославија. Ја почитуваме вашата храброст да се придржувате до демократските вредности и слободните институции. И го поддржуваме вашиот стремеж за остварување на напредок и безбедност во Европа, која е цела, слободна и живее во мир – вели Буш.


Никола Саркози приведен на распит поради парите од Гадафи


Париз, 20 март, 2018 - 10:16 (META) 

Поранешниот француски претседател Никола Саркози е приведен во полиција, поради истрагата поврзана со финансиските нерегуларности на неговата изборна кампања во 2007 година, јавија француските медиуми. Тоа е потврдено од Министерството за правда на Франција.

За време на 2014 година, француската телевизија „Франс – 3“ подигна бура откако ја емитуваше аудио снимката од разговорот со Моамер Гадафи. Покојниот либиски лидер тврдеше дека во 2007 година ја финансирал претседателската кампања на Саркози.

Во изминатата претседателска изборна кампања 2016/2017 година, Саркози категорично ги демантираше овие обвинувања.

Саркози беше претседател на Франција од 2007 до 2012 година.

Еден бизнисмен во интервју за информативниот портал „Медиапарт“ изјави дека на крајот на 2006 или почетокот на 2007 година пренесол повеќе куфери со вкупно пет милиони евра, испратени од либискиот режим на Гадафи, во француското Министерство за внатрешни работи. Саркози во тоа време беше министер за внатрешни работи.

Париското обвинителство во април 2013 година поведе истражна постапка за случајот.


Уапсен Михаил Саакашвили, поддржувачите протестираат во Киев


Киев, 9 декември, 2017 - 10:27 (META) 

Во главниот град на Украина, Киев, доцна синоќа беше уапсен поранешниот грузиски претседател, исто така и поранешен гувернер на областа Одеса во Украина и актуелен лидер на украинското опозициско Движење на новите сили, Михаил Саакашвили, соопшти јавниот обвинител на Украина, Јуриј Луценко.

Саакашвили се наоѓа во изолација, објави Луценко, додавајќи дека безбедносните сили при тоа сториле сè за да се избегне насилство и крвопролевање.

Група негови поддржувачи се собрале пред седиштето на Службата за безбедност во Украина по веста за неговото апсење.

Ова беше трет обид за апсење на Саакашвили, откако во претходните два неговите приврзаници не им дозволија на полицијата да го лишат од слобода.

Тој се товари за обид за уривање на уставниот поредок откако минатиот викенд организираше протести против украинскиот претседател Петро Порошенко.


Во сообраќајка загина Зоран Стефановски, поранешен претседател на Советот за радиодифузија


Скопје, 6 ноември, 2017 - 11:18 (META) 

Во сообраќајна незгода што се случила ноќеска во Скопје, загина Зоран Стефановски, поранешен претседател на Советот за радиодифузија.

Според полицијата, несреќата се случила околу еден часот по полноќ, кога Стефановски, кој управувал возило „рено меган“ со прилепски регистарски ознаки, излетал од патот и удрил во сообраќаен знак и рекламен билборд на крстосницата од булеварот Александар Македонски и сервисната улица која ги повзува со кружен тек булеварот Никола Карев и улицата Беласица.

Стефановски со возило на итна помош бил префрлен во градската хируршка болница „Свети Наум Охридски“, каде околу 1.20 часот им подлегнал на повредите.


Судењето на Панчевски за мобинг повторно одложено, тој пак не се појави во судот


Скопје, 7 февруари, 2017 - 15:36 (META) 

Поранешниот претседател на Основниот суд Скопје 1, Владимир Панчевски, и денеска не се појави во Граѓанскиот суд на рочиштето од судскиот процес што се води против него за мобинг, а по тужба од Горан Стаменковски, вработен во одделението за човечки ресурси на Кривичниот суд.

На денешното рочиште дојдоа неговите адвокати, кои пред судот наведоа дека немаат поднесено писмен одговор на тужбата и побараа да го изнесат во усна форма. На ова реагираа адвокатите на Стаменковски, кои инсистираа одговорот на тужбата да биде во писмена форма за да можат да приговараат по него.

Судот го прифати барањето на адвокатите на тужителот и донесе решение со кое на Панчевски, односно на неговите адвокати, им даде рок од 15 дена да достават одговор на тужбата во писмена форма.

