26.900 ученици стекнаа дополнително знаење за заштита на здравјето и животната средина


Скопје, 28 мај, 2018 - 16:26 (META) 

Околу 8.400 ученици од 112 основни училишта во 17 општини и оваа година се стекнаа со дополнително практично знаење од областа на здравјето и безбедноста.

Овој проект, организиран од Пивара Скопје, петта година по ред се спроведува во соработка со општините и основните училишта од целата земја. Вкупната бројка на ученици кои до сега имаа можност да се едуцираат за безбедни и здрави школски денови надмина 26.900.

„Проектот се реализира преку интерактивни презентации кои се прилагодени на возраста на учениците, преку кои тие, во присуство на своите наставници, добиваат совети за тоа како правилно да го носaт школскиот ранец, како да го држат телото при седење во училишната клупа, кога пишуваат или се пред компјутер и за тоа како да спречат повреди предизвикани од лизгање, препнување и паѓање. Дополнително, учениците добиваат и совети како да се грижат за животната средина, за хигиената во училиштето и надвор од него и за тоа како да постапат при евентуална појава на пожар во училиштето или во други објекти каде престојуваат“, информираат од компанијата.


Пивара Скопје ќе се жали за казната од 5,8 милиони евра од Антимонополска


Скопје, 23 мај, 2017 - 13:54 (META) 

Пивара Скопје во соопштение изрази разочараност од глобата од 5,8 милиони евра што ја изрече Комисијата за заштита на конкуренцијата поради диктирање цени. Од компанијата велат дека казната е многу голема и не соодветствува на досега изрекувани казни од македонската антимонополска комисија, но и со европската практика. Пивара Скопје ќе го обжали решението на Антимонополска на суд.

„Пивара Скопје АД категорично се противи на оваа одлука и ја изразува својата разочараност од неа. Во изминатиот период Пивара Скопје целосно соработуваше во процесот на утврдување на евентуалниот прекршок и со тоа го потврди својот позитивен однос и волја да се расчистат сите отворени прашања. Разочарани сме што Комисијата ја донела својата одлука без притоа да ги земе предвид аргументите на Пивара Скопје АД. Дополнително сме разочарани што Комисијата за заштита на конкуренцијата има изречено неразумно висока казна за Пивара Скопје, која не е во согласност со претходната казнена политика на Комисијата и воедно не кореспондира со одамна воспоставените практики на други тела надлежни за конкуренцијата во Европа и пошироко“, се вели во соопштението од скопската пиварница.

Сепак, компанијата е убедена дека Управниот суд ќе застане на нејзина страна.

„Пивара Скопје АД длабоко ги почитува правилата на конкуренцијата и е убедена дека денешната одлука ќе биде поништена од страна на судот, каде што компанијата ќе го изнесе случајот“, стои во соопштението.

Покрај скопската пиварница, глоба од 2,7 милиони евра доби Прилепска пиварница, за диктирање на цените и за вметнување обврски за неконкурирање со неограничено времетраење во договорите со нејзините дистрибутери.


Драконски казни од вкупно 8,5 милиони евра за скопската и прилепската пиварница


Скопје, 23 мај, 2017 - 13:26 (META) 

Високи казни од 5,8 милиони евра за Пивара Скопје АД Скопје и 2,7 милиони евра за Прилепска пиварница, поради диктирање цени, изрекла Антимонополската комисија.

Како што соопшти Комисијата за заштита на конкуренцијата, на вчерашната седница нејзината Комисија за одлучување по прекршок, донела решение според кое Пивара Скопје од 17.12.2012 година досега склучувала договори за продажба и дистрибуција на нејзините производи со независните дистрибутери, во кои се содржеле одредби со кои ја ограничувала способноста на дистрибутерот да одреди своја продажна цена, односно му наметнувала на дистрибутерот по која цена тој ќе продава на своите крајни купувачи.

„Ова значи дека дистрибутерот не може самостојно да си ја одреди цената по која ќе ги препродава истите производи на пазарот, што во услови на пазарна економија значи ограничување на конкуренцијата“, се вели во одлуката објавена на веб-страницата на Антимонополска.

