Нивото на водата на Охридско езеро се наближува до дозволената минимална кота


Охрид, 7 ноември, 2018 - 15:30 (META) 

Нивото на Охридското езеро од мај до денес е намалено за околу 80 сантиметри. Екологистите предупредуваат дека причина за ова се климатските промени и испарувањето на водата.

Екологистот Лазо Наумоски објаснува дека на годишно ниво од езерото испаруваат преку 350 милиони кубни метри вода годишно. Наумоски додава дека доколку продолжи ваквата состојба, најмногу ќе биде погоден живиот свет во езерото.

„Со климатскиве промени ќе се соочиме не само со намален водостој, туку да се намали и приливот на води. Доколку се изградат мини акумулации во Дебрца ќе може да интервенираме на езерото“ рече Наумоски.

Според него изградбата на две акомулации во Дебрца ќе биде решение за регулацијата на езерото, но треба што поскоро истото да се имплементира за да нема вакви големи осцилации со водата.

Активистите на „Охрид СОС“ неодамна соопштија дека големите разлики се резултат на несоодветниот начин на регулирање на истекот на Охридското езеро во реката Црн Дрим, по чие течение на македонска страна се наоѓаат две хидроцентрали.

„Затворете ги испустите на Дрим кај Струга. Водата во Охридското езеро е значително намалена. Во каналов „Студенчишта” има влезено поголема количина на плашица која може да угини поради недостаток на кислород. Билјанини извори секнаа од пумпите на Водовод, па нема дотур на свежа вода во каналов” стои во објавата на „Охрид СОС“.

Од ЕЛЕМ пак се, децидни дека испустот е на минимум. Велат дека место за паника нема, бидејќи најновите мерења покажуваат дека нивото водата е 16 сантиметри над дозволената минимална кота, а состојбата постојано се следи. Од ЕЛЕМ очекуваат пораст на нивото на езерото со најавата на есенските дождови.


Двојно зголемено нивото на Вардар кај Јегуновце и Велес


Скопје, 27 август, 2018 - 11:20 (META) 

Двојно е зголемен водостојот на реката Вардар кај Јегуновце и Велес, како и на Црна Река кај Новаци.

Денешните хидролошки мерења на Управата за хидрометеоролошки работи покажуваат дека скоро кај сите реки е забележано зголемување на нивото во однос на августовскиот просек, освен на Крива Река и Брегалница.

Кај езерата нема позначителни промени во споредба со августовскиот просек.


Водостоите на реките двојно повисоки за просекот во март


Скопје, 30 март, 2018 - 11:10 (META) 

Водостоите на сите реки се зголемени, а двојно повисоки од денешниот просек за март се нивоата на Треска кај Македонски Брод и Сатеска кај Ботун.

Според информациите на УХМР, пониски нивоа на водостоите има на Брегалница и Црна Река. Зголемувања на нивоата има и на Охридското, Преспанското и Дојранското Езеро.

УХМР за викендов најавува врнежи од дожд и топење на снежната покривка што дополнително ќе ги зголеми водостоите.


Се намалува водостојот на реките, но е повисок од просекот за март


Скопје, 9 март, 2018 - 9:55 (META) 

Водостојот на Вардар денеска е понизок од вчера, но се уште е над просекот за март, покажуваат најновите хидролошки мерења.

Кај Јегуновце и кај Велес денеска нивото на Вардар е за 20 сантиметри пониско од вчера, кај Зајчев Рид е за четири сантиметри пониско. На исто ниво како вчера е водостојот на Вардар кај Демир Капија.

За 17 сантиметри е намалено и нивото на Треска кај Македонски Брод, а пониски во однос на вчера се и водостоите на скоро сите реки во државата. Исклучок се Брегалница, Крива Река и Црн Дрим кај кои е забележано минимално зголемување на водостоите.


ДЗС: Излеаната вода од реките се повлекува, водостојот се нормализира


Скопје, 3 декември, 2017 - 14:57 (META) 

Водостојот на реките е во опаѓање, а водата на излеаните места веќе почнува да се повлекува, информираат од Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС).

Од дирекцијата додаваат дека од страна на единиците на локална самоуправа и на јавните комунални претпријатија, преземени се сите активности за нормализација на состојбата со излевањето на водотеците. Според ДЗС, во моментот нема потреба од ангажирање на силите и на средствата на Дирекцијата за заштита и спасување доколку не дојде до влошување на состојбата и на хидрометеоролошките услови.

Управата за хидрометеоролошки работи, исто така, информира дека според податоците од хидролошките станици низ земјата, се забележува намалување на водостојот на реките. Исклучок се поединечни хидролошки станици кои се лоцирани во долните теченија на реките и кај кои е регистрирано извесно зголемување, што е очекувано.

„И овие зголемувања се незначителни, така што се очекува нивно постепено стабилизирање. Во текот на денешниот ден се очекува врнежите да престанат и водостојот на реките низ земјава постепено да почне да се намалува“, велат од УХМР.


