fbpx

Српскиот претседател Вучиќ се фали со непостоечка „историски ниска невработеност“ во Србија

-

Во рамките на својата програма за борба против дезинформациите и лажните вести, што на Балканот многу лесно ги минуваат границите и бргу осамнуваат во медиумите на друга држава и понекогаш и на друг јазик, „Мета.мк“ редовно пренесува што е актуелно кај сродните сервиси за проверка на фактите и борба против дезинформациите во регионот, но и во светот.

Српскиот сервис за проверка на фактите istinomer.rs разгледал една бомбастична изјава на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, кој тврди дека во моментов Србија бележи историски најниска невработеност во својата историја – не од 1990 година, туку уште од почетокот на новата српска државност, во 1878 година.

„Србија е на историски минимум. Никогаш не сме имале помалку невработени во историјата на Република Србија. И тоа не онаа од 1990 година, туку од кога сакате. Од 1878, од кога сакате, макар што не се мерело, не постоела ЕУРОСТАТ методологијата“, рекол Вучиќ во гостување на телевизијата Пинк.

Потсетувајќи дека повеќепати досега ги анализирал изјавите на претседателот и други политичари во врска со статистиките за бројот на вработени и невработени лица во Србија, и притоа открил и невистини изјави и злоупотреба на фактите, istinomer.rs појаснува дека процентот на невработени навистина е понизок во последниот квартал во однос на претходниот, но ако се погледне како се доаѓа до тие стапки, ќе се види дека самата бројка не значи ништо без подетален контекст.

Стапка на невработеност од 7,3 отсто и неактивното население

Вучиќ првин рекол дека невработеноста е на историски минимум, а Републичкиот завод за статистика (РЗС) потоа се огласил со конкретни бројки. Во вториот квартал на 2020 година бројот на вработени во Србија изнесуваше 2.844.000, а бројот на невработени 222.900. Стапката на вработеност за тој период изнесува 48,2 отсто, а стапката на невработеност 7,3 отсто“, соопштил РЗС.

Според податоците на Анкетата за работната сила за другиот квартал на 2020 година, како што се наведува во соопштението од РЗС, „кај населението постаро од 15 и повеќе години дојде до намалување на вработеноста за околу 33.000 и невработеноста за околу 87.000, на сметка на зголемување на неактивноста за околу 113.000 во споредба со првиот квартал 2020.

Што значат овие бројки? Според економистот на Фискалниот совет – ништо значајно.

„Невработеноста во Србија во вториот квартал е намалена само поради тоа што помалку луѓе барале работа. Вкупните движења на пазарот на трудот во вториот квартал, беа неповолни, што во целост се очекување. По дефиниција, статистиките на невработени ги прават само оние луѓе што активно бараат работа, но не може да најдат“, објаснил за агенцијата „Бета“ главниот економист на Фискалниот совет, Дарко Брчеревиќ, пренесува istinomer.rs.

Сервисот потоа ги пренесува објаснувањата на поимите, наведени на веб-сајтот на РЗС.

Вработени се лица коишто најмалку еден час во набљудуваната седмица вршеле некоја платена работа (во пари или натура), како и лица коишто имаат работно место, но во таа седмица отсуствувале од работа. Во Анкетата не се зема предвид формалниот статус на лицето што се анкетира, туку работниот статус на тоа лице се одредува врз основа на реалната активност што ја вршело во набљудуваната седмица.

Невработени се лица што во набљудуваната седмица не вршеле ниту една платена работа, ниту пак имале работно место од коешто отсуствувале и на коешто можеле да се вратат по истекот на отсуството, а еден од условите е во последните четири седмици да преземале активни чекори за наоѓање работа.

Активното население (работната сила) го сочинуваат сите вработени и невработени лица.

Неактивното население го чинат сите лица постари од 15 и повеќе години што не се вброени во активното население.

Промена на методологијата и вообичаените злоупотреби

Методологијaта што се користи за мерење на вработеноста и невработеноста во Србија се менувала. Анкетата за работната сила што се спроведува од 1995 година, до 2008 година се вршела еднаш годишно, а потоа до 2014 година двапати годишно. Оттогаш се врши четири пати годишно.

Ако се занемари тврдењето на Вучиќ за невработеноста од 1878 година, и ако се земат предвид 1990-тите, проблем не е само промената на методологијата, туку и на самите термини, нагласува istinomer.rs

Така, во анализите правени од овој сервис досега, било нагласувано дека поимот „вработени“ до 1994 година ги опфаќал само фирмите во општествена сопственост и приватните претприемачи и вработени кај нив, а од 1995 година се воведуваат „и други облици на сопственост – државни, приватни, мешовити и задружни“.

Исто така, дури од 1997 година Републичкиот завод за статистика ги вклучува „вработените во мали претпријатија (до 50 вработени), што не се опфатени со редовно истражување, а за кои податоци се добиваат со оценување врз основа на Анкетата за дополнување на полугодишното истражување за вработените“.

Значи, претседателот Вучиќ повторно меша баби и жаби, истакнувајќи „историски“ успех, којшто во околности на измени на методологијата, на значењето на поимите и на бројки извлечени од контекстот – не значи многу. Поради тоа, иако стапката на невработеност навистина е најниска гледајќи ја статистиката од последните години, коишто може да се споредуваат, неговата изјава за историски минимум на стапката на невработеност добива оценка „злоупотреба на фактите“, нагласува istinomer.rs.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Бесплатно демо за платформската игра „Бласфемос“

На Steam може да се симне бесплатно демо од играта Blasphemous. Станува збор за платформска игра за возрасни која функционира како Souls игра, а естетски наликува на старата добра...