Глобата изнесува 5,8 милиони евра (357.992.515 денари).

Исто така на вчерашната седница, Комисијата за одлучување по прекршок при Антимонополска донела идентично решение и за Прилепска Пиварница АД Прилеп, но во овој случај изрекла глоба од 2,7 милиони евра (166.778.900 денари).

Според решението, Прилепска Пиварница АД Прилеп склучувала исти договори како скопската пиварница, но со тоа почнала многу порано – на 3.11.2010 година.

Покрај тоа, според решението за Прилепска Пиварница, компанијата во договорите со дистрибутерите внесувала и обврски за неконкурирање со неограничено времетраење, без да се наведат повеќе детали.


Амбасадорот Пломп учествуваше во еко–акција за собирање отпад на кејот на Вардар


Скопје, 14 октомври, 2016 - 16:36 (META) 

Холандскиот амбасадор Ваутер Пломп и вработените и раководството на „Пивара Скопје“ и на компанијата „Пакомак“, исчистија повеќе од три километри од кејот на реката Вардар во Скопје.

– Како вљубеник во природата и планинар, забележувам дека загадувањето е голем проблем кој ги загрозува овие природни убавини. Единствен начин да се реши овој проблем е заеднички пристап на државните институции, бизнис-секторот и на граѓаните, а тоа е и причината поради која мојот тим и јас сме тука денеска, за со нашиот мал придонес да поттикнеме големи промени – изјави Пломп.

Во рамки на акцијата собран е целокупниот сув отпад, кој понатаму ќе биде селектиран и рециклиран, со што ќе се обезбеди негов соодветен третман.


„Пивара Скопје“ и „Кока Кола“ донираа 100.000 евра за настраданите во поплавите


Скопје, 10 август, 2016 - 13:27 (META) 

„Пивара Скопје“ и компанијата „Кока Кола“ донираа 100.000 евра, вода и волонтерска помош за настраданите во поплавите.

Од компанијата соопштија дека донираат по еден камион пакувана вода дневно од почетокот на поплавата, која се дистрибуира до населението во најпогодените населби.

– Трагичните поседици од оваа катастрофална поплава длабоко не трогнаа сите. Нашата првична реакција беше да се обратиме до нашите долгорочни партнери во Црвен крст и да понудиме помош за оние на кои им е најпотребна во подрачјата најмногу погодени од оваа природна катастрофа – изјави генералниот директор на „Пивара Скопје“, Јован Радосављевиќ при посетата на пунктот на Црвен крст во „Момин поток“.

Исто така и повеќе од 70 вработени од компанијата се ангажирани на волонтерска основа во пунктот на Црвениот крст, каде ги подготвуваат прехранбените пакети за погодените семејства и го поддржуваат Црвениот крст со други активности.


Јован Радосављевиќ e нов генерален директор на „Пивара Скопје“


Скопје, 1 март, 2016 - 11:42 (META) 

Функцијата генерален директор на „Пивара Скопје“ од денеска ќе ја извршува Јован Радосављевиќ. Тој на оваа функција доаѓа по Александар Ружевиќ, кој е унапреден на позицијата генерален директор на „Кока-кола ХБЦ“ за Србија и за Црна Гора.

– Ќе настојувам „Пивара Скопје“ да го продолжи трендот на пораст, фокусирајќи се на градењето доверба со купувачите, зголемувајќи ја љубовта на потрошувачите кон нашите брендови и обезбедувајќи понатамошен одржлив развој и вложувања во заедницата – истакна Јован Радосављевиќ, во својата прва изјава по стапувањето на функцијата генерален директор на „Пивара Скопје“.

Тој на оваа позиција доаѓа од местото комерцијален директор на „Кока-кола ХБЦ“ во Романија, каде во изминатите три години, благодарение на неговото стратешко лидерство и конзистентен пристап во претворање на пазарните можности во позитивни резултати, компанијата оствари двоцифрен пораст на продажба на портфолиото.