Обилните врнежи го зголемија водостојот на сите реки


Скопје, 2 декември, 2017 - 10:20 (META) 

Обилните врнежи од дожд го зголемија водостојот на сите реки во земјава, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи.

Двојно е зголемено нивото на реките Вардар, Треска, Крива Река и Сатеска, а над просекот за ноември е водостојот на реките Пчиња, Брегалница, Црн Дрим и Црна Река.

Кај езерата, минимално е зголемено нивото на  Дојранско Езеро, додека Охридско и Преспанско Езеро се околу просекот.


Нивото на Вардар на три места во Скопје е критично


Скопје, 1 декември, 2017 - 15:45 (META) 

По обилните врнежи што го зафатија Скопје во текот на изминатата ноќ, утрово се состанал штабот за заштита и за спасување на Град Скопје, за координација на активностите за превентивно дејствување за заштита од можни излевања на реката Вардар во Скопје.

Началникот на штабот за заштита и за спасување на Град Скопје, Емил Дуровиќ, информираше дека нивото на реката Вардар на три места е критично, и тоа на потегот од скејт-паркот до мостот Слобода кај „Холидеј ин“, под зградата на ПИОМ и во Долно Лисиче, каде што завршува регулацијата на реката Вардар. Тој додаде дека околу 10.000 вреќи со песок набргу ќе почнат да се поставуваат на овие критични точки.

Според него, градежните активности што се дел од проектот „Скопје 2014“, а се преземаат во коритото на реката на потегот од мостот Гоце Делчев до Камениот мост, видливо ја намалуваат проточноста на коритото и создаваат проблеми при надојдена вода.

– Работници од јавните градски претпријатија со механизација веќе се на терен и го санираат насипот меѓу Горно и Долно Лисиче, кај железничкиот мост, што пред две години го подигнаа екипите на ЈП „Улици и патишта“, а кој во меѓувреме беше уништен од несовесни граѓани на должина од 150-200 метри. Подготвени се и пумпи за исцрпување вода, и тоа четири големи пумпи со капацитет од 8.700 литри вода во минута, како и околу 40 помали пумпи, кои ќе се стават во функција ако за тоа се јави потреба. Штабот за заштита и за спасување на Град Скопје ќе дежура во текот на 24 часа и ќе ја следи состојбата на теренот, во соработка со Регионалниот центар за управување со кризи. Сакаме да нагласиме дека Градот Скопје е подготвен да се справи со оваа состојба и дека нема место за паника – изјави Дуровиќ.


Зголемен водостојот на Вардар, Брегалница и на Дојранско Езеро


Скопје, 18 ноември, 2017 - 11:42 (META) 

Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) регистрирала повисоки водостои во однос на просекот за ноември на реката Вардар кај Зајчев Рид, Велес и кај Демир Капија, како и на реката Брегалница кај Берово.

Регистриран е значително зголемен водостој и на Дојранско Езеро, додека нивоата на Охридско и на Преспанско Езеро се во рамки на просекот за овој период од годината.

Под просекот за ноември се нивоата на Вардар кај Јегуновце, Треска кај Македонски Брод, Пчиња кај Катлановска бања, Крива Река кај Крива Паланка, Црна Река кај Новаци и Црн Дрим кај Ложани.


Нивото на Охридско Езеро е осум сантиметри над минималното


Охрид, 7 ноември, 2017 - 10:53 (META) 

Водостојот на Црн Дрим на мерното место Ложани е за шест пати понизок, а на Црна Река кај Новаци за речиси четирипати помал од просекот за ноември, покажуваат податоците на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).

Водостојот и на другите реки во земјава е под просекот за ноември, а нивото на Охридското Езеро е осум сантиметри над дозволеното минимално ниво и изнесува 693,18 метри.


ЕЛЕМ секојдневно на интернет ќе објавува податоци за нивото на Охридско Езеро


Скопје, 27 септември, 2017 - 14:47 (META) 

ЕЛЕМ на својата официјална веб-страница почна да ги објавува податоците за нивото на Охридско Езеро, информираат од компанијата.

„На линкот http://www.elem.com.mk/?p=6755 посетителите ќе можат секојдневно да го следат нивото на езерото, а покрај моменталната состојба, се поставени и податоци за минималната и за максималната кота. Објавените податоци се според сопствените мерења на компанијата, што АД ЕЛЕМ, подружница ХЕС „Црн Дрим“ ги врши со водомерна летва во близина на градското пливалиште во Струга – велат од ЕЛЕМ.

Од компанијата додаваат дека новите содржини на веб-страницата се за да обезбедат поголема транспарентност во работењето, како и во интерес на засегнатата јавност.

Директорот на ЕЛЕМ, Драган Миновски, при посетата на Охрид викендов изјави дека производството на електрична енергија од акумулациите „Глобочица“ и „Шпилје“ не смее да влијае негативно врз водостојот на Охридското Езеро, а со тоа и врз езерскиот еко-систем.