Министерството за труд и социјална политика (МТСП) и Агенцијата за вработување информираат дека на 16.012 невработени лица корисници на паричен надоместок и стечајци исплатени се 156.649.277 денари (над 2,5 милиони евра) за месец мај. Исплатата е во согласност со Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност и Законот за материјално обезбедување на невработените лица, поради приватизацијата на претпријатијата со доминантна сопственост на државата.

„Со последните дополнувања на регулативата, работниците кои поради корона кризата останале без работа во периодот од 11 март до 30 април, по потпишана спогодба, отказ или лична изјава, независно од времето поминато во работен однос, можат брзо да дојдат до парична помош. За да добие паричен надоместок во времетраење од два месеца, невработеното лице треба да достави барање до надлежниот центар за вработување на Агенцијата за вработување. Не дозволуваме невработените лица да завршат во сиромаштија“, соопштија од МТСП.