Невработеноста лани изнесувала 22,4 проценти


Скопје, 16 март, 2018 - 14:37 (META) 

Бројот на невработени лица лани изнесувал 213.564 што претставува 22,4 проценти од активното население во државата, објави Државниот завод за статистика.

Во 2016 година, стапката на невработеност изнесувала 23,7 проценти и бележи намалување за 1,3 отсто.

Лани, активното население броело  954.212 лица, од кои вработени се 740.648 или стапката на вработеност изнесувала 56,8 проценти.


Невработеноста била 21,9 отсто во последното тромесечје на 2017 година


Скопје, 9 март, 2018 - 15:57 (META) 

Според податоците на Државниот завод за статистика, во четвртото тримесечје од 2017 година, активното население во Република Македонија броело 953.692 лица, од кои вработени се 745.206, а 208.486 лица се невработени.

Стапката на активност во овој период изнесувала 56,8 отсто, стапката на вработеност 44,3, додека стапката на невработеност била 21,9 отсто.

Во однос на претходниот, третиот, квартал на 2017 година, невработеноста се зголемила за 0,8 проценти, а во однос на четвртиот квартал на 2016 година е пониска за 1,2 проценти.


ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ нема право да зборува за невработеноста


Скопје, 13 мај, 2017 - 19:36 (META) 

СДСМ е политичка партија што нема никакво право да зборува за невработеноста и за економијата во Република Македонија, порача ВМРО-ДПМНЕ во реакција на соопштението на СДСМ за стапката за невработеност.

Според ВМРО-ДПМНЕ, народот ја памети СДСМ „само по уништувањето на македонската економија за сметка на личниот интерес на нивната врхушка. Во време на владеењето на СДС, невработеноста достигна високи 38 отсто, благодарение на нивните лични интереси и на погубните политики што ги спроведуваа. Граѓаните единствено ја паметат СДС по празните ветувања, кои останаа синоним за уништување на државата и на просперитетот на граѓаните. За разлика од нив, ВМРО-ДПМНЕ успеа да ја намали невработеноста од рекордни 38 отсто кои ги затекнавме од СДС, на ниски 24 отсто“, се вели во реакцијата од ВМРО-ДПМНЕ.


СДСМ: Сè поголем е бројот на млади без работа, новата влада ќе се зафати со проблемот


Скопје, 13 мај, 2017 - 16:09 (META) 

„Дури и контролираниот Државен завод за статистика не може повеќе да сокрие дека младинската невработеност се зголемува. Лани повеќе од 48 проценти од младите од ДЗС биле регистрирани како невработени“, реагира СДСМ.

„Ова претставува сериозен проблем за економската иднина на земјата. Затоа најмалку 626.312 граѓани заминаа од Македонија, од кои најголем број млади. Ова потврдува зошто мора итно да се овозможи формирањето на новата реформска влада. Преку младинска гаранција за вработување, пракса или дошколување по завршувањето факултет, преку иновациски центри со бесплатен деловен простор, поволни кредити за микро-бизниси, основање фирма со 1 евро… ќе ги отвориме перспективите за вработување, напредок и за кариера на младите и ќе ги мотивираме да работат и да живеат во Македонија“, се вели во соопштението од партијата.


Две штипјанки ги загубиле работните места бидејќи останале бремени


Штип, 23 февруари, 2017 - 18:23 (META) 

На две штипјанки не им биле продолжени договорите за работа, бидејќи останале бремени. Тие случаите ги пријавиле во Комисијата за заштита од дискриминација при Општината Штип, но тоа не ги спасило од статусот невработени мајки.

Ова како податок го изнесе Снежана Санева од Комисијата за заштита од дискриминација, а дека отказите не добиле завршница во институциите на системот, потврди и заменичката на народниот правобранител, Елена Ѓорѓоноска-Маневска, во чија канцеларија нема ниту една претставка за дискриминација.

Покрај родовата припадност, дискриминацијата при вработување е најчеста основа за обесправување во државата, покажало истражувањето на невладините организации ХЕРА и Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“. Преку проект, организациите ќе се обидат да им ја доближат работата на оваа сензитивна тема и на граѓаните во градовите од внатрешноста.

– Се утврди потребата повеќе да се работи на локално ниво. На национално ниво, т.е. во Скопје, ја имаме Комисијата за заштита од дискримацијата, која е централизирано тело и е потешко достапно за граѓаните од другите градови – изјави Драгана Дрндаревска при презентирање на проектот во Штип.

Во рамките на овој проект ќе бидат формирани координативни тела во општините Штип, Куманово и Струмица, каде ќе можат да се пријавуваат облици на дискриминација.