По ова судот го одложи рочиштето и следното го закажа за 24 февруари.


Саркози се соочува со судење за нелегално финансирање на кампањата во 2012 година


Париз, 7 февруари, 2017 - 11:35 (META) 

Поранешниот претседател на Франција, Николас Сакрози, треба да седне на обвинитела клупа во судски процес против него за нелегално финансирање на неговата изборна кампања во 2012 година, пренесува „Би-би-си“, повикувајќи се на судски извори.

Саркози се соочува со обвинение дека неговата партија ги фалсификувала сметките за да сокрие 22,5 милиони евра од трошоците за кампањата за претседателските избори во 2012 година.

Поранешниот франциски претседател неколкупати претходно изјави дека, наводно, не знаел за прекумерното трошење.

Тој на претседателските избори во 2012 година загуби од Франсоа Оланд, а неуспешен беше и неговиот обид за влез во изборната трка на претседателските избори што оваа година треба да се одржат во Франција.

Случајот за кој на Саркози му се заканува судење е познат и како афера „Бигмалион“, во чиј центар се тврдењата дека партијата на Саркози, тогаш позната како УМП, соработувала со пријателска компанија за да ги сокрие вистинските трошоци за неговата изборна кампања.

Франција има ограничувања за тоа колку пари смеат да се потрошат за потребите на изборна кампања, поради што фирмата „Бигмалион“ фактурирала средства на име на партијата на Саркози, а не за кампањата, со што ѝ овозможила на УМП да ги зголеми трошоците и да потроши повеќе пари во изборната кампања.

Вработени во „Бигмалион“, како што пренесува „Би-би-си“, признале дека знаеле за измамата, а против неколкумина членови на УМП веќе се поднесени обвиненија.


Поднесена тужба за мобинг против Панчевски


Скопје, 28 декември, 2016 - 16:01 (META) 

Вработен во Кривичниот суд во Скопје пред седум дена во Основниот суд Скопје 2 поднел тужба за мобинг против поранешниот претседател на кривичниот суд, Владимир Панчевски.

– Тужбата е поднесена до овој суд на 21 декември 2016 година и таа во согласност со оперативниот систем АКМИС е распределена кај судија во одделот за работни односи, за понатамошно постапување согласно одредбите од Законот за парнична постапка – велат од одделот за односи со јавноста на Основниот суд Скопје 2.

Подносител на тужбата против Панчевски, како што објавија повеќе медиуми, е Горан Стаменковски, вработен во секторот за човечки ресурски во скопскиот Кривичен суд. Причина за поведување постапка пред суд од страна на Стаменковски бил начинот на кој Панчевски ги прераспределувал вработените во судот на различни работни позиции, исклучиво по сопствена желба и, наводно, без да внимава на личните квалификации на вработените. Дел од вработените, наводно, биле и казнувани со намалување на платата без никакви причини.

Инаку, на почетокот на ноември годинава, кривична пријава против Панчевски поднесе неговиот колега од Кривичниот суд, судијата Иван Џолев, со која го товараше за кривичното дело примање награда за противзаконито влијание. Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција ја отфрли кривичната пријава против Панчевски, со заклучок дека не станувало збор за кривично дело кое се гони по службена должност.

Инаку, Панчевски и Џолев, заедно со нивниот колега, судијата Владимир Туфегџиќ, се кандидати за избор на нов претседател на Основниот суд Скопје 1.


Египетскиот суд му ја потврди 20-годишната затворска казна на Мохамед Морси


Каиро, 22 октомври, 2016 - 17:13 (META) 

Египетскиот суд ја потврдил 20-годишната затворска казна на поранешниот претседател на земјата, Мохамед Морси, јавуваат светските агенции, повикувајќи се на извори од египетското правосудство.

Ова е прва правосилна пресуда против Морси во врска со обвинението кое го товари за убиство на демонстранти за време на протестите во 2012 година.

Морси, кој беше првиот демократски избран претседател на Египет, се соочува со кривична одговорност и за оддавање државни тајни на Катар, здружување со палестинската милитантна група Хамас и за организирање бегство од затвор во 2011 година.