Судењето на Панчевски за мобинг повторно одложено, тој пак не се појави во судот

Поранешниот претседател на Основниот суд Скопје 1, Владимир Панчевски, и денеска не се појави во Граѓанскиот суд на рочиштето од судскиот процес што се води против него за мобинг, а по тужба од Горан Стаменковски, вработен во одделението за човечки ресурси на Кривичниот суд.

На денешното рочиште дојдоа неговите адвокати, кои пред судот наведоа дека немаат поднесено писмен одговор на тужбата и побараа да го изнесат во усна форма. На ова реагираа адвокатите на Стаменковски, кои инсистираа одговорот на тужбата да биде во писмена форма за да можат да приговараат по него.

Судот го прифати барањето на адвокатите на тужителот и донесе решение со кое на Панчевски, односно на неговите адвокати, им даде рок од 15 дена да достават одговор на тужбата во писмена форма.

По ова судот го одложи рочиштето и следното го закажа за 24 февруари.