Секој втор работник е пријавен на плата пониска од таа што реално ја добива


Скопје, 26 октомври, 2016 - 10:22 (META) 

Речиси секој втор работник е пријавен на плата која е пониска од таа што реално ја добива, односно на секој втор работник му се исплаќаат придонеси за здравствено и за социјално осигурување на плата која е пониска од реалната.

Ова го покажала анкетата спроведена од Центарот за истражување и креирање на политики (ЦИКП), во текот на мај и на јуни годинава.

– Еден од десет работници воопшто немаат потпишано договор за работа со својот работодавец, со што, покрај социјалните придонеси, се избегнува и плаќањето данок на приход. Последиците можат да бидат слаба или неквалитетна социјална и здравствена заштита, необјективна процена на големината на домашниот бруто-производ, нереален број на невработени, односно вработени и социјално загрозени лица, голема стапка на даночна евазија и помал буџет, што претставува предизвик и за фискалната политика на државата – се вели во истражувањето на ЦИКП.

Оттаму велат дека одговорноста за нецелосното исплаќање придонеси најмногу лежи кај работодавците, но дел од вината носат и работниците кои ги прифаќаат таквите услови.

– Резултатите покажуваат дека околу 22,1 отсто од испитаниците би прифатиле да работат непријавени доколку поради тоа би примале повисока плата. Покрај тоа, фактот дека 62,7 проценти од испитаниците (во споредба со 56,4 проценти во 2014 година) изјавуваат дека задолжителното здравствено и социјално осигурување не им обезбедуваат доволно чувство на сигурност, може да се смета за дополнителна причина за прифаќањето на непријавена работа – се додава во истражувањето.

Целта на оваа анкета била да се утврдат различните форми на скриени економски активности денес и да се споредат со резултатите од истата анкета направена во октомври 2014 година.


Стапката на невработеност изнесува 24 проценти во второто тримесечје


Скопје, 9 септември, 2016 - 14:29 (META) 

Во второто тримесечје од годинава, стапката на невработеност изнесува 24 проценти, објави Државниот завод за статистика.

Бројот на активно население е 948.376 лица, од кои вработени се 720.674, а 227.702 се невработени.

Во однос на првиот квартал, стапката на невработеност е намалена за 0,5 отсто.


Ердоган им нареди на директорите на компаниите да вработат по еден невработен


Истанбул, 10 мај, 2016 - 11:33 (META) 

Секоја компанија нека вработи по еден невработен, тоа е едноставно решение за невработеноста, предложи турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.

Повикувајќи ја главната организација на турски работодавци, Ердоган изјави дека таа денес брои 1,5 милиони членови и ако секоја од компаниите вработи по еден, тоа значи работа за исто толкав број невработени.

– Парите нема да ги однесеме со нас во гроб, ќе останат овде. Кога веќе е така, да им дадеме работа на тие што ја немаат – изјавил Ердоган.

Тој додал дека компанијата на тој начин нема да пропадне, туку, напротив, ќе има корист.

Неговото сè поголемо мешање во бизнисот ги загрижува турските бизнисмени, пренесува агенцијата „Франс прес“.


Невработеноста се намали на 25,5 проценти


Скопје, 11 декември, 2015 - 14:00 (META) 

Во третиот квартал од 2015 година, невработеноста опадна на 25,5 проценти, објави Државниот завод за статистика.

Тоа претставува намалување од 1,3 проценти во однос на вториот квартал, кога невработеноста изнесуваше 26,8 проценти.

Активното население во Македонија брои 954.610 лица, од кои вработени се 711.380, а 243.230 лица се невработени.

 


Рударите на „Индоминерали и метали“ на листата на невработени


Пробиштип, 7 декември, 2015 - 17:17 (META) 

На листата на невработени во Агенцијата за вработување пријавени се најдоа близу 1.000 довчерашни вработени рудари во рудниците на индиската компанија „Индоминерали и метали“ во Пробиштип и во Крива Паланка.

Сепак, за првите пари од државата, односно стечајниот надоместок, рударите ќе почекаат до средината на јануари. Инаку, последната исплатена плата е августовската.

На работа останаа само осумдесетина вработени на одржување на рудниците. Нивна задача е да ги заштитат окната од поплавување.

Во меѓувреме, стечајната управничка Владица Ивановска до среда ги очекува пријавите од побарувањата на доверителите. Долгот што „Индоминерали и метали“ го има кон рударите дополнително ќе се утврдува.

Рударите се надеваат дека стечајната постапка ќе оди побргу, а државата ќе најде нов концесионер за рудниците.

Затворањето на рудниците е нов удар за слабиот економски регион со висок процент на невработеност.